МУ ДАЛЕ 1.000 ДЕНАРИ ЗА ДА ГЛАСА ЗА НИВНАТА ПАРТИЈА Предизборен поткуп во Македонска Каменица
За случајот, како што соопшти Министерството за внатрешни работи, известен е јавен обвинител, а лицето кое нудело поткуп е повикано во Полициското одделение Македонска Каменица.
Деветнасетгодишник од каменичкото село Цера, денеска во Полициската станица во Македонска Каменица пријавил обид за поткуп за глас, за што, како што стои во полициското соопштение, му биле понудени 1000 денари во партиски штаб во Македонска Каменица.
– На 29.10.2021 во 11:50 часот, 19-годишно машко лице од село Цера, Македонска Каменица, во Полициското одделение Македонска Каменица пријавило кривично дело по член 162 став 1 од Казнениот законик на Република Северна Македонија. Имено, според пријавата, тој непосредно пред пријавувањето бил повикан во штаб на политичка партија во Македонска Каменица, каде од страна на В.В. од Македонска Каменица му биле дадени 1.000 денари за да гласа за кандидатот за градоначалник од таа политичката партија – информираат од полицијата.
За случајот, како што се дополнува во полициското соопштение, известен е јавен обвинител, а В.В. е повикан во Полициското одделение Македонска Каменица.
По документирање на случајот најавен е соодветен поднесок од страна на полицијата.