ПОПУСТО СЕ ТУРИТЕ ПОДГОТВЕНИ, А ХОТЕЛИТЕ ЗАКУПЕНИ На туристичките агенции им фалат туристи

Интересот на граѓаните за патување, поради новиот сој и економската исцрпеност од кризата е сѐ помал.

1,312

Намалениот стандард поради економската криза предизвикана од високите цени на енергенсите и новите затворања на земјите поради новите соеви на коронавирусот го сведоа на минимум патувањето на граѓаните, се жалат туристичките работници.

Но, и покрај тоа тие веќе подготвија интересни и евтини програми за патување и дочек на Нова година. Хотелските капацитети, пак, во земјава се обидуваат да остварат приход со најинтересни понуди за гостите за дочек на Нова година и зимските месеци.






Но, и едните и другите се жалат дека интересот на граѓаните е незначителен, што го отвора прашањето дека и зимата за туристичкиот сектор ќе биде една од најлошите.

Хотелиерите велат дека поради мерките за исполнетост на капацитетите на половина и инсистирањето да се дозволи влез само на вакцинираните, речиси и да нема интерес кај домашните и странските гости за Нова година.

– Има само мал интерес за дочекот на Нова година, а ако им понудиш плус пола или цел пансион никој не прифаќа. За дочекот имаме трошоци за музика, греење и за храната кои овој пат имаат многу повисоки цени. Ако се успее и половина сала да се пополни, и тоа нема да ги покрие трошоците. За некакви приходи не станува збор – вели Крсто Блажески, претседател на Асоцијацијата на хотелиери (ХОТАМ).

Тој додава дека за Нова година се очекува зголемување на загубите што хотелиерите ги бележат веќе подолг период.

– Поголемите хотели досега имаат најава за 10 отсто пополнетост на капацитетите. Кај помалите хотели процентот е нешто повисок до 20 отсто, но тоа не ветува некаква работа за празникот, туку трупање дополнителни загуби. Ако на ова се додаде дека за зимската сезона скоро и да нема најава за гости, поради затворањето на границите во голем број земји голем број од хотелите ќе бидат принудени да размислуваат за опстанок или отпуштање на работници, што никој не го посакува – вели Блажевски.

Хотелиерите, додава тој, во овој период не можат ништо да очекуваат од државата.

– На досегашната пандемска и економска криза која почна со високите цени на енергенсите сега веќе се надоврза и политичката криза, така што и не можеме да очекуваме никаква помош од државата, ниту, пак, имаме надеж дека ако доставиме некакви барања и предлози ќе се реализираат. Според тоа треба да бидеме подготвени да се бориме да преживееме што опфаќа и ослободување од работната сила, иако не сме многу расположени за тоа. Но кога си ставен пред свршен чин ќе мора да одлучиш меѓу затворање и банкрот или намалување на бројот на работници – вели Блажески.

Агенциите, пак, велат дека ги прават последните напори за преживување. И покрај големиот ризик да ги изгубат и последните пари вложени за опстанок, веќе ги подготвија програмите за Нова година и зимските одмори. Закупени се собите во хотели во најразлични земји, но интерес од граѓаните нема.

– Сѐ е во застој поради новиот сој на коронавирусот. Речиси и да нема интерес за прогрмаите кои вообичаено ги нудиме за овој период од годината кои малку ги освеживме. Ќе почекаме да видиме што ќе се случува. Последниве месеци интересот за патувања е драстично намален, иако летово имавме мало раздвижување. Знаете, ние продаваме луксуз, а во криза каква што е моменталната прво се крати на луксузот за да се преживее. Граѓаните покрај пандемијата ги мачат и високите цени на енергенсите и цените на она што им е неопходно за живот. Сепак, се надевам дека следната година ќе има помрднување во однос на патувањата – вели Асим Меџедовиќ, првиот човек на туристичката агенција „Фибула Македонија“.

Според прегледот направен на интернет страници на агенциите има новогодишни пакети кои се за неколкудневен престој со дочек на Нова година кои се движат од 79 евра за дочек на Нова година со две ноќевања во Солун во кој е вклучен и автобуски превоз, па се до деветдневни крстарења по реката Нил во Египет чија цена е 1.300 евра. Патниците дополнително плаќаат за тестови и за визи во земјите каде што се бараат.

Агенциите велат дека се подготвени за следната сезона, само им се потребни луѓе кои ќе патуваат.

– Скоро сите агенции имаат објавено програми. Тоа значи дека веќе закупиле соби како за Нова година, така и за зимската сезона. За тоа се плаќа капар од 70 до 100 отсто, зависно колку евтини цени сакаш да понудиш во сезоната и чекаш патници. Но во овие услови кога имаме нов бран од нов вид на коронавирусот интересот е сè помал кај граѓаните. Дополнително сите земји веќе имаат мерки со кои се ограничува дозволениот претстој само за вакцинирани. Значи треба да ги најдеме тие што се вакцинирани и што сакаат да патуваат што е тешко да се реализира. Дополнителен проблем е и тоа што економската криза влијаеше неповолно на стандардот на граѓаните и тие многу малку одлучуваат да трошат на патување – вели Дончо Нацевски од Арбо травел.

Во уште полоша состојба се агенциите кои имаат и сопствен превоз кои треба да одлучат дали ќе ги остварат турите, кога имаат минимален број на заинтересирани туристи.

– Дел од турите нема да се реализираат иако веќе имаме закупени соби во хотели, бидејќи ако нема доволен број на патници во автобусите загубата е уште поголема, па одлуката е да не се реализира турата. Во сегашни услови кога цените на енергенсите скокнаа до небо, ние сè уште возиме со стара цена, па даваме и попусти, но ако нема доволен број на патници мораме да одлучиме да не ја реализираме одредена тура. Не знам како моите колеги формираат толку ниска цена на патување, кога автобускиот превоз не е нивни, а е многу поскап од вообичаено по зголемувањето на цените на нафтата – вели Нацевски.

Според Нацевски, последните години, се историски најлошите за светскиот туризам.

– Пандемијата и економската криза предизвикана од високите цени на енергенсите го намалија стандардот на граѓаните, а мерките на владите ги ограничија во можноста да патуваат каде што сакаат. Сето тоа, мошне неповолно се одрази на туризмот кој тешко дека ќе преживее до 2025 година, до кога се очекува, дека овие проблеми ќе се надминат. Но, кој ќе преживее до тогаш? – додава Нацевски.

Граѓаните, сепак се оптимисти дека за еден месец ќе се расчисти состојбата и ќе ги остварат желбите за патување.

– Моментално секој па и јас, кој многу често патува, се двоумам дали да патувам за Нова година и зимската сезона. Поголемиот дел од земјите веќе се затворија поради новиот вид на коронавирусот, па многу е тешко да се донесе одлука за повеќедневен престој некаде. ризикот е голем ако се уплати еден месец порано, бидиејќи не се знае дали ќе може да се патува во моментот кога треба да се реализира патувањето. Не е проблем вакцинацијата , тоа го сторив одамна, но проблем е тоа што ќе остаеш со кратки ракави, ако нема да можеш да го реализираш патувањето, па ќе треба цела наредна година да преговараш со агенцијата да ги искористиш парите, можеби и на друго понеинтересно патување. Се надевам следната година ќе биде подобра за нас кои сакаме да патуваме, но и за агенциите кои претрпеа најголем шок поради пандемијата – вели Димитар С. од Скопје.

Поврзани содржини