Бугарско „грчко сценарио“
Иако на прв поглед се чинеше дека политиката на новата влада на Бугарија сака исто што и ние, брзо решение, брзо решение нема да има.
Доколку Мицотакис потпише брз компромис со Македонија, грчката влада брзо ќе падне. Доколку Петков потпише брз компромис со Македонија бугарската влада брзо ќе падне.
Помеѓу овие две реченици, првата на пратеникот на Велика Британија Робин Онил, а втората на самиот Петков, е период од триесет години. Но, логиката на политиката не се променила ни за влакно. Тоа е борба да се освои и да се остане на власт. Ние имаме наши црвени линии а и тие имаат свои црвени линии вели новиот бугарски премиер, збориви со призвук на на олеснување дека нема што да се брза.Црвените линии, имено, се такви што исклучуваат секаков брз компромис. А мирот, соработката, безбедноста, пријателството? Се сеќавам дека, како министер за надворешни работи, на сите мои демократски тиради за европски Балкан, за мир и соработка, Британецот одговараше: Мицотакис е на власт благодарејќи на тројца пратеници кои ги контролира Андонис Самарас. Ако тој ја повлече поддршката, Мицотакис ќе ја загуби власта, а нема политичар во светот кој сака да ја загуби власта. Приказната се повторува. Петков отворено вели дека веднаш ќе падне неговата влада ако веднаш потпише договор со Македонија. Конечно, владата на Бугарија има други приоритети, а не македонскиот влез во ЕУ, додека бугарската јавност смета дека токму тие приоритети а не нашиот проблем треба да бидат главната преокупација на новата извршна власт. Во светлината на „политичката математика“, кој стои а кој паѓа, иницијативата со шестмесечен период за работа на петте комисии, за економија, за култура, за историја и не се сеќавам на другите две, може лесно да стане обид за купување време, па шестте месеци, во комплицираниот демократски процес, може да станат шест или шеснаесет години. Логиката на младиот премиер образован на Харвард дека треба да се усогласат интересите на двете суверени држави и да пресуди заедничкиот интерес за економски подем и просперитет е европска но и веќе еднаш испробан на Балканот пред триесет години. Тоа беше кога Европската заедница на Југославија и понуди милијарди во замена за мир. На крајот, место милијардите, југословенските народи го избраа национализмот, второто име на војната. Кога двете држави, Бугарија и РС Македонија,ќе ја разберат вредноста од економската соработка, смета Петков, полесно ќе се разреши спорот околу историјата. Но, за тоа да се случи шест месеци не се доволни а веројатно ни шест години.
Со резолуцијата на парламентот и со објаснувачкиот меморандум на владата, бугарскиот национал-популистички бран ја заглави државната политика на Бугарија во однос на Македонија и го предизвика македонскиот национл-популистички одговор со резолуцијата во нашиот парламент. Иако на прв поглед се чинеше дека политиката на новата влада на Бугарија сака исто што и ние, брзо решение, брзо решение нема да има. Дури се чини , раководен од приоритетите на сопствената држава (ковид пандемија, економија, корупција…), како новиот премиер да не сака веднаш да се заглави во македонското прашање па го турка подалеку од себе, во работни комисии. Слично како што направија македонските политичари кои бегајќи од гневот на јавното мислење, или обидувајќи се да го придобијат за себе, се засолнија зад црвени линии. Но,тука простор за дипломатија нема а без дипломатија нема решение на проблемот. Да, комисиите ќе направат попис на она што е најдобро за двете земји. Тоа е најлесниот дел од политичкиот процес зашто сите знаат што е најдобро. Проблемот е како до главната цел, отпочнување преговори на нашата држава со ЕУ. Не антиципирајќи ги настаните, бегајќи од проблемите и не одејќи им во пресрет со анализи и решенија, влезени сме веќе длабоко во она што го нарекуваме „грчко сценарио“: спор на кој крајот не му се гледа.