ШТО Е ЗАДНИНАТА НА БАРАЊЕТО И БУГАРИТЕ ДА БИДАТ ЗАПИШАНИ ВО УСТАВОТ Ако можат сите други да се борат за етнички квоти и привилегии, зошто не и тие?
Барањето на Софија и Бугарите да бидат запишани во македонскиот Устав е бизарно и неодржливо од аспект на европската пракса. Но, тоа не е случајно и му погодува фактот дека на сите запишани Уставот и праксата им гарантираат посебни права, квоти и слични привилегии.
Кои се вистинските причини поради кои Софија и официјално бара Бугарите да бидат впишани во македонскиот Устав? Дали е тоа вообичаена европска пракса и стандарден бенчмарк за земјите аспиранти за членство во ЕУ? Какви ќе бидат реалните последици на една ваква новина во конститутивниот акт на државата?
Како што е познато, премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Бујар Османи отворено изразија спремност Бугарите да бидат запишани во Уставот. Министерот Османи отиде чекор понатаму, тврдејќи дека на тој начин Софија конечно ќе се повлече од тезата „еден народ, две држави“. Но, наспроти ова, лидерот на опозицијата Христијан Мицковски се огласи со барање за реципрочни промени во Уставот на Бугарија, во кој треба да се впишат и Македонците. Во спротивно, ВМРО-ДПМНЕ нема да обезбеди двотретинско мнозинство за промена на македонскиот Устав.

Реципроцитетот е невозможна мисија
Што велат македонски експерти и интелектуалци за ова чувствително прашање?
Ако се бара од нас вклучување на етничкото малцинство Бугари во Уставот, што не би било проблем за нас, зашто имаме веќе такви случаи, зошто тоа не се направи и во Бугарија со Македонците, праша Александар Кржаловски, во изјава за Сител телевизија.
– Изговорот е дека тоа не е предвидено во бугарскиот Устав. Па не е предвидено и во нашиот. Да било предвидено, ќе сме ги ставеле и Бугарите. Зошто да не направат и Бугарите измена во нивниот Устав, по тој принцип на реципроцитет? Дури сметам дека тие треба први да го направат тоа, за да ни покажат дека тоа е европска пракса – вели Кржаловски.
И академик Катица Ќулавкова бара да се почитува принципот на реципроцитет.
– Нека ги впишат прво Македонците во Уставот на Бугарија, после нека шират безочни лаги. Ама нашиве ни нудат само искривени толкувања за сите, штетни за македонскиот народ, решенија и политики – категорична е таа.

Ќулафкова го коментира тврдењето на Османи дека на овој начин Софија ќе се откажела од тезата „еден народ, две држави“, според очекувањата, е демантирано и од бугарска страна. Бугарскиот новинар Ангел Петров за Сител изјави дека впишувањето на Бугарите во Уставот нема да значи дека во јавноста ќе исчезне фразата „еден народ, две држави“.
– Таа фраза, „еден народ, две држави“, до некаде е болна тема и за Бугарија. Јас не мислам дека која било одговорна влада ќе ја застапува таа теза, зашто секоја официјална бугарска политика разбира дека на крајот на краиштата ние сме два одделни народа. Се разбира, јавното мислење, општествениот дискурс е таков што сфаќа дека ако Македонците не се Бугари, а ние знаеме дека не се Бугари, тогаш тие се потомци на Бугарите или на некој начин се поврзани со нив. Тој доминантен дискурс нема да исчезне со едно впишување на Бугарите во македонскиот устав – објасни Петров.
Бизарно и инфантилно
Барањето на Бугарија, најблаго кажано, е политички инфантилно и правно бизарно, особено ако се земе предвид дека доаѓа од држава членка на ЕУ кон држава кандидат, во рамките на процесот на проширување на Унијата. Критериумите за зачленување, самиот правен поредок на ЕУ, како и тоа како тој институционално и функционално е поставен, даваат докажано животворни гаранции и заштита на слободите и правата на сите индивидуи, на сето европско граѓанство, по сите основи, па и по етничкиот основ, вели професорката Каролина Ристова Астеруд.
– Дополнително, нашиот устав содржи две клаузули во таа смисла, клаузула за рамноправност и клаузула за забрана за дискриминација, а е подложен и на сето право што произлегува од Советот на Европа. Оттука, јасно е дека „грижата“ на Бугарија не е мотивирана од тоа што се декларира. Да беше така, Бугарија ќе инсистираше што побргу да влеземе целосно во правно-политичкиот поредок на ЕУ и под негова поцврста контрола, дури и со предаден значаен дел од нашиот државен суверенитет врз ЕУ, а со тоа и нејзино (бугарско) поголемо влијание во таа смисла. Оттука, барањето може да се објасни само како дел од оние гледишта во бугарската политика кои го негираат постоењето на македонскиот народ, а и пошироко, кои имаат сериозен проблем со поставеноста на македонската нација во пострамковна Македонија. Рамковниот договор е мировен договор во даден контекст и со јасно набележани интервенции во нашиот устав, а како потреба за адресирање на причините на конфликтот лоцирани во сферата на меѓуетничките односи, и секако, како шанса да се унапреди меѓуетничкиот соживот и мирот меѓу етничките заедници, кои се главните двигатели на македонската државност и на општествениот живот, како историски така и во нашата современост – вели професорката.

