25 ГОДИНИ OД „САМОУНИШТУВАЊЕ“ СО ЧИЧКО КУПЛУНГ Македонскиот филм кој ја одбележа транзицијата

Куплунг (Јован) е таксист, човек без морални предрасуди, силеџија и љубовџија, човек што ги почитува само своите страсти. Сценариото суптилно назначува дека порано бил егзекутивец во валканите операции на комунистичката тајна служба, што само ја зголемува неговата фрустрација заради неостварениот, а посакуван општествен статус. Тој кон сопругата Стојна, работничка во фабрика, се однесува како кон сопственост, па таа ропски послушна ги исполнува неговите барања и го поднесува неговото грубо и простачко однесување.

1,551

Пролетта 1996 година, во скопската киносала „Центар“ премиерно беше прикажан филмот „Самоуништување“ во режија на Ербил Алтанај, по сценарио на Сашко Насев, со Јовица Михајловски во легендарната улога на „Чичко Куплунг“. Дваесет и пет години подоцна се обидуваме да ја „измериме“ неговата важност во македонската кинематографија и културната јавност.

„Самоуништување“ беше дебитантски долгометражен игран филм на режисерот Ербил Алтанај (Erbil Altanay). Во 70-те години е дел од новиот бран на кинематографијата во родната Турција. Сценариото е на Сашко Насев, успешен и популарен драмски писател – денес универзитетски професор, предава драма на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Неговото сценарио има работен наслов „Прирачник за самоуништување“. Неговите драми „Чија си“, „Грев или шприцер“ и „Женски оркестар“ на почетокот на 90-те уриваа рекорди на гледаност во Драмски театар Скопје.






Куплунг (Јован) е таксист, човек без морални предрасуди, силеџија и љубовџија, човек што ги почитува само своите страсти. Сценариото суптилно назначува дека порано бил егзекутивец во валканите операции на комунистичката тајна служба, што само ја зголемува неговата фрустрација заради неостварениот, а посакуван општествен статус. Тој кон сопругата Стојна, работничка во фабрика, се однесува како кон сопственост, па таа ропски послушна ги исполнува неговите барања и го поднесува неговото грубо и простачко однесување.

И Цоле, неговиот син студент, е малтретиран од него. Единствена слабост Куплунг покажува кон неговата љубовница Шила, кафеанска пејачка, која сепак се мажи за полицискиот инспектор Славчо (Цацко), брат на Стојна. Само тогаш Куплунг е исфрлен од шемата по која живее и веднаш бара нов сексуален објект.

И Вилма, наивната девојката на Цоле, е жртва на Куплинг, можеби најтрагична: Куплунг ја силува, а таа потоа станува негова љубовница. Од оваа тајна врска Вилма забременува. При една брутална сцена на насилство на Куплунг врз Стојна, Цоле го напаѓа таткото и го удира по главата со пиштол. Куплунг потоа останува инвалид врзан за количка. Цоле се жени за Вилма, таа раѓа син, а Стојна и понатаму ропски ја поднесува судбината обременета со нови тешкотии.

„Самоуништување“ се појавува на почетокот на т.н. транзициски период на македонското општество, но, секако побитно од продукциски аспект, и на македонската кинематографија. Самоуништување е урбана трагикомедија чија тема е распаѓањето на семејството, кризата на поединецот врзана со духот на времето во кое се случува дејството, семејна морална драма која може да се смести и во кое било време и место.

Ако периодот од 60-те години до крајот на 80-те години од минатиот век во македонската кинематографија доминираше „биполарниот“ модел на продукција – државниот продуцент „Вардар филм“ и Филмските работни заедници на авторите – во почетокот на деведесеттите стартуваа и приватните продукции. Самоуништување е резултат на новосоздадената продуцентска куќа „Нова продукција – Скопје“, формирана наменски за реализација на овој филм од страна на Јовица Михајловски, Георги Симеонов и Сашко Насев.

Неблагодарно е да лицитираме со жанровските одредници на „Самоуништување“ и да го сместиме само во „фиоката“ на натурализмот, или социјалниот филм, или новобрановска естетика, или можеби како некоја рефлексија на ексјугословенскиот црн бран …

„Самоуништување“ е социјална драма во која „златниот пресек“ на пролетерската гастрономија е четврт бурек со сирење (урда) или месо и чашка јогурт за појадок, манџа од зелка за ручек, и десетка ќебапчиња со кромид за вечера. И сето тоа обилно зачинето со агресијата во ликот на чичко Куплунг, тој егзотичен социопатски карактер каков што ретко сме гледале во домашните филмови: нешто помеѓу карикатура на транзицијата и стриполик анти-јунак.

Поврзани содржини