ШЕРИЈАТСКИ ЗАКОН, ТАЛИБАНСКА ВЛАСТ Што точно ги чека жените во Авганистан?
Многу жени и општо активистки во Авганистан стравуваат за нивната безбедност и пристап до образование. Ако извршат прељуба, шеријатскиот закон предвидува смртна казна. Сепак, за „хад“ да се примени треба да има докази, а и претходни одобрувања од верски експерти.
Знаеме како на хартија изгледа шеријатскиот закон, но никој точно не може да предвиди како талибанците ќе го интерпетираат во однос на жените во Авганистан. Приближно вака ја објаснува ситуацијата во земјата познатата нобеловка Малала Јусафзаи, која на 15 години била застрелана само затоа што учествувала во кампања за образување на млади девојчиња, пишува Би-би-си.
Ќе бидат ли егзекутирани младите Авгинастанки ако вршат прељуба во новата држава? Или тоа ќе им биде оставено на верските судии да одлучат?
– Многумина од нив (од луѓето и жените) се сеќаваат што се случуваше од 1996 до 2001 година и се длабоко загрижени за нивната безбедност, нивните права, нивната заштита [и] нивниот пристап до училиште – вели Јусафзаи за медиумите.
Но, што е Шеријат?
Зборот Шеријат, доаѓа од шарија, што значи „јасна, добро газена патека до вода“. Тоа е текст произлезен од Куранот кој му дава насоки за секојдневен живот на еден муслиман.
На пример, ако човек посака да оди во кафеана после работа, убаво е претходно да побара совет од локалниот верски водач. Исто е и ако има семејни проблеми, проблеми со својот бизнис или воопшто со парите.
Што ќе значи ова во пракса?
Талибанците се познати по тоа што буквалистички го толкуваат ова парче текст, кое е произлезено од самиот Куран, и се спремни да ликвидираат во негово име. Тука и лежи дел од проблемот.
Јавните егзекуции на луѓе кои извршиле макар и прељуба, на пример, се честа појава. Но, што се случува кога за некое дело може да има повеќе толкувања или Шеријатот е нејасен? Тогаш обично се повикуваат верските експерти да дадат свое мислење.
Смрт за извршена прељуба, ама само ако има докази
Шеријатскиот закон ги дели прекршоците во две општи категории: прекршоци „хад“, кои се тешки кривични дела со утврдени казни и кривични дела „тазир“, каде што казната е дискрециско право на судијата.
Во „хад“ прекршоци спаѓаат крадење, за што се сече раката, или прељуба – за што исто има строги казни. Сепак, за „хад“ да се примени треба да има докази, а и претходни одобрувања.
Муслиманските земји се поделени кога станува збор за овој закон. Исто и муслиманите имаат различни мислења дали и како треба да се применува.
Пет доктрини, сто различни толкувања
Како и секој правен систем, шеријатот е комплексен и неговото практикување целосно зависи од квалитетот и обуката на експертите кои ќе го толкуваат.
Исламските правници издаваат насоки и пресуди. Упатството што се смета за формално-правно решение се нарекува „фатва“.
Инаку, постојат пет различни школи на шеријатското право. Од нив четири се сунитски доктрини: Ханбали, Малики, Шафии и Ханафи и една е шиитска доктрина – шиитската Јафари.
Петте доктрини се разликуваат во тоа како буквално ги толкуваат текстовите од кои произлегува шеријатскиот закон.
Жена судијка одредува колку жени може да има мажот
Дека разлики во толкување на Шеријатскиот закон постојат во различни земји, зборува фактот што во Малезија, каде се практикува помодерна варијанта на ислам, судијата кој одлучува за полигамни бракови е жена.
Нени Шушаида е една од ретките жени која може да одлучува дали мажот ќе земе нова жена и дали ќе има старателство врз децата. Иако во Малезија е легално мажот да има до четири жени, тој прво да биде сослушан и пред Шушаида да објасни како и зошто го сака тоа.
– Секој случај е сложен и различен – објаснува судијката. – Не можете да го генерализирате исламскиот закон и да кажете дека тој ги фаворизира мажите и се однесува лошо кон жените … Сакам да ја поправам таа заблуда.
Но, на судењето мора да биде присутна и жената (или жените) и да се чуе и нивниот збор.
– Сакам да слушам од сите, не само од мажите – вели таа. – Битно е јас да разговарам со жени за да дознаам дали тие се во одборот со аранжманот. Важно е тие да се согласат со тоа, бидејќи ако видам какви било знаци што велат поинаку, тогаш нема да дадам дозвола.
Шушаида има разбирање и за оние жени кои се противат на оваа идеја.
– Јас сум женско и можам да разберам дека повеќето жени не би ја сакале идејата. Но, тоа е дозволено според исламот, а нашите малезиски судови донесоа строги закони за да го регулираат ова – децидна е судијката.