ШЕСТЕ МЕСЕЦИ НА ПЕТКОВ ЌЕ СТАНАТ ГОДИНИ? Попрво ќе слетаме на Месечината, отколку да се договориме со Бугарите
Треба да си наивен за да веруваш оти проблемот со Бугарија може да се реши во рок од шест месеци, а тоа многу добро го знае и претседателот Стево Пендаровски, кој вчера се обиде „да му ги отвори очите на македонскиот народ“, вели поранешниот дипломат Ристо Никовски во изјава за Плусинфо.
Цврстиот став на бугарскиот претседател Румен Радев дека Софија не треба да дава рокови за решавање на проблемот со Скопје како да го премисли бугарскиот премиер Кирил Петков, па во своите настапи тој веќе не го ни спомнува шестмесечниот рок за повлекување на ветото за преговорите на Македонија со Европската Унија.
Во интервју за бриселскиот портал „Политико“, Петков вели дека работните групи треба да работат многу напорно, но за разлика од минатата недела (пред изјавата на Радев дека потребни се резултати, а не рокови) кога бугарскиот премиер ветуваше дека проблемот со Македонија ќе биде решен за шест месеци, сега тој не го кажува крајниот рок кога би завршил процесот.
– Ниту една влада во моментов не може само да отиде кај своето население и да каже: „Во ред, заборавете на сите проблеми, ајде само да го потпишеме договорот“, бидејќи таа влада брзо ќе падне – вели Петков за „Политико“.
Дека ветените шест месеци би можеле да станат години, говори и вчерашната изјава на претседателот Стево Пендаровски, кој во годишното обраќање во Собранието порача дека не треба да се брза во изнаоѓање решение за проблемот со источниот сосед.
– Не треба да се брза во решавање на спорот со Бугарија за одблокирање на процесот за старт на преговорите за членство на земјава во Европската Унија, затоа што кога сте соочени со предизвик од таков калибар, брзањето не е секогаш најдобриот сојузник – рече Пендаровски.
Поранешниот дипломат Ристо Никовски во изјава за Плусинфо вели дека треба да си наивен за да веруваш оти проблемот со Бугарија може да се реши во рок од шест месеци, а како што додава, тоа многу добро го знае и претседателот Стево Пендаровски, кој вчера се обидел „да му ги отвори очите на македонскиот народ“.
– Бугарскиот премиер Кирил Петков веќе го откажа рокот од шест месеци за постигнување договор помеѓу Скопје и Софија. Меѓу другото, Бугарите го примија и францускиот државен секретар за европски прашања Клеман Бон, кој им порача дека не треба да се брза и дека не треба да се одредуваат датуми. Тоа беше само една лична желба на Петков за брзо пронаоѓање решение на проблемот, но повеќе тоа не важи. Токму затоа вчера дојде и реакцијата на македонскиот претседател Стево Пендаровски, кој забележа дека можноста за брзо откочување на спорот е отфрлена, па тој само се приклучи на реалноста. Треба да си наивен за да веруваш дека проблемот со Бугарија може да се реши во рок од шест месеци, или како што велат нашите врвни експерти дека проблемот би можел да се реши и за пет-шест дена. Проблемот е долгорочен и од тоа нема бегање – објаснува Никовски.
Бугарскиот премиер Кирил Петков веќе го откажа рокот од шест месеци за постигнување договор помеѓу Скопје и Софија.
Тој вели дека Македонија мора да биде свесна дека се работи за нешто што е со векови актуелно во Бугарија, а тоа е историскиот синдром кој сега почнал да мутира.
– Најпрво мутираше од историјата, односно од македонскиот идентитет и јазик, а потоа имаше нова мутација од страна на Петров кога бугарскиот премиер порача дека решението на проблемот треба да се надградува. Едноставно, се работи за еден магичен круг во којшто е заробена Македонија. Ние досега се однесувавме понижувачки и постојано бевме подготвени да правиме отстапки. Но, сега е крајно време земјава да ги земе работите во свои раце, а тоа значи да ги прекине преговорите со Софија, а што е можно поскоро да го прекине и добрососедскиот договор. Ако не се направи тоа, ние никогаш нема да стигнеме до Европската Унија – вели Никовски.
Очигледно, надежта последна умира само за министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој вели дека е потребно брзо решение со Бугарија, со цел, како што истакна, да не прерасне спорот во замрзнат конфликт.
– Најголемиот страв е да не влеземе во ново грчко сценарио, а тоа е да влеземе во замрзнат конфликт со Бугарија. И ова да стане нова нормалност во нашите односи – истакна Османи.