ДЕВЕТ НАЧИНИ НА КОИ КОРОНАТА НЀ СПРЕМИ ЗА ИДНИНАТА Сè правиме онлајн, а ни се сменија и ставовите
Од користење на Zoom и QR-кодови до промена на нашите ставови за дигитализацијата или за марихуаната, короната го забрза нашиот пат кон иднината.
Иднината е веднаш зад аголот, но светот немаше да се движи толку брзо кон нови промени ако не се случеше корона-пандемијата која го зголеми присуството на интернет до тој степен што некои работи станаа нормални да ги правиме дигитално, токму онака како што предвидуваат футуристите.
Порталот Политико наведува 17 нешта со кои пандемијата ги смени САД, а ние издвојуваме девет од тие промени кои важат и за Македонија.
mRNA вакцините ја „апдејтираа“ медицината
Короната го промени начинот, но и времето за кое ги изработуваме вакцините. Не само што вакцините беа издадени во рекорден рок, поради очекувањата од јавноста туку и беа популаризира таканаречените mRNA вакцини. За разлика од традиционалните вакцини кои работат со ослабена варијанта на вирусот која се инјектира во телото, mRNA вакцините се подиректни, испраќајќи ги само упатствата до клетките на пациентот за да произведат имунолошки одговор без да го вклучуваат самиот вирус. Фајзер Бајонтек е една од најпознатите вакви вакцини.
Освен што вакцините брзо беа произведени, тие брзо мораа да бидат менувани и „надградени“ за новите соеви. Ова доведе и до пропратни сознанија во медицината.
Зум-настава и останати платформи
Онлајн-наставата им зададе главоболки и на родителите и на децата, но и на студентите по факултетите. Наставниците првпат дојдоа во контакт со Zoom-платформи, a имајќи предвид дека некои од нив не беа љубители на технологија, сега тие се многу поспремни не само да предаваат, туку преку Zoom и да им цртаат, да им пуштаат едукативни видеа или графикони на своите ученици.
Онлајн-достава во Македонија, со роботи во САД
Короната не натера да купуваме и да нарачуваме онлајн, со онлјан-достава, дури и на најосновните прехранбени продукти, па македонските супермаркети беа преплавени со нарачки. Како резултат, многу мали бизниси имаат онлајн-достава денес.
Во САД, Starship Technologies, еден од првите пионери на роботите за испорака има над 1.000 роботи низ целата земја, што е речиси четирикратно од бројот со кој започнаа пред пандемијата и остварува околу 10.000 испораки дневно. Единствениот предизвик со кој се соочува компанијата е производство на роботи доволно брзо за да се задоволи побарувачката.
Директна парична помош и „цркавица“
Пандемијата предизвика државите низ светот да донесат итни мерки, а најпопуларната и најдиректната е … директната парична помош. Но, како ова нѐспрема за иднината? Па, се претпоставува дека како во иднина роботите и вештачката интелигенција ќе ги заземаат нашите работни места и сè повеќе луѓе ќе остануваат на улиците, мерката за Универзален Базичен Приход, или „цркавица“ од минална сума пари за секој граѓанин ќе стане редовна пракса. Некои држави во светот веќе прават експерименти со оваа идеја.
QR-кодовите се новите бар-кодови
Иако QR-кодовите не се проверуваат редовно при влез и излез од затворени простории во Македонија, ниту пак апликацијата на Министерството за здравство не е соодветна за сите мобилни телефони, сепак Македонците, но и многумина низ светот почнаа масовно да користат QR-кодови: за купување онлајн-карти, за регистрација на Вајбер и за многу други онлајн-сервиси клучот се овие кодови, кои веројатно ќе ги заменат бар-кодовите во супермаркетите.
Од онлајн-работа никој не сака да излезе од дома
Многу бизниси во короната успеаја да работат од дома, иако не беа скроени за тоа. Многу газди и вработени научија трикови, нови програми за од дома да ги вршат истите нешта. И сега, кога пандемијата е пред некаков крај, вработените во најголемите светски компании нејќат назад. За да ги намамат газдите смислуваат секакви погодности. Тоа се случуваше и се случува и во Македонија.
Почисти и побезбедни ресторани
Услужните дејности веројатно беа и се едни од најпогодените во короната. Газдите мораа да смислат начини како ќе ги убедат луѓето дека нивното кафуле, бар или ресторан е доволно чист и безбеден да се справи со короната. Короната ги тера бизнисите да бидат поуслужни за да привлечат повеќе луѓе, поради фактот што во пандемија помалку се оди на кафе. Секако, пандемијата ги отвори и дебатите за недостигот од келнери во земјата.
Онлајн-здравство
Правиме брзи тестови за коронавирус, сами читаме дали и со која вакцина да се „боцнеме“, закажуваме онлајн за тестирање, сами ги симнуваме вакциналните сертификати од веб-страниците. Македонија е речиси спремна за дигитално здравство, а од неодамна се користи и МојТермин.
САД се малку понапред. Таму пандемијата направи услугите целосно да се нудат онлајн, во т.н. телездравство или здравство од дома. Голем дел од овие мерки сè уште се на сила во земјата и се популарни до степен што огромен луѓе сега претпочитаат некој да ги лечи од дома, а да се консултират преку СМС или онлајн. Пред пандемијата, во САД ова го користеле само пациенти од рурални места кои не можеле да дојдат во градовите.
Земјите се опуштија во врска со канабисот
Индустријата за канабис доби легитимитет во раните денови на кризата со коронавирусот. Во САД 18 држави ги прогласиле бизнисите со канабис „суштински“, дозволувајќи им да работат за време на локдаунот. Некои држави почнале и да дозволуваат испорака на марихуана дома и подигање покрај тротоарите за прв пат. Многу од тие држави сега сакат да ги направат тие промени трајни.
Оваа промена веројатно ќе остане во иднината бидејќи во марихуаната има профит, но и одредени бенефити за луѓето.