Адвокатот Еленко Миланов: Имаме обемна документација за висок ризик по здравјето на Камчев во притворот
Сите кардиоваскуларни стручњаци укажуваат на висок ризик од условите во кои се наоѓа Камчев во притворот во Шуто Оризари, рече Миланов.
Еленко Миланов, адвокатот на Орце Камчев, по завршување на рочиштето за случајот „Плацеви на Водно“ рече дека до судот е доставена обемна документација за здравствената состојба на Камчев и дека има висок ризик по неговото здравје во притворот во Шуто Оризари.
– Сакам уште еднаш да упатам апел до сите институции дека здравствената состојба на Камчев, за која доставивме обемна медицинска документација, од четири институции и од безмалку сите кардиоваскуларни стручњаци, укажуваат на висок ризик од условите во кој се наоѓа. Може да има страшен ризик по неговото здравје – рече Миланов.
Тој, понатаму зборуваше и за делот на обвинението на обвинителката Лиле Стефанова за перење пари, за кое рече, ќе докажат дека сите средства биле од деловното работење на компанијата на неговиот клиент, а не како што тврди обвинителството.
– Во конкретниов случај, не може да оди оваа правна квалификација на овој начин и со ваков обвинителен акт, затоа што според она што денеска го кажа обвинителката, оној што прв ги пуштил парите во промет не може да биде обвинет, бидејќи не се исполнети законските претпоставки. Второ, слушнавме во воведниот говор нови докази, за наводни трансакции. Економски трансакции без економско вештачење коe не е најавено од oбвинителството, не може да има. Ќе докажеме дека сите средства се од деловно работење на компанијата Орка – рече Миланов.