Џафери: Јас како припадник на албанската заедница петта година сум втор човек во државата

465

Претседателот на Собранието Талат Џафери, денеска во Скопје имаше средба со претставниците на Европскиот муслимански форум предводени од претседателот на овој Форум Абдул-Вакхед Нијазов на која се согласија дека ќе продолжат да работат на полето на етаблирање и промовирање на меѓусебното почитување и соживот.

На средбата, информираат од собраниската прес-служба, Џафери упати поддршка за нивната досегашна активност и работа која е во насока на тоа да ја претстави во Европа и светот вистинската слика за исламот како религија, и исламската свест во целина. Тој се осврна на значењето и придобивките што ги има нашата земја со тоа што е мултиетничко општество и која претставува пример за соживот во регионот.






– Самиот факт што јас како припадник на албанската заедница сум веќе петта година или втор мандат претседател на Собранието и втор човек по функција во државата, говори доволно за нашите предности како мултиетничко општество – нагласи Џафери и ја истакна  нашата заедничка стратешка определба за споделување на европските вредности во целост, а тоа, како што рече, го потврдуваме и со самиот факт што веќе сме земја членка на НАТО и земја која се очекува да ги започне преговорите со ЕУ.

 

Претседателот на Европскиот муслимански форум, Абдул Вакхед Нијазов, упати благодарност за можноста за оваа средба и истакна дека му е чест да престојува во земја која, нагласи, е светол пример во регионот кога се во прашање почитувањето на религиските различности и права, мирот и соживотот. Тој посочи дека, иднината на Европа е незамислива без муслиманскиот народ кој брои некаде околу 170 милиони.

-Тоа е народ кој е образован, материјално ситуиран и силно етаблиран во политичкиот, економскиот и општествениот живот ширум европските земји. Муслиманите во Европа, за разлика од оние кои живеат на другите континенти, живеат во демократски држави и општества и тоа претставува голема предност за нив во однос на останатото муслиманско население ширум свето -, рече Нијазов.

Тој говореше и за потребата од почитување на меѓусебните различности и толеранција и тоа, како што порача, претставува единствен услов за живот во мир и стабилност во европските земји

Поврзани содржини