Пристигнаа 200.000 вакцини „Синофарм“, од вторник вакцинација во шест градови
Вакцините се купени во директни преговори со производителот.
Двесте илјади вакцини „Синофарм“ пристигнаа изутринава во поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје.
Пратката со вакцини ја пречекаа министерот за здравство Венко Филипче и амбасадорот на Народна Република Кина, Џанг Ѕуо.
Вакцините се купени во директни преговори со производителот. Со нивно распоредување во регионалните вакцинални пунктови во шест града низ државава по празниците треба да стартува масовната имунизација на населението.
Досега во државава се вакцинирани 60 000 граѓани.
Како што појасни министерот за здравство Венко Филипче, во претстојното вакцинирање акцент ќе се стави на граѓаните коишто се веќе пријавени, тие кои веќе чекаат и според возраста и според приоритетот на пријавување, односно оние кои први се пријавиле и веќе чекаат да бидат повикано ако досега не биле повикани ќе бидат повикани според возраста и тоа, како што рече, ќе се одвива насекаде во државата.
Овој месец, информираше министерот, очекуваме да стигнат околу 500 000 дози на вакцината „Синовак“, понатаму 100 000 дополнителни дози коишто доаѓаат како донација благодарение на Министерството за одбрана за време на разговорите на министерката Шекеринска со кинескиот министер за одбрана беше најавена донација од дополнителни 100 000 вакцини „Синофарм“, дополнување на овие 200 000. Значи уште 600 000 вакцини од Кина за 300 000 граѓани, 26 000 дози од вакцината Фајзер преку нашиот директен договор, се уште немаме точен термин за тоа кога и колкава количина ќе стигнат од руските вакцини, рече Филипче.
Станува се понеизвесно е пристигнувањето на вакцините на „АстраЗенека“ имајќи ги предвид случувањата со вирусот во Индија која има донесено забрана за извоз на вакцини, а дел од вакцините на Астра Зенека преку КОВАКС-системот треба да пристигнат и од тамошниот Институт.
-Оние први коишто пристигнаа во нашата земја беа од Јужна Кореја, не знаеме дали се планирани повторно количини од таму или од Индија, тоа може малку да ги искомплицира и одложи работите, меѓутоа остануваме во комуникација и ја пратиме ситуацијата – рече Филипче.
Во шестте сали низ државата и во салата „Борис Трајковски“ има капацитет во фрижидерите да се сместат и вакцините на Фајзер и во здравствените домови.
-Во тие големи пунктови ќе има практично од сите вакцини, следнава недела кинески и вакцини на Фајзер. Нема потреба да се става акцент на тоа да се бира вакцина. Сите се со еднаков квалитет, нема никаква контраиндикација. Каква вакцина има во пунктот во тие часови кога е предвидено да се вакцинираат граѓаните може комотно да ја примат без да бидат загрижени и да размислуваат дали има предност да се вакцинираат повеќе со една или со друга вакцина – рече Филипче.