ПОПРАЗНИ ЧИНИИ И ПОВЕЌЕ ГЛАДНИ ЛУЃЕ Високите цени го зголемија и бројот на сиромашните семејства

Во земјава нема понови податоци за сиромаштијата од оние од 2019 година. Според нив, 448.100 лица во земјава живеат под прагот на релативната сиромаштија, додека процентот на лица кои живеат под линијата на апсолутната сиромаштија (под 1,9 долари на ден по лице според паритетот на куповната моќ) изнесуваше околу 4,6 отсто или 100.643 лица.

396

Трпезите на граѓаните стануваат се посиромашни, а џебот попразен по порастот на цените на маслото, лебот, и другите основни продукти како и на струјата, дрвата, нафтата и гасот. Граѓаните се жалат дека со стандардот што го имаат секое ново поскапување на храната ја празни и нивната чинија.

Експертите велат дека, први на удар на високите цени се најсиромашните слоеви во земјава, но исто така и сето население бидејќи имаме низок стандард. Затоа, велат, потребни се мерки кои ќе го ублажат тој удар за да не се случи оние што се на работ на сиромаштија да влезат во сиромаштија, а сиромашните да гладуваат.






Граѓаните велат дека последните месеци покрај квантитетот на нивните трпези се чувствува и понизок квалитет на храната.

-Ако лани некако успевавме да обезбедиме подобар квалитет на храната, годинава високите цени кои почнаа од март со зголемување на цената на зејтинот, а потоа и на лебот, месото и на овошјето и зеленчукот, купувам се понеквалитетно и помалку. Ако сакаш поквлаитетно нема да ти стигне ниту за еден ден. Се обивувам да штедам на намирници, а во услови на пандемија велат тоа не е препорачливо. Сепак нашиот стандард е тој – вели скопјанка.

Во земјава нема понови податоци за сиромаштијата од оние од 2019 година. Според нив, 448.100 лица во земјава живеат под прагот на релативната сиромаштија, додека процентот на лица кои живеат под линијата на апсолутната сиромаштија (под 1,9 долари на ден по лице според паритетот на куповната моќ) изнесуваше околу 4,6 отсто или 100.643 лица. Вкупно 211 351 лица кои живеат во четиричлено семејство се на прагот на сиромаштија според годишниот приход, а 21,1 отсто од населението на возраст кога можат да работат, од 18 до 67 години, се сиромашни.

Овие бројки сигурно се променети во текот на пандемијата во која голем број од компаниите ги намалија платите на работниците, зависно од тоа колку време биле под притисок на пандемијата.

Просечниот годишен расположлив доход на домаќинството пред ковид-19 кризата изнесуваше 438.341 денари, а за време на пандемијата 406.630 денари. Разликата е -7,2 отсто. Оваа разлика ќе се зголеми за годинава и за следната година кога поради цената на електричната енергија и другите енергенси дополнително ќе се зголемат цените на производите.

Светска банка процени дека 55.000 до над 130.000 луѓе во Македонија може да западнат во сиромаштија поради пандемијата.

Сето тоа говори дека новите цени на продуктите дополнително ќе осиромашат дел од населението и вработените.

Синдикатот денеска објави дека за еден месец минималната кошничка на четиричлено семејство без автомобил се зголемила за 200 денари или таа сега изнесува 34.584 денари. Во неа најголемо учество од 42,7 отсто има храната, а остатокот е за сметките и хигиена. Овој износ на синдикалната кошничка не можат да го покријат семејствата со две минимални плати од 15.194 денари.

Не се знае колку точно работници примаат минимална плата, но истражувања покажале дека околу 70 отсто од примателите на плата имаат износ понизок од просекот.

– Поради евидентното зголемувањето на цените, очигледно е дека ни треба зголемување на платите со кој ние како работници без да се грижиме за нашата егзистенција ќе можеме да си ги овозможиме најмалку трошоците во висина на една синдикална потрошувачка кошница. Затоа, апелираме да бидат прифатени забелешките на синдикатите во врска со зголемувањето на платите за да не продолжи трендот на осиромашување на граѓаните – велат од Синдикатот.

Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини вели дека никој не треба да му каже на граѓанинот колку осиромашил во изминатиот период, бидејќи тој тоа го чувствува во својот џеб.

– И покрај тоа што владините функционери тврдат дека платите и стандардот растат, граѓаните тоа го знаат без да им се каже. Тие тоа го чувствуваат во својот џеб. Први на удар од новите цени на храната и енергенсите ќе бидат сиромашните, а потоа и сите граѓани во земјава, зашто имаме низок стандард и секоја промена на цените се чувствува драстично. Значи наредниот период за граѓаните ќе биде уште потежок бидејќи од нивниот џеб повеќе ќе се издвојува и за греење – вели Хајредини.

Тој вели дека владата треба да преземе мерки за намалување на ударот врз стандардот на граѓаните.

Вчера и директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница, Јанез Копач изјави дека цената на струјата ќе расте и во наредниот период и препорача земјава да ги помогне сиромашните семејства.

– Затоа најважно е да се дефинираат ранливите категории и да им се пружи помош за да може нормално да си ги платат сметките – рече Копач.

Тоа подолг период го бара и Регулаторната комисија за енергетика.

Според експертите владата ќе треба да размисли и за зголемување на износот на гарантираната минимална помош кој беше зголемена во периодот на пандемијата и олабавување на критериумите кој може да ја добие оваа помош.

– Еднократна парична помош за таргетирани групи од населението, односно вработени со ниски примања, невработени, приматели на социјална помош и студенти во опсегот од 3.000 до 9.000 денари ќе треба да се зголеми, а ќе треба да се зголеми и додатокот за енергија кој лани временски се удвои опфаќајќи 12 наместо само 6 месеци од грејната сезона – велат тие.

Од своја страна пак, министерот за економија неколкупати досега најавува замрзнување на цените на основните прехранбени производи, што наиде на големо негодување кај компаниите кои ги произведуваат, бидејќи ваквата мерка би значела и недостиг на производи на пазарот и загуби за компаниите кои поради високите цени на енергенсите и суровините не се во состојба рентабилно да работат.

Оваа мерка веќе ја применуваат во соседството. Србија ја ограничи цената на лебот, а Хрватска цената на горивата.

Поврзани содржини