КУПИ ДЕН, ПОМИНИ Радијаторите ќе останат млаки, гас се купува само за неколку дена

Групација БЕГ во моментов ги користи сите свои тековни средства за набавка на ограничени количини природен гас за неколкудневна испорака, велат од компанијата.

1,652

Не стивнуваат реакциите на граѓаните дека имаат проблем со снабдувањето со топлина, млаки радијатори, а топлина добиваат 1 час подоцна од предвиденото со правилникот на Регулаторната комисија за енергетика. Компаниите снабдувачи тврдат дека испорачуваат топлинска енергија според правилата, а детектираните дефекти ги отстрануваат навреме. Моментално обезбедуваат природен гас за дневните потреби и очекуваат субвенции од владата. Регулаторната комисија, пак, ги повика граѓаните да го искористат правото на жалба до компаниите. Експерти и добри познавачи на проблематиката велат дека поради необезбедените количини на гас за цела сезона и монополската положба во дејноста, радијаторите сѐ почесто ќе остануваат млаки, а граѓаните незадоволни иако ќе плаќаат повисоки сметки. И опозицијата ја повика владата да не калкулира и да ги обезбеди потребните количини гас за нормално греење во Скопје, а ако не е способна тоа да го направи, да распише брзи избори.

– Од Нова година радијаторите се млаки. Мораме да вклучуваме греалки на струја. Сега покрај високата сметка за БЕГ ќе плаќаме уште повеќе за струја. Вака е сега кога е потопло, а како ќе биде, ако температурата оди многу степени под нулата? – прашува скопјанка од Карпош.






Граѓанин од Чаир, пак, вели дека во екот на грејна сезона ќе мора да купува инвертер, зашто парното не работи.

– Изѕемнавме, а имаме и мали деца. Парно плаќаме цела година, а кога ни е потребно го нема. Велат не плаќале за парното на Скопје север и затоа немале пари да купат гас. Па и општината не плаќала. Што да правиме сега ние кои редовно плаќаме, а немаме топлина? Што прават тие во Скопје север, дали работат нешто? Ние треба да им ја подобриме наплатата или тие имаат законски механизми и не ги користат. Па после се чудат зошто се откажува парното и се купуваат инвертери во овој дел од Скопје – вели тој.

Маријан Ненов од невладината „Но пасаран“ вели дека скопјани најверојатно нема да имаат топли радијатори во целата грејна сезона, но нивните сметки ќе бидат повисоки за 14 отсто.

– Компаниите снабдувачи со топлинска енергија ја почнаа грејната сезона без да обезбедат доволно количини гас, а месечните набавки тешко дека ќе можат да ги реализираат со оглед на случувањата со овој енергенс во Европа. Во меѓувреме, сѐ почести ќе ги оставаат млаки радијаторите за да добиваат време, а граѓаните ќе бидат незадоволни. Сѐ додека во снабдувањето со топлина имаме монопол кој управува и со цената на испорачаната топлина и со џебовите на граѓаните во Скопје ќе имаме секоја сезона ваква состојба – вели тој.

Решението на проблемот, според него, е во враќањето на парното кај граѓаните, односно во Град Скопје.

– Решение има, а тоа е да се предаде парното на Град Скопје како што планираше претходниот градоначалник, но притоа ќе треба да им се застане на пат на одредени олигарси кои го кочат процесот и се борат за сопствените профити. Веќе е формирано јавно претпријатие ГЕС кое треба да се стави во функција, а државата да му ја предаде на управување мрежата на Градот и да го реши проблемот со нејзина легализација. Моменталниот проблем немаше да го има ако снабдувачите навреме обезбедија природен гас и потребните резерви на мазут кои им се пропишани со правилата за снабдување со топлинска енергија – вели Ненов.

Според него, граѓаните во случаите кога се незадоволни од греењето имаат опција да се жалат кај компаниите првостепено, потоа кај Регулаторната комисија за енергетика и да тужат.

– Секако оние кои ќе се одлучат да тужат ќе треба да бидат поупорни и да го искористат патот по кој одеа исклучените од парно и одлуката од Судот за човекови права во Стразбур. Инаку, тешко дека Регулаторна ќе одлучи во нивна корист бидејќи веќе се познати врските на регулаторите со сопствениците на компаниите кои испорачуваат топлинска енергија – вели Ненов.

Од Регулаторната комисија за енергетика велат дека за редовно снабдување со парно треба да се активираат и државата и општините. Државата да ги помогне компаниите да купат гас, а општините да ги помогнат граѓаните и сето тоа за да се надмине разликата во цената.

– БЕГ давал по 2 милиони евра во јануари за набавка на гас, а годинава ќе треба да даде 13,8 милиони евра. Разликата во цената ќе ја надополнат Владата и општините на Град Скопје – изјави првиот регулатор Марко Бислимовски на прес-конференцијата на која ја кажа новата цена на парното во Скопје.

Од компаниите снабдувачи со топлинска енергија велат дека имаат проблеми со снабдувањето со гас за цела сезона бидејќи цената на гасот на светските берзи е висока.

Од БЕГ која има најголем број корисници на топлинска енергија велат дека моментално ги користат сите пари за снабдување со гас.

