ГОСПОД ДА НИ ГО ЧУВА ПОСЛЕДНИОТ БЛОК НА ТЕЦ БИТОЛА Македонија влета во енергетската криза без „осигурувач“ и без памет

„Требаше барем една недела да ја активираат ТЕЦ Неготино, но наместо тоа, мазутот кој се набавува за оваа термоелектрана се троши во ТЕЦ Битола, Досега имаше шанса ТЕЦ Неготино да се приклучи на гас и драстично да поевтини нејзиното производство. Но и со сегашната цена на мазутот, добро е да се вклучи во производство, не само технички да се испроба, туку и да работи. Треба да се размислува дека во даден момент поисплатливо ќе биде таа да работи отколку да се увезува струја, поради можен пад на енергетските системи при драстично повлекување на струја во регионот“, вели професорот Константин Димитров.

11,272

Иако владата вели дека ја следи состојбата со цената на електричната енергија и најави увоз на јаглен за да им помогне на компаниите со снабдувањето со електрична енергија, факт е дека ништо не е преземено навреме, велат експерти што ги консултираше Плусинфо.

Тие додаваат дека енергетиката е сложен сектор и во него плановите се прават долгорочно, а не од ден за ден. Потребна е стратегија, редовно следење на состојбите и навремена реакција неколку месеци пред да дојде до криза. Треба да се води сметка да не се троши водата од хидроелектраните во летниот период, а резервите од јаглен и мазут за термоелектраните да се обезбедат најмалку половина година порано од сезоната на зголемено трошење на енергијата.






– Нема стратегија, не се размислувало и не се следеле состојбите. Зашто, ако било обратно, сега немаше да се паничиме околу енергијата и за тоа дали ќе ја има – вели професорот Константин Димитров.

Според него, со оглед на околностите што владеат на светските берзи, цената на електричната енергија и паниката која се создаде околу тоа, земјава веќе требаше да ги има обезбедено јагленот и мазутот, а термоелектраните да бидат во целосна кондиција за производство.

– Сега сме ставени пред свршен чин и треба да го молиме Господ да не дозволи нешто да не пукне во единствениот блок од ТЕЦ Битола што работи. Зашто, процесот на сервисирање е долг, а резервни делови во состојба на криза не можат брзо да се купат. Дополнително и ископот на јаглен поради дождот е отежнат или воопшто не се врши и сме соочени со резерви на јаглен за само 1 ден. Практика е резерви да се обезбедат за една недела или уште подобро за еден месец. Во вакви услови и за повеќе месеци или да се обезбеди сигурен откуп на јаглен. Сѐ на сѐ, состојбата е критична. Знаеме дека Живојно не е активирано, иако беше најавено обратното, не се купени машините кои се потребни за ископ и во другите рудници. Сето говори дека нема никаква стратегија околу енергијата и многу е тешко да се верува дека ќе излеземе некако од кризата – вели Димитров.

Според него, земјава веќе требаше да ја испроба технички ТЕЦ Неготино, за да може секој момент да се вклучи во системот, бидејќи регионалниот систем на снабдување со струја во одредени моменти може да откаже.

– Требаше барем една недела да ја активираат ТЕЦ Неготино, но наместо тоа, мазутот кој се набавува за оваа термоелектрана се троши во ТЕЦ Битола. Досега имаше шанса ТЕЦ Неготино да се приклучи на гас и драстично да поевтини нејзиното производство. Но и со сегашната цена на мазутот, добро е да се вклучи во производство, не само технички да се испроба, туку и да работи. Треба да се размислува дека во даден момент поисплатливо ќе биде таа да работи отколку да се увезува струја, поради можен пад на енергетските системи при драстично повлекување на струја во регионот, кога нема да можеме ниту да увеземе електрична енергија – вели Димитров.

Тој додава дека се надева дека струја за домаќинствата ќе има, но компаниите се оставени да се снаоѓаат сами, што е лошо за економијата на земјава.

