УАПСЕНИОТ ДИПЛОМАТ ИСПРАТИ ПИСМО Миленкоски сака да му се суди во Македонија!
Македонскиот дипломат кој е во екстрадикциски затвор во Врање поради „Ерменската врска“ вели дека е невин,
Семејството на Миле Миленкоски, македонскиот дипломат кој на 27 август годинава беше уапсен во Србија по потерница на Интерпол издадена на 15 февруари 2020 година по барање на Ерменија, до редакцијата на Слободен печат предало писмо од Миленкоски со која тој реагира на медиумските објави во државава по повод инцидентот во кој е вмешан. Во реакцијата Миленкоски вели:
„Жалам што поради тоа што покрај мојот углед, со овој настан беше нарушен и угледот на МНР и на Владата на РСМ. За ништо на светот не би наштетил на мојата чест и углед, на семејството, на Министерството кое ми даде се во животот, ниту на Владата на РСМ. Бидете уверени дека ни во овој случај нема никаква вина кај мене, ниту прекршок, ни кривично дело, што е случај во целиот мој живот и кариера. Секако, тоа ќе го покаже и истрагата. Дотогаш, молам да се воздржите од шпекулации и непроверени информации“, пишува дипломатот.
Тој наведува дека од судот му биле доставени доказите од Ерменија и уверува дека во нив нема ништо што би укажувало на негова вина.
„Копија од доказите е доставена до надлежните институции во РСМ, која верувам дека е правна држава и, оттаму, верувам дека надлежните ќе покренат брза постапка, со оглед на фактот дека во доказите за случајот се опфатени 7 лица, од кои 6 се државјани на РСМ. Притоа, РСМ би побарала од Република Србија да бидам префрлен во РСМ. На овој начин правдата би била задоволена и случајот комплетно разрешен, што е моја најголема желба во моментов“, наведува тој.
Во случајот „Ерменска врска“ се работи за скандалот што се случи во таа држава кога тројца македонски дипломати, со приватен авион и дипломатски пасоши во 2019 година го извлекле од Ерменија македонскиот бизнисмен Димитријевиќ кој бил обвинет за измама во Ерменија пред две години. Македонскиот дипломат Миле Миленкоски е во екстрадициски притвор во Врање.