ЌЕ Ѝ КАЖЕ ЛИ ЗАЕВ „МАЛО СУТРА“ НА ОСТАВКАТА? Има кој да „лета“ од работа наместо премиерот

Политичките аналитичари со коишто разговараше Плусинфо велат дека јавноста не треба да биде изненадена доколку повторно се почувствува изманипулирано и доколку повторно го види премиерот качен на сцената како ѝ вели „мало сутра“ на оставката.

8,499

Прилично уверлив беше премиерот Зоран Заев во неделата вечерта кога на македонската јавност ѝ соопшти дека се повлекува од премиерската и од партиската функција по доживеаниот дебакл на локалните избори. Но, дали сега, по поминати нецели два дена и по добиената силна поддршка од своите коалициски партнери, тој можеби почнува да се предомислува?

Оти, оставката на премиерот сите ја слушнавме, но никаде не ја прочитавме, бидејќи написмено таа не е поднесена ниту во Собранието, ниту во Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски.






Политичките аналитичари со коишто разговараше Плусинфо велат дека јавноста не треба да биде изненадена доколку повторно се почувствува изманипулирано и доколку повторно го види премиерот качен на сцената како ѝ вели „мало сутра“ на оставката.

Наместо да си ја поднесе оставката, очекувано е сега Заев да направи внатрешни кадровски промени во партијата со цел да го зацврсти своето гласачко тело.

Синиша Пекевски Политички аналитичар

– Повеќе од сигурно е дека Зоран Заев ќе се попишмани и нема да ја даде оставката од премиерската функција, па и од функцијата претседател на СДСМ. Целата работа ќе се развлече и партнерите нема да му дозволат да си даде оставка. Од друга страна, пак, Зоран Заев никогаш не ја ни дал оставката, бидејќи тоа што го кажа по дебаклот на локалните избори може да се сфати како емотивен говор и ништо повеќе. Тој никогаш не рече дека поднесува неотповиклива оставка, а и никогаш не поднел оставка напишана на хартија. Затоа сметам дека сите бадијала „вергламе“ за оставката на премиерот, бидејќи тоа нема да се случи. Впрочем, кога Заев си останал на зборот? Затоа, не очекувам ништо драматично да се промени и откако официјално ќе се попишмани, иако, можеби, Заев ќе ја „трампа“ својата оставка за неколку кадрови промени во високиот врв на партијата и на владата. Но, сметам дека сето тоа ќе се сведе само на најобична козметика, а не на длабока реконструкција. Постои едно крило кое силно го поддржува Зоран Заев и таму има луѓе кои ќе направат сè во корист на својот партиски лидер – објаснува политичкиот аналитичар Синиша Пекевски.

Тој вели дека евентуалното пишманење на премиерот нема премногу да го промени изборниот резултат на следните парламентарни избори.

– Ништо не може да ги одврати членовите на СДСМ да го дадат својот глас за СДСМ, па затоа и „пу, пу, не важи“ на премиерот во однос на оставката нема премногу да го промени изборниот резултат. Оние што си гласаат за него и за неговата партија ќе си продолжат да си гласаат за него и за неговата партија, додека, пак, неопределените ќе продолжат да одлучуваат за кого да го дадат својот глас само врз основа на тековните работи и тековните проблеми и грешки што ќе ги прави власта во следниот период. Но, ситуацијата по локалните избори малку се промени и бранот веќе е тргнат. Заев сега треба само да го издржи бранот, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ секако дека ќе направи некаква грешка и така ќе се стабилизираат работите. Наместо да си ја поднесе оставката, очекувано е сега Заев да направи внатрешни кадровски промени во партијата со цел да го зацврсти своето гласачко тело. А ако останат работите непроменети, тогаш со сигурност ќе доживее уште поголем дебакл на следните парламентарни избори – вели Пекевски.

И професорката по уставно право, Гордана Силјановска-Давкова, смета дека постои веројатност оставката на Заев да биде слична како и оставката на министерот за здравство Венко Филипче.

– Деновиве ќе видиме дали има минимум шанса за пристојна демократија во која има минимум свест за објективна и за субјективна одговорност. Демократијата се учи со вежбање и со лични примери. Се надевам дека нема да биде: по Филипче – Заев. Оти, не помина ниту еден ден од оставката, а веднаш тргна поворката на бранители на премиерот од самиот него. Од една страна, коалициските партнери го убедуваат да ја повлече неподнесената оставка, односно да го повлече дадениот збор, а од друга страна, невладиниот сектор преку со „откривање“ на незаконско финансирање на кампањата на опозицијата изјавува дека оставката не ја прифаќаат граѓаните и граѓанките. Но, кога некој нема збор, ве остава без зборови. Дали повторно ќе останеме без зборови, ќе видиме наскоро – посочува Силјановска.

Гордана Силјановска-Давкова: Се надевам дека нема да биде: по Филипче – Заев. Оти, не помина ниту еден ден од оставката, а веднаш тргна поворката на бранители на премиерот од самиот него.

Пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска, пак, смета дека сега многу тешко ќе биде Заев да се повлече од оставката што ја објави јавно.

– Тоа е одлука што Заев ја соопшти по изборите и тоа е негова лична одлука. Но, таа одлука ќе се преиспитува во партијата. Коалициските партнери вчера соопштија дека парламентарното мнозинство останува. Оттука, ние немаме намера да се повлечеме од тешките одлуки кои претстојат, бидејќи државата мора да продолжи по патот што го зацрта, а голем дел од тоа е заслуга на самиот Заев – рече Петровска во „Утрински брифинг“.

И лидерот на ЛДП, Горан Милески, чија партија е дел од владината коалиција, рече дека Заев дефинитивно ќе си замине.

– Не треба веќе за тоа да се занимаваат политичарите. Тоа треба да биде морален чин за кој јавно си кажа Заев. Залудно е да се дебатира на таа тема – вели Милески.

Поврзани содржини