На Ден Дончев да му се раздени, а на другите да им се стемни?!
Јас сум за тоа на луѓето да им се верува. Додека не се докаже спротивното. И осомничените имаат право да живеат нормално, да работат, да придонесуваат и за себе и за општеството. Ама тоа треба да важи за сите, а не само за другарчето на Зоран Заев.
Немам ништо против што Ден Дончев, поранешниот директор на Фондот за здравство, од средината на јануари е во Австралија. Имал човекот приватни проблеми на кои требало да им се посвети. Разбирливо…
Малку е чудно тоа што надлежните органи, коишто отворија истрага за него за аферата „Рекет 2“, не почувствуваа потреба да ја известат јавноста за тоа неодложно патување во неговата втора татковина. А и самиот тој можел да им каже на медиумите. За овој случај постои нагласен јавен интерес, барем тоа е јасно.
Не е убаво што за неговото патешествие дознаваме од рекла-казала. Знаеме дека е под истрага (потврди обвинителката Вилма Русковска), но не знаеме дали за него има било какви мерки за обезбедување. Не знаеме со каков пасош отпатувал. Не знаеме ништо, освен она што го кажуваат неговите пријатели – дека ќе се врател.
Добро, сфативме. Истражните органи му веруваат на Ден Дончев. На сите други не им веруваат, само во него имаат доверба. Можеби затоа што се блиски со премиерот Зоран Заев?
Ајде да веруваме и ние дека Дончев од Австралија не може да влијае врз сведоци во истрагата. Или може?
Да веруваме, на пример, дека не можел да сврати до Хонг Конг и таму да отвори нова приватна компанија, која ќе се занимава со трговија со лекови. Зборувам хипотетички.
Ајде да веруваме и дека нема да остане во Австралија или да избега во некоја трета земја. И дека ќе се врати.
Други осомничени во Македонија се притворени под претпоставка дека ковале планови да се дадат во бегство. На тие што не се притворени, им се одземаат пасошите. Им се замрзнуваат и сметките. И така тоа знае да трае со месеци и со години, во бескрајните предистраги и истраги, додека луѓето чекаат да бидат обвинети или ослободени од сомневањата.
На тие другите, органите, едноставно, не им веруваат. Затоа што не се „наши“? И не се другарчиња на Зоран Заев? Или тоа нема врска?
А Ден Дончев веќе два месеца не е во Македонија, но нему му веруваат дека не е избеган. И дека ќе се врати. А што ако не се врати? Што ако има билет во една насока?
Реков веќе, јас сум за тоа на луѓето да им се верува. Додека не се докаже спротивното. И осомничените имаат право да живеат нормално, да работат, да придонесуваат и за себе и за општеството. Категорично сум против тоа било кој да биде подложен на притисоци и на нехуман и деградирачки третман. Без оглед дали е осомничен, обвинет или осуден.
Според тоа, ако Ден Дончев имал мака, требало да му се помогне. Ако му бил земен пасошот, требало да му се даде привремена патна исправа. Ако бил притворен, требало да положи други гаранции и да се пушти од притвор.
Така јас би одлучил, да сум јас тој што одлучува. Ама така за сите, а не само за Ден Дончев, другарчето на Зоран Заев.
Значи, не вака – на Ден да му се раздени во Австралија, а на сите други да им се стемни?!
Тоа не е ни праведно, а ни хумано. Тоа се двојни аршини, другарчиња. Затоа народот повеќе не ви верува. Бидејќи научи какви дволични мустри сте…