ГРУЕВСКИ ЛИЧНО МЕ ПРАШУВАШЕ ЗА ЛОКАЦИИ НА ВОДНО Јанакиески бил прашуван и за земјиште во Крушево
Судењето за предметот „Плацеви на Водно“ е во фаза на доказна постапка, односно сослушување на сведоци предложени од обвинителството.
Никола Груевски, обвинет во случајот „Плацеви на Водно“, од позиција на претседател на Комитетот за градежна експанзија (КГЕ), лично се интересирал за неколку земјишта во делот на Парк шума Водно, рече денеска сведокот Миле Јанакиески, кој во 2012 година беше на функцијата министер за транспорт и врски.
Тој посочи дека за земјиштето во местото Шербетница и земјиштето над локацијата на Католичката црква разбрал на состанок во општина Центар.
– Со Никола Груевски и КГЕ се состанувавме еднаш неделно, меѓу другото разговаравме и за земјиштата во Парк шумата Водно. Големината на парцелата беше 11.000 метри квадратни. Прашуваше за урбанизација. Му објаснуваа од законски аспекти како се урбанизира едно земјиште, дека на 10 години се носи Генерален урбанистички план. Тој беше на чело на Комитетот, зборувавме за илјадници локации – рече сведокот Јанакиески и наведе дека освен за локациите на Водно, во една прилика го имал прашано и за земјиште во Крушево.
Претходно, на судењето за случајот „Плацови на Водно“ денеска исказ даде сведокот Менка Макаревска, предложена од обвинителството, која во својство на адвокат ја објасни процедурата за регистрација на фирмата „Сирах Инжинеринг“, која според обвинението се јавува како купувач на плацовите на Водно.
– Како адвокат работам на граѓанска материја, стопанско право. Фирмата „Сирах Инженеринг“ е основана во 2012 година. Во врска со основање на фирмата, адвокатот Серјожа Марков ме претстави кај Александар Ивановски-Алек. Фирмата ќе се основаше со странски капитал. Оваа фирма ќе се занимаваше со градежништво – рече Макаревска.
Судењето за предметот „Плацеви на Водно“ е во фаза на доказна постапка, односно сослушување на сведоци предложени од обвинителството.
Овој случај го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е обвинителката Лиле Стефанова.
Според обвинението, Никола Груевски е обвинет за делата „перење пари и за противправно стекнување и прикривање на имот“, неговиот кум Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан Камчев и Ратка Куновска Камчева се товарат за „перење пари“, а поранешениот директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело“.