Сето тоа таксативно набројување на сите што ги има во Уставот е израз и на континуитетот на нашата уставност од првиот Илинден, преку таа во рамките на југословенската федерација, па и сè до независноста на нашата државност, вели Ристова Астеруд и додава:
– Значи, има многу јасна контекстуализација зошто е така. Таа контекстуализација е афирмативна и позитивна и во никој случај не е исклучувачка, негаторска или дискриминаторска за припадниците на било кој друг етникум (или по било кој друг основ), било за оние кои коинцидираат со соседството, или пак се дојдени и натурализирани како наши сограѓани и сограѓанки од било кој дел од светот. Со пописот сигурно ќе биде и тоа очигледно. Но, зарем тоа значи дека треба да вклучиме еден анекс на уставот и да ги изредиме сите? Тоа се бизарните импликации на бугарските барања, ако ги доведеме до нивната крајна консеквентност.
Уште еден начин да се одере мачката
Дали бизарното бугарско барање е без соодветни импликации во правната пракса и во животот?
– Вметнувањето на Бугарите во Уставот би значело дека ќе им се гарантираат сите права кои со законите се обезбедени за припадниците на етничките заедници кои не се мнозински: квоти за вработување во јавната администрација, студирање на јавните универзитети и слично. Секое менување на Уставот бара широк политички и граѓански консензус. Навистина има потреба да се менува нашиот Устав, за повеќе суштествени прашања, но политичкиот момент за такво нешто ни оддалеку не изгледа соодветен – смета професорката Ана Павловска Данева.

И Ристова Астеруд вели дека импликациите од еден ваков потег ќе бидат далекусежни:
– Целта и атаката е токму истата онаа што е во континуитет, негирање на постоење на македонскиот народ, на неговата посебност и различност од оној на бугарскиот, но сега на поинаков начин. Само тактичкиот пристап е поразличен, односно тоа би било со деконструкција одвнатре, слично како што веќе се злоупотребува земањето бугарски државјанства од страна на етнички Македонци, а кои тоа го прават на микрониво, заради унапредување на своите животни шанси, секако на опортунистички и конформистички начин, а не за да бистрат големи „признанија“ за својата (бугарска) етничка припадност, уште помалку за да бистрат големи политики од овој тип во проблематичните меѓудржавни односи. Поконкретно, со сегашното толкување на уставните решенија и политики по основ на Рамковниот договор, тоа би значело токму и тоа, засебно третирање во однос на сето она што сега го има по основ на етничките припадности различна од мнозинската македонска – од „праведна и соодветна застапеност“, па сè понатаму. Што ќе рече, колку повеќе готвачи, толку повеќе расипување на „главната манџа“, до непрепознавање. Или, како беше оној идиом во англискиот јазик – има повеќе начини како да ја одереш мачката.
Ќе се запишат Бугарите, Црногорците, Хрватите – крај нема, а и зошто би имало?!
Според професорот по Уставно право Светомир Шкариќ, мачката е одамна одрана и прифаќањето на барањето на Бугарија не би имало поинакво значење од досегашната пракса на редење на малцинските групи поименично во Уставот.
– Штом се наредени другите, нека оди тоа до крај. А крај, всушност, нема. Ако се продолжи вака, листата на малцински групи ќе содржи триесеттина имиња, а ќе има и нови барања, зошто да не. Јас своевремено бев против наведувањето на националните малцинства во Уставот, затоа што знаев каде води тоа. Но, поради инсистирањето на Албанците и на некои други на еден друг концепт, дојде до ова редење без никаков ред и критериум. Ако е квантитетот некаков критериум, на пример, јасно е зошто Албанците се запишани како први и најважни, но нејасно е зошто едно време Власите беа втори. Србите во почетокот не беа вметнати во Уставот, со едно чудно образложение дека така ќе се чувствувале како малцинство, а не како народ. Сигурно се сеќавате на таа смешка. Подоцна сепак и тие си најдоа место на списокот. Ова веќе изгуби секаква смисла, па ако се впишат Бугарите, ќе се впишат и Црногорците, кои сега силно лобираат за тоа, но и Хрватите и некои други – вели Шкариќ.

Јасно е, додава тој, дека борбата да се „влезе“ во Уставот не е случајна и бесмислена. Тоа носи посебни права и привилегии по однос на малцинската етничка припадност. Тоа е она што кај нас се нарекува „правична застапеност“ на малцинските етнички групи во администрација и во образование на сите нивоа.
– Според моето мислење, станува збор за отсуство на сериозна концепција во Уставот. Нашиот најголем проблем, не само со Уставот, туку и во развојот на земјата, е што не се работи според некаква концепција, туку според дневно-политичките потреби и пазарења. И затоа сè е можно – заклучува Шкариќ.