ВЛАДАТА СЕ ПОДГОТВУВА ЗА ПРОГЛАСУВАЊЕ ЕНЕРГЕТСКА КРИЗНА СОСТОЈБА Што предвидува Уредбата за ваква состојба?
Владата тврди дека се работи само за усогласување со Законот за енергетика, а експерти велат дека уредбата е подготовка пред прогласување на кризна состојба откако состојбата со производството и снабдувањето со струја се усложни со набавката на јаглен за ТЕЦ Битола и незаконското повлекување на струја од европската енергетска мрежа.
Подготовка за евентуално прогласување на кризна состојба поради отежнато снабдување со електрична енергија или само усогласување со Законот за енергетика? Експертите и владата различно го толкуваат донесувањето на последната уредба на владата за утврдување на критериумите и условите за прогласување кризна состојба во случај на енергетска криза.
Владата тврди дека се работи само за усогласување со Законот за енергетика, а експерти велат дека уредбата е подготовка пред прогласување на кризна состојба откако состојбата со производството и снабдувањето со струја се усложни со набавката на јаглен за ТЕЦ Битола и незаконското повлекување на струја од европската енергетска мрежа.
Владата, на предлог на Министерството за економија, неодамна донесе уредба со која подетално ги утврдува критериумите и условите за прогласување на кризна состојба, во случаи на временски и природни непогоди, хаварии и нарушувања на пазари на енергија, начинот на снабдување со соодветните видови на енергија во кризна состојба, мерките што се преземаат во случај на кризна состојба, како и правата и обврските на носителите на лиценци за вршење на одредена енергетска дејност согласно со Законот за управување со кризи.
Уредбата е донесена на 30 октомври и е објавена во Службен весник од 2 ноември.
Од Министерството за економија велат дека Уредбата е донесена со цел усогласување со одредбите на Законот за енергетика, согласно кој пазарот на електрична енергија е целосно отворен и има повеќе учесници на пазарот (како на пример, Оператор на пазар-МЕМО ДООЕЛ).
– Во опфатот на оваа Уредба се определени и правата и обврските на учесниците на пазарот во услови на кризна состојба. Претходната Уредба беше донесена во 2012 година и во неа не беа усогласени новите одредби за пазарите на електрична енергија -велат од Министерството за економија.
Оттаму додаваат дека континуирано ја следат состојбата во електроенергетскиот сектор.
– Во моментов има доволно количини на електрична енергија, до крајот на годината нема да има зголемување на цената на струјата за домаќинствата – велат од Министерството за економија.
Експертите, пак се со став дека владата со ова прави законска подлога за можно прогласување на кризна состојба. Добро е со оглед на моменталните услови со производството и снабдувањето со електрична енергија и предупредувањата од Европската енергетска заедница за неовластено повлекување на струја од европскиот систем.
– Иако не знам што фактички содржи сметам дека е подготовка за можно прогласување на кризна состојба. За вакво нешто Владата секако треба да има и законска подлога, па тоа и се прави – вели професорот Антон Чаушевски.
Тој предлага да се активираат сите можни производни капацитети во земјата за производство на електрична енергија за да се намали шокот, но смета дека зимава може да помине и без поголеми потреси.
– Добро е да се активираат сите производни капацитети, па и ТЕЦ Неготино, за која лесно може да се набави мазут преку Солунското пристаниште. Се разбира ако е во производна техничка подготвеност. Во услови кога сите бараат јаглен, добро е да се обезбедат од 300.000 до 500.000 тони за ТЕЦ Битола. Зашто тоа е подобро отколку да не се обезбеди ништо – вели Чаушевски.
Идентичен е и ставот на професорот Константин Димитров.
– Во услови кога бесправно се повлекува струја од европската мрежа наместо да се купи струја на берза оваа Уредба може да се оцени како подготовка за најлошото. Состојбата се влошува. Земјата има стари електрани, но тие можат да се активираат во вакви услови, но гледаме не успева да обезбеди соодветно гориво за нивна работа. Тендерот за снабдување со јаглен на ТЕЦ Битола е повторно продолжен и тоа говори дека ќе биде тешко да се оствари планот. За набавка на струја нема пари, а да се помогне МЕПСО бидејќи е во лоша финансиска состојба ќе треба да се прогласи за загубар. Сето тоа оди на контото дека се размислува за кризна состојба и оваа уредба е подготовка за тоа – вели Димитров.
