ПРЕЛЕЖАНИТЕ САМО ВО ПОЧЕТОКОТ СЕ ИМУНИ НА КОВИД Д-р Петличковски открива дека оздравените се безбедни околу 4 месеци

Ако ризикот за реинфекција изнесува помалку од 5 отсто во првите 4 месеци по прележување на болест, 17 месеци по прележувањето тој пораснува до 50%, вели Петличковски.

9,694

Заклучно со 21 ноември, во Македонија се регистрирани 212.861 лица позитивни на коронавирусот, додека кај 870 од тестираните е констатирана реинфекција.

Бројката на луѓето што по втор пат се заразиле со вирусот е навистина мала, што се наметнува како предмет на жешка дебата за тоа дали прележаните треба исто да се третираат како и невакцинираните, со мерките за здравствена заштита.






За мислење го прашавме д-р Александар Петличковски, директор на Институтот за имунологија и хумана генетика, кој ни посочи дека имунитетот по прележувањето на болеста на почетокот е висок, но со време се намалува со што се зголемува ризокот од реинфекција.

– Ризикот од повторно зарзување со ковид-19 е многу низок неколку месеци по прележување на болеста, но се зголемува како одминува времето. Ако ризикот за реинфекција изнесува помалку од 5 отсто во првите 4 месеци по прележување на болест, 17 месеци по прележувањето тој пораснува до 50%. При тоа, ризикот кај луѓето кои ја прележале болеста, а не се вакцинирале е околу 2 пати поголем од ризикот за оние кои примиле вакцина по прележување на болеста – за Плусинфо изјави Петличковски.

Иако ризикот од реинфекција е реален, тоа не значи дека луѓето не создаваат антитела, бидејќи за очекување е тие полесно да ја прележат заразата вториот пат.

– Не значи дека луѓето кои ќе се заразат и по втор пат не создале добар имунолошки одговор и секако е за очекување, реинфекциите да резултираат со многу поблага клиничка слика, ако воопшто дојде до развивање на симптоми – вели Петличковски.

Тој посочи и на потребата да се прави разлика меѓу позитивните случаи без симптоми и заболените од ковид-19.

– Треба да имаме во предвид дека е многу веројатно луѓе кои се веќе имунизирани да дојдат во контакт со вирусот и да бидат позитивни ако им се направи тест, но тие воопшто нема да развијат симптоми и реално нема да се разболат по втор пат – додава тој.

Поврзани содржини