Ревизорите откриле дека Пензискиот фонд располага со 2,3 милиони евра од непознати уплати кои не може да ги користи

Утврдената состојба влијае на можноста за користење на уплатените средства и за остварување на права од ПИО на поедини осигуреници, се вели во извештајот. 

1,037

Висок износ на трансфери од државниот буџет кон буџетот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. воспоставениот систем за утврдување, контрола и наплата на придонесите брез да биде обезбедено целосно ажурно и точно интегрирање и навремена размена на податоци од институциите како и нераспоредени пари од стари уплати во износ од 2,3 милиони евра кои Фондот за пензиско и инвалидско осигурување не може да ги користи, а осигурениците не можат да ги остварат правата од пензиското осигурување, констатира последниот ревизорски извештај за финансиското работење на Фондот во 2019 година.

Ревизорите утврдиле дека дел од парите со кои располага Фондот не може да ги користи поради  неможноста навремено да се обезбедат потребните податоци за разрешување, дел од
неконзистентните уплати кои се останати нераспределени. Дел од нив потекнуваат уште од почетокот на воведување електронската наплата на придонесите, т.е. од 2006 година.






„Неалоцирани уплати најчесто настануваат при уплата на придонес за работа со скратено работно време и времено ангажирани лица, за кои Фондот нема добиено соодветни пријави/одјави за вработување и регистрација на обврзник. Неидентификувани уплати, пак, настануваат како резултат на поднесени месечни пресметки за плата со неточни податоци или со променети матични односно
даночни броеви или пак при делумно или погрешно (повеќе или помалку) уплатени средства од страна на обврзниците“, се вели во извештајот.

Утврдената состојба, велат ревизорите,  влијае на можноста за користење на уплатените средства и за остварување на права од ПИО на поедини осигуреници

Во извештајот се споменува и недоволниот степен и интензитет на дигитализирање и електронско архивирање на документите од микрофилмските ленти во изминатиот период, што влијае на рационалното искористување на средствата.

„Приходите од наплатен придонес за ПИО во 2019 година се зголемени за десет проценти во однос на претходната година, на што значајно влијание имаат измените на Законот за ПИО од декември 2018 година и по основ на вратени придонеси со принос од приватните пензиски друштва“, покажуваат анализите од извештајот.

Според Државниот завод за ревизија, оствареното зголемување на приходите во 2019 година и понатаму не е доволно за покривање на расходите за социјални бенефиции кои исто така бележат раст од година во година кои се однесуваа на исплата на пензиските примања за вкупно 333.722 корисници на пензиски примања и се за 6,7 отсто повисоки во однос на 2018 година.

„За покривање на дефицитот на средства за исплата на пензии во 2019 година трансферирани се средства од Буџетот на државата во висина од 28 милијарди денари кои во вкупните приходи на Фондот учествуваат со 37 отсто“, се наведува во соопштението.

Од друга страна, додаваат од Државниот завод за ревизија, дека ревизијата во континуитет ги истакнува слабостите на воспоставениот систем за утврдување, контрола и наплата на придонес кој од 2009 година се врши од страна УЈП без да биде обезбедено целосно ажурно и точно интегрирање и навремена размена на податоци од институциите.

Од таму додаваат дека поради наведеното Фондот нема целосни и прецизни податоци за побарувањата по основ на неплатен придонес од ПИО ниту има надлежност за наплата на истиот, што влијае на комплетноста на приходите и на остварувањето на правата од ПИО на осигурениците за кои не е платен придонесот.

Како слабост се наведуваат и недоволните механизми за присилна наплата на утврдените штети поради неоснована исплата на пензии за кои се евидентираат побарувања од граѓани и нискиот процент на поврат на повеќе исплатените средства, што упатува на неизвесност за наплата на истите во наредниот период.

Фондот има слабости и во чувањето и архивирањето на податоците во матичната евиденција што го оневозможуваат потврдувањето на веродостојноста и целосноста на регистрираните податоци, потребни за остварување на правата од ПИО.

„Исто така, нарушено е и се доведува во прашање остварувањето на личните и материјални долгорочни права на дел од осигурениците кои немаат механизми за докажување на платен придонес за одреден период во осигурување“, се наведува во соопштението.

Ревизорите констатирале дека со системот на интерни контроли во процесот на остварување на правата од ПИО и процесот на исплата на пензиските примања  не се обезбедена целосна поделба на надлежностите и одговорностите на вработените вклучени во процесите со ризик од неправилности во постапката за признавање на правата од ПИО и од исплата на пензија и по истекот на законски утврденото право.

Според ревизорите, фондот нема стручен и обучен кадар за изготвување актуарски анализи за состојбите во пензискиот систем, ИТ кадар за поддршка на постојните процеси, внатрешната ревизија функционира без утврдениот законски минимум што влијае на можноста раководството да преземе активности за подобрување на работењето и недоволната екипираност на Комисијата за оцена на работната способност со лекари специјалисти влијае на квалитетно и навремено донесување на наод, оцена и мислење, врз основа на што се остваруваат права од ПИО.

 

Поврзани содржини