Еве кои се условите за прогласување на кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија според Уредбата на владата:
- целосно или делумно нефункционирање на електропреносниот или електродистрибутивниот систем предизвикано од временски или природни непогоди или хаварии,
- испад на интерконективен преносен капацитет,
- распад на електроенергетскиот систем на соседните држави, – траен испад на поголеми производствени капацитети поради хаварија или недостиг на енергенси за производство на електрична енергија и/или неможност испадот да се покрие со расположливата резерва во производство на електрична енергија,
- недостиг на електрична енергија на домашниот пазар, како и на регионалните и меѓународните пазари на електрична енергија утврден врз основа на податоци добиени од диспечерскиот центар на ОЕПС и/или ОПЕЕ и
- непредвиден значителен пораст на цената на електрична енергија за одреден временски период.
Според уредбата, министерот за економија треба да формира Комисија за следење на состојбите снабдување со електрична енергија и проценување на електроенергетската состојба во Република Северна Македонија и во соседните земји врши Комисија за следење на состојбите со снабдување со електрична енергија.
Таа треба да биде формирана од 10 члена и тоа по 1 претставник од редот на високи раководни функции во: Министерството надлежно за работите од областа на енергетиката, Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги, Операторите на електро дистрибутивните системи (ОЕДС) и операторите на електро дистрибутивните системи (ОПЕЕ), и производителите на електрична енергија со инсталирана моќност над 100 MW, универзалниот снабдувач, трговецот со најголемо учество на пазарот на електрична енергија на големо и снабдувачот со најголемо учество на пазарот на електрична енергија на мало.
Комисијата при анализата на состојбата ги проценува овие ризици:
- настанување на нарушена или вонредна состојба којашто може да доведе до целосен распад на електроенергетскиот систем на Република Северна Македонија,
- настанување на делумен распад на електроенергетскиот систем, 3) настанување на распад на електроенергетскиот систем на соседните држави,
- настанување на траен испад на поголеми производствени капацитети,
- недостиг на електрична енергија и
- состојбата на пазарот на електрична енергија.
Ако е исполнет некој од условите за прогласување на кризна состојба и врз основа на процените министерот оценува дека е потребно тогаш Владата во согласност со Законот за управување со кризи, да донесе одлука за прогласување на кризна состојба, доставува предлог до управувачкиот комитет формиран во согласност со Законот за управување со кризи.
Управувачкиот комитет одлучува и предлага владата да донесе одлука за прогласување кризна состојба.
Мерки што се преземаат во случај на кризна состојба:
- ограничување на потрошувачка на електрична енергија и
- обезбедување на дополнителни количини на електрична енергија, вклучително и балансна енергија и резерва за активна моќност.
Финансиските средства потребни за реализација на мерките се обезбедуваат од сопствени извори на носителите на лиценци за вршење на енергетските дејности и/или од Буџетот на Република Северна Македонија во согласност со Законот за управување со кризи и на начин определен во одлуката на Владата.
Начин на снабдување со електрична енергија во услови на кризна состојба
Во зависност од настанувањето на условите поради кои е прогласена кризната состојба утврдени врз основа на извршените процени како и обемот на недостигот на електрична енергија, се применуваат следните степени на ограничување на потрошувачката на електрична енергија:
- I степен на мерки за ограничување којшто се применува ако недостигот на електрична енергија изнесува од 5-10% од количините на електрична енергија согласно Енергетскиот биланс на Република Северна Македонија за тековната година
- II степен на мерки за ограничување којшто се применува ако недостигот на електрична енергија изнесува од 10-20% од билансираните количини;
- III степен на мерки за ограничување којшто се применува ако недостигот на електрична енергија изнесува од 20-30% од билансираните количини, а електричната енергија во акумулационите хидроелектрани изнесува 60% од билансирани количини;
- IV степен на мерки за ограничување којшто се применува ако недостигот на електрична енергија изнесува од 30-40% од билансираните количини и
- V степен на мерки за ограничување којшто се применува ако недостигот на електрична енергија изнесува над 40% од билансирани количини.
При спроведувањето на мерките за ограничување на потрошувачката според степените операторите на електро дистрибутивните системи (ОЕДС), во соработка со единиците на локалната самоуправа ги применуваат и следните мерки:
- исклучување на сите светлечки реклами,
- осветлението на улиците, плоштадите и другите објекти се намалува до минимален сигурносен обем на осветлување,
- осветлението на излозите се ограничува до минимален сигурносен обем на осветлување и/или
- забрана за употреба на електрична енергија за додатно загревање на деловни и службени простории.