СТАВОВИТЕ СО БУГАРИЈА НИ СЕ ПРИБЛИЖЕНИ Ахмети вели дека странците ни завршиле работа
Мислам дека работите се приближени. Досега ги имавме предвид тешкотиите со кои се соочуваше Бугарија, со избори, со задоцнувањето на конституирање на новата Влада и Собранието. Мислам дека разликите се приближени. За приближување на разликите ни помагаа нашите меѓународни партнери кои се заинтересирани да функционираат мирот, стабилноста и безбедноста во Западниот Балкан и особено во нашата земја, вели Ахмети.
Разликите во ставовите на Македонија и на Бугарија за спорот меѓу двете земји се приближиле благодарение на нашите меѓународни партнери, објасни на денешниот предновогодишен прес лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Тој е оптимист за изнаоѓање решение во новата година, под услов да не се вметнуваат емоции и да се почитува Договорот за добрососедство.
– Мислам дека работите се приближени. Досега ги имавме предвид тешкотиите со кои се соочуваше Бугарија, со избори, со задоцнувањето на конституирање на новата Влада и Собранието. Мислам дека разликите се приближени. За приближување на разликите ни помагаа нашите меѓународни партнери кои се заинтересирани да функционираат мирот, стабилноста и безбедноста во Западниот Балкан и особено во нашата земја. Се надевам дека ова прашање ќе се реши во деновите или месеците што следат, но под услов ниту од нашите, ниту од бугарските власти да не се политизира и да не се вметнуваат емоции затоа што тоа е тема која сама по себе е емотивно прашање, рече Ахмети.
Тој потенцира дека претходно од бугарска страна се потенцираше барањето бугарското малцинство да биде вклучено во Уставот на земјата и дека ова прашање сега е усогласено.
– Ние прифаќаме да ја направиме ова промена и прифаќање на бугарското малцинство, што е право на секој да се изјасни така како што се чувствува. Овој принцип функционирал и ќе функционира и понатаму – додаде Ахмети.
Во однос на јазикот, Ахмети истакна дека конструктивноста на двете држави ќе помогне за решавање на овој спор, потенцирајќи дека е прифатливо решението што е формулирано во Договорот со Бугарија, посочувајќи дека Албанците се солидарни со своите сограѓани Македонци за решавање на овој спор и за надминување на овие разлики, од причина што „нѐ поврзуваат заедничките интереси“.
– Нема преговори кои се лесни. Сите процеси поминуваат низ тешки патишта и со разлики меѓу страните, но значајно е што има конструктивен дијалог меѓу страните и добра волја и тоа влева доверба дека во иднина ќе има прифатливо решение. Сметам дека моите сограѓани Македонци како што би ги бранел еден Македонец нивните интереси, исто толку ги браниме и ние, затоа што имаме заедничка цел, а тоа заедничка стабилна држава, иднина и визија нашата земја да биде една напредна и функционална демократија и целосно интегрирана во ЕУ и НАТО, истакна Ахмети.