Повеќе од 4.000 бизниси добиле бескаматен кредит од Развојната банка
Преку трите кредитни линии реализирани се 44,1 милион евра.
Преку трите кредитни линии, Ковид 1, 2 и 3, од Развојната банка се обезбедени ликвидни средства во вкупен износ од 44,1 милиони евра. Притоа се поддржани 4.078 компании кои вработуваат 36.802 лица, информираат од кабинетот на вицепремерот за економски прашања.
Оттаму додаваат дека кредитите се со каматна стапка од 0 отсто и грејс период до 6 или 12 месеци, кој за Ковид 1 дополнително се продолжи за три месеци.
Со вкупните средства од над 44 милион евра, директно е поддржаната работата на 1.943 микро компании, 1.783 мали компании, 75 средни компании, 219 трговци поединци и 58 занаетчии, кои вработуваат 36.802 лица.
Според извештајот за исцрпеност на бескаматната кредитна линија Ковид 3, се овозможени заеми на 2703 трговци-поединци и микро и мали компании, кои вработуваат вкупно 19.031 лица. Вкупниот износ на одобрени заеми изнесува 30,6 милиони евра.На повикот се пристигнати 3.282 кредитни барања од кои се разгледани 97 отсто. Од нив, се одобрени 2703 кредитни барања, додека за 489 кредитни барања е утврдено дека не исполнуваат најмалку еден од условите од Јавниот повик.
Најголем број на одобрени кредитни барања има од мали компании – 1422 или 53 отсто, потоа следуваат микро компании 1052 или 39 отсто, трговците поединци кои се 171 ил шест отсто и 58 занаетчии или два отсто.
Во однос на регионалната распределба, најголемиот број на компании се од Скопскиот плански регион, вкупно 878 или 32 отсто, по што следува Полошкиот плански регион со 392 компании или 15 отсто, вкупно 322 или 12отсто компании се од Југоисточниот плански регион, 303 компании или 12 отсто се од Југозападниот плански регион, 257 или 10 отсто се од Источниот плански регион, 270 или 10 отсто се од Пелагониски плански регион, 146 компании, односно пет отсто се од Вардарски плански регион, додека од Североисточен плански регион кредити добија 135 компании или 5 отсто.