Ветеринарите се жалат: Ни ги оставаат кучињата пред амбуланта и не се враќаат по нив

Мора да се обрне повеќе внимание на чипување и обележување на животните. Не може да се дозволува луѓето да ги чуваат, а кога на децата ќе им здосадат, да ги фрлат – велат од ветеринарната амбуланта „Вет Тим“ од Скопје.

725

Ако не секое второ, тогаш секое трето утро наоѓаме врзано куче во дворот на ветеринарната амбуланта, се жалат скопските ветеринари. Тие велат дека многу луѓе кои сакаат да се ослободат од своето домашно милениче одлучуваат да го остават пред нивната врата, оти веројатно сметаат дека ветеринарите ќе го згрижат или ќе го подарат некому.

Плусинфо разговараше со ветеринари и со здруженија за заштита на животните и сите се согласни дека решение на овој проблем е чипувањето, односно да се преземе иницијатива да се проверат сите миленици дали имаат чип под кожата.






Според нив, доколку кучињата се чипувани, тогаш секое милениче што ќе биде фрлено или оставено на улица или покрај одреден објект ќе може да се дознае од која куќа е напуштено, а со самото тоа, сопственикот ќе мора да одговара кривично.

– Мора да се обрне повеќе внимание на чипување и обележување на животните. Не може да се дозволува луѓето да ги чуваат, а кога на децата ќе им здосадат, да ги фрлат – велат од ветеринарната амбуланта „Вет Тим“ од Скопје.

Според нив има и уште еден проблем кој мора да се реши, а тоа е стерилизацијата и кастрацијата, особено по селата и по руралните средини.

– Таму ги пуштаат неконтролирано да се парат, а подоцна малите кутриња ги фрлаат пред амбуланти и на места каде што има повеќе луѓе со надеж дека ние ќе се грижиме за нив – посочуваат ветеринарите.

Од Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“ велат дека се запознаени со проблемот, но како што велат, не се најоптимисти дека во брзо време ќе се реши тој проблем.

– Луѓето се неодговорни, а за жал и надлежните институции се неодговорни и незаинтересирани да го решат не само проблемот со напуштање ,туку и проблемот проблемот со запоставување на миленици. Затоа не верувам дека во блиска иднина ќе се реши проблемот – вели Радмила Пешева од „Анима Мунди“.

Таа посочува дека имаат информација дека досега е казнето само едно лице за напуштање на миленик. Сè уште сите сопственици не си ги имаат микрочипувано кучињата и никој не ги потсетува и опоменува за оваа обврска, камо ли да ги казни, додава Пешева.

– На едукацијата на граѓаните во врска со грижата и обврските за животното кое го земаат како миленик работат само здруженијата за заштита на животните, пред сè преку социјалните мрежи и директно во контакт со вдомувачите. Ние сме тие кои волонтерски промовираме одговорно сопствеништво и кастрација и стерилизација, како на бездомни животни така и на оние со сопственици – вели нашата соговорничка.

Пешева појаснува дека здруженијата и поединци се тие кои во Македонија вдомуваат илјадници бездомни кучиња и мачки годишно и го контролираат нивниот статус и состојба кај вдомувачот.

– Ние пријавуваме случаи на напуштање миленици и вршиме истражни работи и собираме докази против сторителите, но за жал соодветните институции не реагираат. А напротив, постојано сме на мета, иако нашата волонтерска работа е изложена на опструкции од разни инспектори – додава таа.

Пешева вели дека правеле интервенции во законот со кои оваа појава ќе се намали, но нивните предлози и амандмани не биле прифаќани во целост.

– Според закон, животното кое сопственикот не сака да чува веќе, треба да го предаде во официјално одобрено прифатилиште од АХВ. Но и тоа не е решение. Овие прифатилишта и онака немаат капацитет и средства да се занимаваат со проблемот со напуштени кучиња, па уште и несаканите домашни миленици треба некој да им ги остави пред врата – вели Пешева.

Таа додава и дека кај нас секој може да земе куче и никој не контролира како тоа животно се одгледува.

– Во западните земји сте обврзани да одите на краток курс и обука заедно со кучето откако ќе го земете. И постојат тела кои легитимно имаат право да ви кажат дека не соодветствувате за сопственик на миленик. Ние сме далеку од тоа, уште со основни проблеми се бавиме. Проблемот е повеќе од сложен и длабок. Луѓето со својата неодговорност и со убедувањето дека „животно е, ќе се снајде на улица” го креираат комуналниот проблем со бездомна популација на животни – додава таа.

Поврзани содржини