Во собраниското чекмеџе има пари и за патарини на пратениците, а работниците кој ги врти!
Сите матeријални издатоци од буџетот мора да се пропишани со закон, а не со подзаконски акти или нечии одлуки. Правото се регулира глобано со Уставот, а детално со закон, а тоа се однесува и на издатоците од државнтата каса кои мора да бидат законски регулирани, а постапката се регулира со подзаконски акти, вели професорот Темелко Ристески
Македонските пратеници повторно се мета на критики затоа што од една страна декларираат заложби за подобра држава и општество со еднакви можости, а од друга страна молчат кога јавноста ќе посегне по чекмеџето кое беше разоткриено кога букна скандалот со исплатата на баснословните патни трошоци.
Сега повторно се на удар поради привилегиите и дупките што ги оставиле законодавците, а кои се однесуваат на исплата на патарини за народните избраници што ги немаат другите вработени во земјава. Некои не добиваат ни пари за патни трошоци, а не, пак, за патарини.
Прашањето по која законска основа на пратениците покрај патни трошоци им се плаќаат пари за патарини прв во јавноста го отвори пратеникот на Левица, Димитар Апасиев. Според објаснувањето на собраниските служби, пресметката за патните трошоци се врши според донесена одлука од Собранието, а надоместокот за патни трошоци на пратениците се исплатува според закон.
Експертите велат дека и патарините се дел од трошоците што ги прават пратениците и сигурно влегуваат во патните трошоци. Но, дали е така, не успеавме да потврдиме, затоа што пратениците нè упатуваа на правната служба, односно на генералната секретарка Цветанка Иванова, со која денеска не успеавме да исконтактираме.
– Сите матeријални издатоци од буџетот мора да се пропишани со закон, а не со подзаконски акти или нечии одлуки. Правото се регулира глобано со Уставот, а детално со закон, а тоа се однесува и на издатоците од државнтата каса кои мора да бидат законски регулирани, а постапката се регулира со подзаконски акти – вели професорот Темелко Ристески за Плусинфо.
Тој порачува дека освен на законско регулирање на буџетските трошоци треба да се работи и на свеста на државните функционери.
Исплатата на патарините или на патните трошоци, објаснува професорот Ристески, освен што мора да е усогласена со закон, треба да се сведе на ниво на реални трошоци, а не некој да стекнува богатство на сметка на парите од граѓаните или да зема пари од државата како да патува со хеликоптер, а не со возило.
– Ако нема морал, ако нема внатрешна контрола, ако нема самоконтрола, законот може да биде совршен, но пак ќе се настојува да се заобиколи тој закон – вели Ристески.
Пратеникотт Апасиев неодамна откри дека додека ги подготвувал новите измени на законот поврзани со надоместокот за патни трошоци на пратениците од сметководството на Собранието, добил информација дека во пресметката за патните трошоци се пресметуваат и патарините. Со оглед на тоа што тој не нашол законска основа за таква исплата, поставил прашање до службите во Собранието.
Надоместокот за патни трошоци на пратениците е регулиран со Законот за плата и другите надоместоци на избрани и именувани функционери и Законот за пратениците каде што висината на надоместоците за определени трошоци на избраните и именуваните лица во земјава, се утврдуваат според висината на трошоците.
„Надоместокот за користење автомобил во лична сопственост за службени цели е утврден во висина до 20 отсто од продажната цена на еден литар гориво, според изминатиот километар за возилото кое се користи“, пишува законодавецот.
Инаку, од август лани кога е конституирано Собранието до февруари годинава, 75 пратеници зеле вкупно 122.000 евра надомест за патни трошоци.
Според, последните измени што се направени во 2018 година, пратениците што живеат на оддалеченост од 100 километри од Собранието може да земат и стан под кирија на трошок на државата.