ОСИГУРЕНИЦИТЕ НАПЛАТИЛЕ 44 МИЛИОНИ ЕВРА ШТЕТИ Најголем раст од 90 отсто има кај приватното здравствено осигурување
Осигурителните компании за неживот заклучно со септември исплатија над 55.000 штети што е за 20 отсто повеќе од истиот период минатата година.
Осигуреници наплатија 47 милиони евра штети од осигурителните компании за неживотно осигурување заклучно со септември. Вкупниот износ на исплатените штети за овој период е за 6,9 милиони евра или 17 отсто повисок во однос на истиот период лани. Вкупно 11 компании за неживотно осигурување во овој период исплатиле 55.008 штети што е за 20 отсто повеќе од истиот период минатата година, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).
Од штети на осигурен имот (најголема доброволна осигурителна класа) за овој период осигурениците наплатиле вкупно 7,6 милиони евра. Тоа е 22,6 отсто повеќе од истиот период минатата година. Оваа осигурителна класа во овој период има поголем релативен (процентуален) раст на исплати во споредба со задолжителното осигурување од автомобилска одговорност.
Овие индикатори се уште една потврда за финансиското здравје на осигурителните компании, а неговото одржување е основната и најважната задача на АСО.
Физички лица од штети на осигурен имот во овој период наплатиле 3,23 милиони евра што е за 11 отсто повеќе од лани. Правните лица, пред се компании, за штети на имотот од осигурителите наплатиле 4,4 милиони евра или 33 отсто повеќе од истиот период во 2020 година.
Кај најбрзорастечката класа – приватното здравствено осигурување, компаниите за осигурување исплатиле 90 отсто повеќе средства во споредба со првите девет месеци лани. Осигурениците од нивните полиси за приватно здравствено осигурување наплатиле 2,33 милиони евра.
За осигурување од незгода (најбројна осигурителна класа со над половина милион склучени договори) до крај на септември осигуреници од пријавените штети наплатиле 5,4 милиони евра односно 18 отсто повеќе пари од лани.
Од штети врз каско осигурани моторни возила во овој период осигурениците наплатиле 5,95 милиони евра што е на исто ниво како и претходната година.
Кај законски задолжителното осигурување од автомобилска одговорност компаниите на осигуреници исплатиле 20,54 милиони евра заклучно со крајот на септември годинава. Тоа е за 19 отсто повеќе од истиот период лани.
По основ на штети покриени со зелен картон осигурителните компании заклучно со септември исплатиле 3,5 милиони евра што е за 2 отсто помалку од истиот период лани.