Вирусот BuyRAM.gtc

Џабе го гушкавме ГТЦ – го спасивме од барокниот оклоп, но не и од вирусот што го разјадува одвнатре. Од криминалот и од корупцијата. За овој вирус засега нема ни вакцина, а ни лек.

7,690

Големиот скандал во Градскиот трговски центар во Скопје медиумските апологети на власта го спинуваат, наметнувајќи ги дилемите дали „копањето“ криптовалути е легално и во која мера таа нова мода треба да се контролира во услови на енергетска криза.

Секако, двете теми се легитимни и за нив треба да се расправа. Но, тоа не е суштината на аферата, чиј фокус треба да се насочи кон вистинските прашања. „Копањето“ криптовалути во магацински простор во ГТЦ е скандал поврзан со криминал и корупција. За тоа мора да се зборува јавно.






Пред сè, во случајот станува збор за основано сомневање дека фирма на Елвис и Габриел Бајрам, синови на покојниот Амди Бајрам, коалициски партнери во сите влади, вклучувајќи ја и владата на Зоран Заев, користи магацински простор во ГТЦ без договор за закуп и без плаќање закупнина.

Дополнително, се ројат сомневања дека и други фирми (меѓу кои и една позната и угледна компанија, многу блиска до Зоран Заев), користат деловен простор во ГТЦ без никаков надомест, или со спорни компензациски зделки, што претставува сериозен проблем.

Да е ГТЦ обична приватна фирма на поединци, да е ничија приватна прчија, што се вели, некако и да разбереме дека газдите некому би можеле да дадат деловен простор на користење без да плаќа кирија. Иако и тоа не е нормално. Но, ГТЦ е акционерско друштво со државна сопственост. Користењето деловен простор во овој објект без надомест е на штета на сите други корисници кои уредно плаќаат кирии, но и на штета на сите даночни обврзници.

Втор ден од директорот на ГТЦ бараме јавно да покаже договор за закуп на магацински простор со фирмата што „копала“ криптовалути (или сервисирала опрема за таа намена, сеедно). Бараме да се покажат и докази за уплати за кирии за овој простор во последните три години, колку што таа фирма го користи спорниот магацин. Директорот Ѓоко Трајчевски молчи. Нашите извори тврдат дека молчи затоа што нема што да покаже.

Мора да се расчистат и сомневањата дали „копачите“ краделе струја. Тоа е кривично дело за кое се казнува со затворска казна до три години. Засега, ги расчистивме сите дилеми како се носи, како се распределува, како се троши и како се плаќа струјата во ГТЦ. И дознавме дека МВР или лаже, или крие од јавноста клучни информации, одлучно тврдејќи дека немало кражба на струја.

Дистрибутерот ЕВН струјата му ја испорачува на ГТЦ и му фактурира на ГТЦ. Како потоа се распределува струјата меѓу корисниците на деловен простор не е работа на ЕВН, туку на ГТЦ.

Познато е дека магацинските простори немаат „контролни“ тарифни броила и дека струја плаќаат паушално. Од директорот на ГТЦ побаравме одговор на прашањето кој плаќал струја за магацинот во кој се „копале“ криптовалути и колку плаќал. И на ова прашање одговор засега нема. А нема, велат нашите извори, затоа што големите количества потрошена струја се распределувале за плаќање во купчето на ГТЦ, а „копачите“ плаќале скромни паушали. Ако воопшто нешто плаќале. Тоа, пак, значи дека кражбата на струја се вршела организирано.

Но, ова засега е само сомневање. Она што сигурно го знаеме е дека МВР не знае дали имало кражба на струја. Знаеме, всушност, дека МВР не сака да дознае. Не сакајќи да дознае, МВР не сака да ги отстрани и сомневањата дека одбивањето да се спроведе сериозна истрага можеби има врска со фактот што претседател на Управниот одбор на ГТЦ (органот кој го именува директорот) е Трајанка Тасевска, сопруга на Сашо Тасевски, директорот на Бирото за јавна безбедност.

Директорот на ГТЦ и претседателката на Управниот одбор се истакнати активисти на СДСМ. Габриел Бајрам е градски советник од коалицијата на СДСМ. Партијата на власт до гуша е во овој скандал. Расветлувањето може да ја стави владата на Зоран Заев во нови непријатности, бидејќи би можело да се откријат извршени кривични дела и сторители поврзани со власта.

Вирусот со кодно име BuyRAM.gtc се шири со години и го уништува најубавиот објект во централното градско јадро. Го уништува физички (објектот пропаѓа), ги уништува дуќанџиите кои врзуваат околу 3.000 семејства, но ги уништува и шансите овој објект да заживее во иднина. Џабе го гушкавме – го спасивме од барокниот оклоп, но не и од вирусот што го разјадува одвнатре. За овој вирус засега нема ни вакцина, а ни лек.

 

Поврзани содржини