– Во услови на енергетска криза и раст на цената на енергенсите, пазарната цена по која компанијата го купува природниот гас е повеќе од 4 пати повисока од цената која е предвидена во тарифата. Групација БЕГ во моментов ги користи сите свои тековни средства за набавка на ограничени количини природен гас за неколкудневна испорака. Оттука произлезе неопходноста да се оптимизира режимот на испорака на топлинска енергија без притоа да се нарушат пропишаните критериуми, сѐ со цел да се овозможи неопходното време надлежните институции да спроведат мерки за надминување на оваа енергетска криза, преку обезбедување финансиски средства за набавка на природен гас и субвенционирање на домаќинствата приклучени на системот за централно греење – велат од БЕГ.

Од Скопје север не ја споделуваат информацијата за обезбедените количини гас за сезоната, а од ЕСМ Енергетика информираа дека навреме се обезбедени потребните количини гас за сезоната.

И опозицијата денеска ја повика владата да не тактизира и да обезбеди потребни количини гас за нормално греење во Скопје и ако не е способна да распише брзи избори.

За проблемите со ладните радијатори, од Регулаторната комисија за енергетика ги поучуваат граѓаните да се жалат во компаниите, а потоа и кај неа. Досега до РКЕ се пристигнати 50 индивидуални приговори во однос на квалитетот на испораката на топлинска енергија од страна на потрошувачи на БЕГ.

– Според правилникот за снабдување со топлинска енергија прва инстанца каде што потрошувачите треба да поднесат приговор доколку не се задоволни од услугата се снабдувачите од каде што екипи мора да излезат на терен и да спроведат мерење, по што се должни да изготват писмен извештај за фактичката состојба и да го достават до потрошувачот, согласно роковите од Правилникот. Доколку потрошувачот не е задоволен од одговорот, во втора инстанца тој може да поднесе приговор до РКЕ. РКЕ има оформено комисија која работи на решавање на приговори на потрошувачите. Поради енергетската криза РКЕ веднаш ги става во процедура поплаките кои се доставени до Комисијата и во прва фаза со ургенција бара од БЕГ да излезе на терен и да изврши мерење на фактичката состојба по што бара извештај како постапиле во однос на пријавениот проблем – рекламација од потрошувачот – велат од Регулаторната комисија за енергетика.

Оттаму информираат дека во порамнетите сметки снабдувачот е должен да ја фактурира само потрошената енергија, по пропишаниот квалитет на услуга од правилата за снабдување со топлинска енергија.

– Снабдувачот има обврска во текот на грејната сезона да обезбеди минимална температура од 2о степени Целизиусови. Снабдувачите мора да наплаќаат само за она што испорачале што значи дека порамнетите сметки треба да се помали – велат од РКЕ.

Од БЕГ, пак, велат дека системот за централно греење со кој управува БЕГ е целосно во функција и испораката на топлинска енергија до потрошувачите е согласно правилата за снабдување.

– Во периодот од 6 до 9 јануари 2022 во диспечерскиот центар на БЕГ Снабдување регистрирани се рекламации на потрошувачи од 204 објекти, од вкупно 2700 објекти кои се приклучени на системот за централно греење со кој управува БЕГ. Во 39 објекти се констатирани технички неисправности во топлинските станици на објектите и тие се веднаш отстранети. Во останатите објекти од кои е рекламирано, извршено е мерење на внатрешната температура и констатирано е дека сите објекти имаат внатрешна температура еднаква или повисока од 20оC, односно испораката на топлина е во согласност со правилата за снабдување. Само во еден објект измерена е внатрешна температура од 19,5оC и во него е покачено нивото на испорака со цел да се постигнат пропишаните 20оC – појаснуваат од БЕГ.

Оттаму додаваат дека ваквиот режим на испорака на топлинска енергија е оптимизиран, односно во споредба со претходниот период намалени се внатрешните температури на објектите кои претходно на барање на потрошувачите имаа повисоки температури од пропишаните.

Според членот 47 од правилата за снабдување со топлинска енергија донесени од Регулативната комисија за енергетика и водни услови, во текот на грејната сезона снабдувачот има обврска да обезбеди минимална температура од 20+1º C во грејните простории во времето од 6.00 до 22.00 часот во текот на денот при потполно отворени радијаторски вентили. Притоа, снабдувачот го гарантира договорениот квалитет за испорака на топлинска енергија единствено во објекти во кои внатрешната грејна инсталација е технички и функционална исправна и во кои не е нарушен енергетскиот биланс.

Во правилата се регулирани и условите кога може на дневно ниво да се прекине парното, а тоа да не е поради дефект или „виша сила“.

„Снабдувачот во текот на грејната сезона при високи надворешни температури на воздухот, може да ја прекине испораката на топлинска енергија во времето од 6.00 до 22.00 часот, но притоа е должен да обезбеди температура од 20+1ºС во внатрешните простории на потрошувачот“, стои во истиот член.

Во Правилникот се уредува и прашањето на греење при екстремно ниски температури.

„При ниски надворешни температури на воздухот снабдувачот може да го продолжи периодот на греење со цел заштита на енергетските објекти на системот за далечинско греење и постигнување на пропишаната температура во внатрешните простории, а притоа рационално да се однесува кон потрошувачката на енергијата“, се вели во правилата за снабдување со топлинска енергија.

Поврзани содржини