ВОЗДУХОТ Е НАЦИОНАЛНА ОБВРСКА Веќе 30 години никој ништо не презема за аерозагадувањето, па потребно е итно системско решение

Клучно е општините под итно да ги донесат плановите за краткорочни мерки, затоа што тие можат да резултираат со забрани за движење на возила и камиони, забрана за работа на индустриски капацитети. Навистина овие планови требаше да бидат донесени пред грејната сезона и би препорачала тие да бидат во важност од 3-4 месеци, ни изјави Ана Петровска од Зелен Хуман Град.

504

Загадувањето на воздухот не е некоја нова состојба, затоа што секоја зима се случуваат вакви епизоди, кога климатските услови се неповолни, па загадувачките материи лебдат во атмосферата и не се дистрибуираат на поголем волумен и поголема површина.

Сепак, ние веќе 30 години сме сведоци како ниту една политичка гарнитура на власт не е спремна на системски начин да го реши проблемот со загадувањето.






– Мерките кои во моментов се на сила, всушност тоа не се мерки туку се препораки, се без сериозен импакт во намалувањето на загадувањето, како на среднорочен, така и на долгорочен план. Овие препораки можат едноставно да решат и да намалат процент на загадувањето на одреден временски период – вели Кирил Ефремовски од Екосвест за Плусинфо.

Тој додава дека системски чекори кои ќе придонесат кон намалувањето на загадувањето е сериозен пристап за решавање на проблемот, а ние сме сведоци на тоа дека не се случува сериозно и стратешки, ниту во Скопје, ниту во државата.

Ефремовски истакнува дека како прво на Скопје му е потребна деурбанизација, што ќе значи намалување на градбата на нови станбени единици и индустрии во централното градско подрачје, со што ќе се намали протокот на луѓе и превозни средства, а сето тоа да се дисперзира кон периферијата, нешто што ќе доведе до среднорочни мерки поврзани со загадувањето.

– Како второ е енергетската ефикасност која само козметички се изведува во нашата држава, што не може да доведе до некаков сериозен напредок во овој план. Покрај тоа инспекциските служби, и на ниво на градот, но и на целата држава, не работат доволно посветено и сериозно, па поради тоа недостига нивниот надзор над индустриските објекти и местата каде што се согорува отпад – објаснува Ефремовски.

Најголемиот проблем во Градот Скопје, како што посочува Ефремовски, е што не се пристапува сериозно кон проблемите со квалитетот на воздухот, а исто така не се применуваат препораките и стручните анализи кои ги имаат направено експертите од страна на имплементаторите. Исто така нема соработка меѓу разните чинители од различни сектори.

– Во Скопје исто така се врши непланска и несистематска урбанизација, а на градот му треба деурбанизирање. Не се воведуваат ниту проекти коишто ќе значат воведување на енергетски-ефикасни транспортни средства, како и хибридни автомобили, како и за јавен транспорт. Едно од решенијата за намалувањето на загаденоста е забраната за движење на возила во централното градско подрачје за приватни автомобили, а исто така на Скопје би му било од корист особено во зимскиот период од годината воведување на движење на возилата според пар-непар, како што тоа било во минатото. Овој проблем е премногу комплексен и потребно е големо системско решение, па да можеме да очекуваме некакво подобрување на квалитетот на воздухот – вели Ефремовски.

Поранешната директорка на државниот инспекторат за животна средина и претседателка на здружението Зелен Хуман Град, Ана Петровска за Плусинфо вели дека во врска со загадувањето треба да се интервенира, освен на локално, секако и на национално ниво.

– За да им се овозможи на градоначалникот или градоначалничката на општината да воведе мерки во вакви ситуации треба да се формираат координативни тела, во кои ќе бидат застапени сите инволвирани институции, независните организации, експертите во оваа област, како и инспекторатите. Тоа координативно тело треба да донесе план за краткорочни мерки, согласно законот за квалитет на амбиентален воздух, кои нема да бидат препораки, туку да имаат обврски и да имаат извршна сила, така што нема потреба инспекторите да наложуваат препораки, туку по автоматизам, по претходно истражување кои капацитети загадуваат, тие да добијат ограничување или забрана за работа во ваква ситуација – вели Петровска.

Таа посочува дека тоа е една континуирана работа според која планот за краткорочни мерки ќе беше донесен однапред, така што инспекциските контроли ќе беа однапред испланирани, а општините ќе можат и законски да донесуваат забрани за одредени активности.

– Клучно е општините под итно да ги донесат плановите за краткорочни мерки, затоа што тие можат да резултираат со забрани за движење на возила и камиони, забрана за работа на индустриски капацитети. Навистина овие планови требаше да бидат донесени пред грејната сезона и би препорачала тие да бидат во важност од 3-4 месеци, барем додека не се направат поголемите промени за кои е потребно подолго време и повеќе финансиски средства – вели Петровска.

Како што ни изјави Петровска, треба да се намали производството на тие што загадуваат, како и да се направи една хипер-мрежа на сензори со кои ќе се детектираат загадувачите и инспекциските служби веднаш да може да реагираат, затоа што моменталната мрежа го мери загадувањето на само едно место, поточно таму каде што се поставени сензорите.

– Суштински е да се исклучат фосилните горива. Не може да се гори јаглен во индустриските зони. Не може да се гори мазут во јавни установи во Скопје. Треба да се врши проверка на мазутот кој се користи. Мора сите да разберат дека воздухот треба да биде национална обврска. Потребни ни се обновливи извори и енергетска ефикасност и затоа е потребна мобилизација на сите – објаснува претседателката на Зелен Хуман Град.

Поврзани содржини