Ако не сакаат дигитални учебници, ќе учат од фотокопирани и тоа на своја сметка!

Што ако се случи буквално сите ученици од четврто одделение па нагоре да си ги побараат учебниците во печатена форма од училиштето, бидејќи нели, имаат право на тоа? Колку пари државата предвидела да им даде на општините а тие на училиштата за фотокопирање на дигиталните учебници?

2,140

Многу реакции имаше денеска од родители, наставници и ученици по најавата дека за учениците од четврто одделение па нагоре ќе се воведат дигитални учебници од следната учебна година.

Децата реагираат дека книга си е книга и дека учебникот во дигитална форма не го доживуваат како учебник, како и дека е попрегледно да се учи од учебник на хартија, да се прелистува и да се повторуваат лекции, особено ако дома некој од родителите ги контролира додека го раскажуваат наученото.






– Понекогаш учам паралелно два предмета, кои се компатибилни или не. Ги отворам пред себе двата учебника и гледам и споредувам. Полесно е тоа да се прави со учебник на хартија отколку со дигитални учебници – вели една ученичка од деветто образование.

Од друга страна, пак, родителите реагираат на најавата дека учениците ќе учат на часови а дигиталните учебници ќе им служат за повторување. Многумина од нив револтирано коментираа под објавата на Фејсбук на министерката за образование Мила Царовска.

„Како тоа мислите само ќе го повторуваат материјалот научен на час преку интеракција со професорот? Ама ајде ви се молам не тресете глупости и излезете на терен. Не знам како е во други градови ама во Охрид 80% од учениците одат на приватни часови по математика, странски јазик, физика, хемија, а можеби и по други предмети. Тоа е поради недоволната посветеност на професорите и недоволна интеракција. И не станува збор за издвоени случаи туку за масовно посетување на овие приватни часови. Не знам како мислите дека сега поради вашава реформа тие професори наеднаш ќе почнат да си ја вршат работата“, реагира една мајка, која потсетува дека учениците сѐ уште во училиштата носат хартија за печатење, како и тоалет хартија, сапун и собираат пари за санирање или опремување на одредени училници.

Министерката Царовска на својот профил на Фејсбук наведувајќи дека одговара на најчесто поставуваните прашања се обиде да одговори на нападите на најавената реформа.

„Доколку од било кои причини некој ученик не е во можност да ги користи електронските учебници, училиштата имаат должност да ги испечатат и во хартиена форма да им ги доделат книгите, што значи материјалите за учење ќе му бидат достапни на секој ученик. Понатаму, секое училиште ќе има обврска да обезбеди потребната количина ИТ уреди. Тие ќе се даваат на користење на учениците кои не поседуваат електронски уред за употреба на дигиталните учебници. Ова значи дека државата ќе биде одговорна секое дете да има пристап до уред. Согласно податоците со кои располага МОН добиени од училиштата, над 90% од учениците во моментов се вклучени во онлајн настава, односно имаат соодветна ИТ опрема. Недостигот на електронски уред е предизвик за околу 4.000 ученици од сите одделенија и оваа бројка ќе ја сведеме на нула за многу кратко време“, вели Царовска.

Според неа, парите што ќе се заштедат со непечатење учебници, ќе се дадат на општините за набавка на електронски уреди за учениците од социјално загрозени семејства.

Царовска вели дека реформата предвидува повеќе време поминато на училиште. Но, прашање е каква ќе биде ситуацијата со пандемијата од ковид-19 во земјава и дали воопшто од следната учебна година, за кога е најавен стартот на овие реформи, учениците од четврто одделение па нагоре ќе се вратат во училишните клупи.

Министерката наведува дека македонските ученици минуваат 900 часови помалку на училиште отколку учениците од развиените земји.

„Идејата е децата да ја совладуваат наставната материја во училница, преку интеракција со наставниците, а помалку да работат дома со родителите или на компјутер. Учебниците треба да им послужат само за потсетување на веќе поминатата материја. Новите материјали за учење ќе наметнат учење со разбирање наместо фактографско учење. Тоа значи дека содржината се намалува, а се посветува внимание на квалитетот на податоци и факти кои се лесни за помнење и применливи во секојдневието. Учениците полесно ќе учат а со тоа и помалку време ќе треба да поминуваат во учење“, наведува Царовска.

Но, таа не објаснува како некое дете што ќе отсуствува од настава две недели поради болест или поради некоја друга причина, што често се случува особено во сезона на грип, на пример, ќе се потсети на веќе поминатата материја, кога не било на настава да ја совлада материјата во училница?

Царовска нагласува дека не постои ограничување за печатење на учебниците, дека кој сака може да има испечатен учебник и тоа да го направи самостојно или тоа да го направи училиштето.

Ова, пак, отвора две прашања – дали воопшто училиштата ќе смеат да го размножуваат материјалот кој подлежи на авторски права и, второ – колку пари државата предвидела да им даде на општините а тие на училиштата за фотокопирање на дигиталните учебници?

Зашто, може да се случи буквално сите ученици од четврто одделение па нагоре да си ги побараат учебниците во печатена форма од училиштето, бидејќи нели, имаат право на тоа. Или и за ова ќе треба ученикот да однесе топ хартија, а училиштата ќе станат фотокопирници и расадници на учебници, наместо на знаење?!

Поврзани содржини