ИНТЕРВЈУ Сашо Алушевски, фотограф: Македонската фотографија со години чмае во некое чудно мочуриште

Сашо Алушевски вели дека не е сигурен дали верува во инспирација, барем не на оној општо прифатен начин на поимање на инспирацијата. Според него, мотивите за овој проект се многу едноставни – да се документираат луѓето кои ја творат современата македонска култура, денес.

1,305

Изложбата на фотографот Сашо Алушевски, „Портрети на уметници“, ќе биде дел од програмата на Скопско Лето 2021, кое ќе се отвори на 20 јули, 2021, во 20 часот, во салонот на Културно информативниот центар.

Фотографиите кои ќе бидат дел од оваа изложба, се направени со мокар колодиумски процес – фотографска техника од средината на XIX век. Заради неговата тежина и специфичност, се бават само мал број врвни уметници во светот, а се смета за една од најблагородните фотографски техники, како во однос на нејзината специфична естетика така и во однос на квалитетот и трајноста на самите фотографии. Кај нас досега никој не се занимавал со ваков вид на фотографија.






Сашо Алушевски вели дека не е сигурен дали верува во инспирација, барем не на оној општо прифатен начин на поимање на инспирацијата. Според него, мотивите за овој проект се многу едноставни – да се документираат луѓето кои ја творат современата македонска култура, денес.

– Сметам дека последниве децении македонските автори и авторки се крајно маргинализирани, дури и оние кои се на светски глас. Верувам дека треба да се многу повидливи и со ова се обидувам да придонесам за тоа. Исто така, на некој начин, имам потреба да ја вратам фотографијата „дома“. Македонската фотографија со години чмае во некое чудно мочуриште. Од една страна го имаме Фото сојузот, кој ја дефинира и ја држи во заложништво македонската фотографија едно пет-шест децении назад во времето, а од друга страна имаме некои инцидентни недозреани, самонаречени концептуални изложби кои поминуваат скоро и незабележани. Секако, имаме и издржани авторски претставувања, ама по мое видување, тие се исклучок а не правило. И секако, начинот на кој се направени овие фотографии, е многу интимен, и така јас ја (зло)употребувам таа можност, да ги запознам од поблиску некои од македонските бардови. Значи, да се разбереме, мотивите се крајно себични – вели Сашо Алушевски.

На овој проект се работело со релативно долги прекини, идејата и првите фотографии биле направени уште во 2018 година.

-Дел од фотографиите се направени на уметничките колонии „Де Ниро“ и „Арт Поинт Гумно“. Изложбата, под ова име беше поставена и минатата година во КСЦ Јадро, и во галеријата на Балканскиот Универзитет во Скопје, но со делумно различни фотографии, некои се повторуваат, а имам и доста нови портрети. И целата идеја е оваа поставка е да биде колекција која постојано ќе се надополнува, со години веројатно, дури не се заситам – открива Сашо.

Сашо фотографира кога фотографирањето е возможно, кога од било кои причини тоа не е возможно, тој не напнува.

– Со искуство сум научил дека „со сила убаина не бива“. А убавите нешта, сами си доаѓаат, кога условите ќе созреат – додава тој.

За овој проект „Портрети на уметници“ пред објективот на Сашо Алушевски застанале уметници од различни генерации, а истите се познати македонски имиња.

– Ќе можат да се видат портретите на уметници од различни генерации, како Стефанија Гаштарска –наша млада балерина во „Большой театр“ (таа е прва личност од Македонија која заиграла во тој ансамбл, а тоа е исто како да имате еден Марадона во македонската репрезентација, на пример, а да не знаете за тоа) или Миро Масин, Сергеј Андреевски, Ивана Коцевска, Бранислав Николов, Игор и Ана Дурловски, Тамара Котевска за кои не треба дополнително објаснување кои се, до автори и авторки за кои, според мое крајно лично убедување, допрва ќе се слушне, како Мартина Пенева, Сали Ертунч или Бранкица Јордановска… Невкусно е сите да ги набројувам исто како што е неумесно да не ги набројам останатите – вели фотографот.

Ќе бидат изложени дваесетина фотографии, со димензија 100х70 сантиметри, односно, човековите лица ќе бидат претставени многу поголеми од нивната природна големина. Оригиналните фотографии се направени на стаклени плочи. Изложените дела се дигитално испечатени скеновиод стаклените плочи.

– Свесно, сакав да ги изместам тие пропорции, за да на сите портрети се доближам до некаква ликовност наспроти голото документирање – додава тој.

Според Сашо, состојбата во културата последните години ни е ужасна, а ако сакаме да имаме држава,  напредок, развој, тоа под итно мора да се промени и да се инвестира во културата.

– При тоа не мислам дека култура е Дино Мерлин или кој тоа требаше лани да пее на Охридско лето. Срамно. Институционалниот однос кон издржаните културни производи треба сериозно да се смени, како и санкционирање на шундот – вели Сашо Алушевски.

Поврзани содржини