ДАЛИ И ВО ВЛАДА СЕДАТ СО ОТВОРЕНИ ПРОЗОРЦИ? Студеното време ги преполни амбулантите со настинати ученици

Тие ги споделуваат сведоштвата на своите деца, дека во училиштата имало наставници на кои им било страв од коронавирусот, па дека тие влегувале накратко во училниците, има давале задачи на учениците, и веднаш си заминувале оставајќи ги учениците сами цел час.

1,051

Течење нос, кашлица, зголемена температура, болки во вратот и главата, покачено ЦРП. Ова се симптомите кои ги наполнија амбулантите на матичните лекари со дечиња.

Причината за зголемениот број на настинки на учениците, според лекарите е тоа што од страна на наставниците во училиштата не им било дозволено да бидат затворени прозорците и вратите како дел од протоколите за заштита од ковид-19, додека во текот на минатата недела значително беа намалени температурите.






– Имаше деца пациенти кои дојдоа со настинки и сите наведоа дека на училиште им било студено и седеле со отворени врати и прозорци на провев. Од старт на целата пандемија сè што се препорача за народот како протокол – не беше добро – вели за Плусинфо претседателката на здружението на матични лекари Лилија Чолакова-Дервишова.

Таа додава дека доколку нешто не се промени во протоколите за одржување на наставата со присуство на учениците во училиштата, затоа што ни претстои постудено време, нормално и зима, лекарката очекува дека овој тренд на настинати ученици ќе биде значително зголемен.

На социјалните мрежи има бурна реакција и од родителите, кои велат дека децата по цел ден се на провев и дека е во ред децата да бидат во училиштата додека е времето топло, но веќе се загрижени за здравјето на своите деца, затоа што пред нас е зимата.

– Не знам што мислат властите во врска со ова, но јас нема да дозволам моите деца да седат во камен студена училница само за да следат настава. Двете ќерки ми се настинати, потрошивме еден куп пари за ковид-тестови, затоа што симптомите се слични со коронавирусот. Од матичниот лекар добивме антибиотска терапија и ни рече дека не сме единствените со вакви симптоми. Дури и во аптека ми одговорија дека во последните неколку денови зголемен е бројот на побарувачка на лекови, токму на терапијата што ни ја даде матичниот – вели за Плусинфо еден револтиран родител.

Родителите се гневни и по тоа што можеа да го видат во медиумите и на социјалните мрежи за време на предизборната кампања, како и за време на објавувањето на првичните резултати во неделата и прославата кај сите политички партии.

– Значи децата можат со маски, да седат на провев, како дел од ковид-протоколите, ама кога станува збор за партиските собири, славења, ништо не важи. Се гушкаа, се бакнуваа, маска ретко кој носеше, сега треба сите да се санкционираат, затоа што поради нив страдаат деца, а најверојатно и ние, доколку дојде до зголемен број на заболени со корона. Дали и во влада седат на провев? – ни изјави друг родител.

Тие ги споделуваат сведоштвата на своите деца, дека во училиштата имало наставници на кои им било страв од коронавирусот, па дека тие влегувале накратко во училниците, има давале задачи на учениците, и веднаш си заминувале оставајќи ги учениците сами цел час.

Одговори побаравме и од министерството за образование, дали се запознаени со зголемениот број на настинати деца во училиштата поради протоколот за заштита од ковид-19, дали поради постуденото време кое е пред нас е предвидена промена во начинот на одржување на наставата (хибриден модел или онлајн настава), но засега не добивме никаков одговор.

Министерката Царовска пред почетокот на учебната година истакна дека се подготвени за одржување на наставата со физичко присуство, како и доколку има зголемен број на ученици заболени со коронавирусот имаат подготвено две сценарија. Едниот е хибридниот модел кој се применуваше минатата учебна година – дел од учениците да следат настава со физичко присуство, додека останатиот дел наставата да ја следи онлајн. Другото резервно сценарио е примена на систем на ротација – со менување на групи ученици на една недела со физичко присуство и онлајн.

– Навистина ми е драго што ќе имаме можност новата учебна година да ја започнеме со физичко присуство, бидејќи ние сме земја којашто најдолго ги држеше училиштата затворени поради пандемијата со ковид-19. Главниот координативен кризен штаб оцени дека се создадени услови за настава со физичко присуство, за што и Владата донесе одлука – рече Царовска пред стартот на учебната година.

Инаку во текот на вчерашниот ден имаше состанок на Комисијата за заразни болести, но најверојатно за ова прашање не се дискутирало, затоа што подоцна во текот на денот седница имаше и владата, на која беа донесени одлуки за олабавување на ковид-мерките, со кои се укина ограничувањето на максимално дозволениот број на лица на една маса во кафетериите, рестораните и во рестораните на хотелите, како во отворените така и во затворените делови на овие угостителски објекти.

Поврзани содржини