Уличните уметници свират само за бакшиш – хонорарот од Град Скопје им оди во туѓи џебови

Град Скопје организираше конкурси за избор на уличните артисти, но откако се смени власта во земјава, парите кои беа наменети за уличните артисти сега се пренасочени за фестивали. И сето тоа го направија без ниту еден збор, вели младата музичарка Јана Гигова.

641

Уличните артисти се атракција сами по себе. Од локални граѓани до странски туристи, сите имаат можност да уживаат во интерпретациите на овие уметници во главниот град. Енергијата која овие музичари ја имаат во себе, успеваат да ја пренесат до случајните слушатели, а на тој начин да им го подобрат и расположението. Тие се хероите кои по долг и напорен работен ден, го разубавуваат секојдневието на минувачите.

Плусинфо разговараше со дел од нив, а како што велат, да се биде уличен уметник во Скопје не е баш најлесно и најисплатливо, но е забавно.






Младата уметница Јана Гигова, која секојдневно можете да ја сретнете на градскиот плоштад со својата гитара и микрофон, објаснува дека уличните уметници во Скопје веќе неколку години се целосно заборавени од властите, а како што вели, парите кои претходно биле наменети за уметниците, сега се пренасочени за фестивали на кои настапуваат артисти без никаква допирна точка со уличната уметност.

– Град Скопје организираше конкурси за избор на уличните артисти, но откако се смени власта во земјава, парите кои беа наменети за уличните артисти сега се пренасочени за фестивали. И сето тоа го направија без ниту еден збор. Артистите кои настапуваат на тие фестивали немаат никаква допирна точка со уличната уметност. Можам да кажам дека и конкурсите во минатото немаа некој голем ефект, бидејќи буквално секој можеше да биде примен, а на тој начин се случуваше неред и преоптовареност од улични уметници, неквалитетни изведувачи – објаснува Гигова.

Таа вели дека заработувачка ќе има секогаш за тој што е добар, професионален и истраен во тоа што го работи.

– Некои од уличните артисти се жалат од заработувачката, а други, пак, пеат и свират од хоби. Јас лично се занимавам со улична уметност, покрај настапите во локали, бидејќи луѓето ме ценат и од уличните настапи заработувам солидна сума –посочува Јана.

Честопати не прифаќа настапи во локали, а наместо тоа одбира да свири на улица, оти, како што вели, не сака места каде што луѓето се „стискаат“ за исплаќање на нормален хонорар.

– Од народот сум прифатена одлично и секогаш застануваат позади мене, во случај да се појави некој од соседите кој бара да престанам. Такви случаи се еднаш во неколку години и затоа се занемарливи. Најубаво ми е кога не работи фонтаната на плоштад, тогаш акустиката е најдобра и најубаво си поминувам и јас и минувачите, оти најубаво се слуша музиката – додава таа.

Од Град Скопје не добивме повратен одговор зошто уличните артисти повеќе не ја добиваат финансиската помош која порано им следувала и на кој начин се прави селекција за избор на уметници што настапуваат на фестивалите.

Поврзани содржини