МВР ЌЕ ЈА ДАДЕ ПРИЧИНАТА ЗА ПОЖАРОТ Заев вели дека Обвинителството истражува кој е виновен
Очекувам од следните денови да се објават од МВР детали од форензиката, а ОЈО, да продолжи со истрагата, рече премиерот.
Премиерот Зоран Заев очекува во следните денови МВР први да излезат со детали за пожарот во тетовската модуларна болница во која изгореа 14 пациенти. Заев смета дека тоа нема да пречи на истрагата во Обвинителството. Засега нема информации од МВР дали и кога ќе ги објават деталите за причините за пожарот.
– Јас не можам да дадам наредба, налог, напатствија на орган кој не е под наша надлежност, тоа обвинителство. Можам да апелирам да се објави извештајот. Можам да побарам од МВР да го објават соопштат извештајот. Поминуваат недели, треба да се дадат одговори, прво за граѓаните, потоа и за нас, за да носиме одлука. Очекувам од следните денови да се објават од МВР детали од форензиката, а ОЈО, да продолжи со истрагата. Но, одговорот за како настанал пожарот и што се случило, сите детали поврзани со моментот, очекувам да бидат јавно објавени, по што ќе донесе одлука во врска со понудените оставки од министерот и заменик-министерот – рече Заев.
Според Заев, по заминувањето на германските експерти, треба за две недели да стигне и нивниот извештај.
На дополнителното новинарско прашање, дали тој лично знае кои се причините за настанувањето на пожарот, премиерот одговори:
– Тоа треба да го објави Министерството за внатрешни работи и чекам да го објават, па со тоа да бидам и јас информиран, а со тоа и јавноста.