ВМРО-ДПМНЕ најавува блокада во Собранието ако законот за марихуана на Заев се донесе со европско знаменце
Јавна тајна се сомневањата дека лиценците за преработка на масло од канабис се издаваа за 300.000 до 500.000 евра, пари кои се сомневаме дека завршуваа единствено во џебот на фамилијата Заеви. Законот на Заев за марихуана го потврдува сомнежот дека ветувањето до компаниите одгледувачи на марихуана било и овозможување на извоз на цвет од канабис, вели Петрушевски.
Власта сака да легализира криминал на Заев и тоа директно преку Собранието на Македонија, преку злоупотреба на европското знаменце. Законот за марихуана е закон за бизнисите на Зоран Заев, изјави Бране Петрушевски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес конференција во врска со предлог-законот за контрола на наркотични дроги и психотропни супстанции кој вчера владата го предложи до Собранието со европско знаменце.
– Лиценците за канабис кои се дадоа изминативе години, се лиценци за прерaботка на масло од канабис и финален производ за медицински цели, но и не за извоз во форма на сув цвет од канабис, како што предвидува ова законско решение. Меѓу овие лиценци е таа и на семејството Заеви. Јавна тајна се сомневањата дека лиценците за преработка на масло од канабис се издаваа за 300.000 до 500.000 евра, пари кои се сомневаме дека завршуваа единствено во џебот на фамилијата Заеви. Законот на Заев за марихуана го потврдува сомнежот дека ветувањето до компаниите одгледувачи на марихуана било и овозможување на извоз на цвет од канабис – вели Петрушевски.
И наместо да зборуваме за дигитализација, вештачка интелигенција, за 21 век, за владеење на правото, и нови работни места, реагира ВМРО-ДПМНЕ, власта носи закони со кој во Европа и во светот ќе станеме познати земја производител на марихуана.
– Ако законот за марихуана на Заев се донесе со европско знаменце во Собранието на Република Македонија, и се изгласа, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги блокира сите идни закони кои ќе дојдат во Собранието. Бидејќи овој предлог закон е најавен дека ќе се носи со европско знаменце, ја повикуваме и европската канцеларија во Македонија да излезе со став по однос на ова прашање – рече Петрушевски.
На новинарско прашање да ја коментира изјавата на премиерот Заев дека нема да биде прифатена Резолуцијата која ја поднесе ВМРО-ДПМНЕ за црвените линии за разговорите со Бугарија, поради името и употребата на името во преамбулата Петрушевски одговори:
– Во однос на ставот на Зоран Заев за Резолуцијата која ги опфаќа црвените линии кон спорот со Бугарија, несериозно е тоа што Зоран Заев и СДСМ по четврти пат го менуваат своето мислење. Суштината на самата Резолуцијата се црвените линии за идентитетот, јазикот и историјата, напишани од МАНУ, УКИМ и МПЦ. Заев да не се заглавува во формата, игнорирајќи ја суштината. И секое одложување на нејзиното носење значи дека Заев се бори за простор за пазарење со Бугарија. Не би сакале да веруваме дека има некои подлабоки причини за опструирање на оваа Резолуција. СДСМ треба да погледне подалеку и да застане зад македонските интереси.