– Да се надеваме дека со употреба на сегашните капацитети и со огромни напори ќе има струја за домаќинствата, но компаниите се оставени сами на себе. Нема никаква помош од државата околу нивното снабдување со струја и може да се очекува банкрот на фирми. Сето тоа негативно ќе влијае на производството, на цените и на буџетот. Па мислам дека меурот на кризата може да пукне токму на енергијата, што ќе доведе до колапс и на економијата. И сето тоа поради несовесно работење и немање стратегија како да се менаџира – додава Димитров.

И претседателот на регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, вели дека состојбата е сериозна, дека земјава има проблем со хидрологијата, во одреден дел и со термоелектраните.

– Но сè се решава,  и на никој не му е ни на крај на памет да не преземе мерки што ни стојат на располагање – рече вчера Бислимоски.

Тој вчера изјави дека се прават анализи и за вклучување на ТЕЦ Неготино, но додаде дека производната цена на ТЕЦ Неготино за струја е врзана со цената на мазутот.

– За жал, сега имаме повторно тренд на пораст на цената на нафтата на светските берзи, што е процес на кој ние не можеме да влијаеме. Доколку постои економска исплатливост и доколку и понатаму продолжат да растат цените на електричната енергија, апсолутно ќе се примени и сценариото за вклучување на термоелектраната, доколку цената за производство на ТЕЦ Неготино е пониска од таа што е на пазарот – рече Бислимоски.

Првиот регулатор демантира дека по Нова година струјата која им се испорачува на домаќинствата може да поскапе за 50 отсто.

Владата и ЕСМ, пак, најавија дека со увоз на 1,2 милиони тони јаглен и со активирање на ТЕЦ Осломеј ќе се справуваат со енергетскиот ценовен шок. ЕСМ планира вишоците да ги продава на компаниите по поевтина цена.

Тендерската постапка за увоз на јаглен, меѓутоа, беше продолжена за уште неколку дена, со образложение дека странските компании побарале продолжување на рокот, но тоа создаде нови прашања во јавноста околу тоа дали ќе се обезбедат планираните количини јаглен и дали термоелектраните имаат доволно резерви на јаглен за да се помине зимата.

Плусинфо праша во ЕСМ со цел да се расветлат овие дилеми, но досега нема одговор на нашите прашања.

Професорот Антон Чаушевски за порталот Денар, зборувајќи за енергетската криза околу набавката на јаглен, вели дека се можни проблеми околу набавката во „5 до 12“.

– Не е само работата да кажеме дека ќе увезуваме јаглен. Проблем е дали во оваа криза ќе се најде земја која ќе сака да го продава својот јаглен. Без разлика дали ќе се увезува од Грција или од Косово, сите земји се во криза и сите ќе си го чуваат своето богатство. Станува збор за голема количина која е многу важно по која цена ќе се куп и како ќе се донесе до тука. Количините се навистина многу големи, станува збор за милиони тони, за што би биле потреби и околу два месеци за да се транспортираат до тука – вели Чаушевски.

Тој смета дека увозот на јаглен ќе ги ублажи проблемите од енергетската криза, но за да се задоволат целосно потребите, ќе мора да се купи електрична енергија од надвор.

Енергетската криза ја најавија компаниите кои алармираа дека ќе ги зголемат цените на производите, ако владата не ги помогне околу набавката на струја и нејзината висока цена. На можно влијание на цената на енергенсите врз инфлацијата, предупреди и Народната банка, која сè уште не размислува поради тоа да ја заостри монетарната политика и ја остави основната каматна стапка на ниво од 1,25 отсто.

На светските берзи поради зголемената побарувачка на овој енергенс од компаниите кои го зголемија производството по пандемската година цената драстично порасна на 200 евра за мегават. ММФ излезе со очекување дека кон средината на следната година цената на струјата ќе се стабилизира, но компаниите во Европа почнаа да ги откажуваат договорите за набавка на електрична енергија и да го намалуваат производството.

Соседна Албанија веќе најави рестрикции на електрична енергија, за да не го преоптовари системот. За ваков потег се определија и голем број други земји.

Поврзани содржини