Поскапе сѐ, а најмногу зејтинот

Граѓаните се жалат дека секое одење на пазарење се соочуваат со нови цени на најнеопходните прехранбени производи.

4,007

Растот на цените на прехранбените производи ги вознемирува граѓаните, а компаниите чие производи поскапуваат велат дека имаат повисоки трошоци за производство. Дел од нив, пак, засега не размислуваат за зголемување на цената на производите иако работат во загуби, но за понатаму не се сигурни дека нема да посегнат по цената бидејќи се работи за нивен опстанок. Од Министерството за економија, пак, не најавуваат ново замрзнување на цените на основните прехранбени производи, бидејќи за тоа нема законски услови.

Граѓаните се жалат дека секое одење на пазарење се соочуваат со нови цени на најнеопходните прехранбени производи.






– Лани имаше поскапување, но од почетокот на годинава нема ден да нема нова цена на некој производ. Поскапе сѐ, јајца, шеќер, млечни производи, овошјето, зеленчукот, а најмногу од сѐ поскапе маслото за јадење, што би рекле народски, зејтинот. Моите пресметки се дека тоа има повисока цена за 30 до 50 отсто бидејќи сега може да се купи за цена од 88, 92 или 160 денари зависно од компанијата. Среќа што сега се велигденските пости па некои од производите не ги купуваме често. Инаку дел од намирниците количински ги намалив при купувањето зашто платата не стасува, а и неа ни ја намалија лани поради пандемијата. Не знам зошто во вакви услови владата не ги замрзнува повторно цените како лани – вели скопјанка.

И статистика пресметала дека најголемо зголемување на цените на прехранбените производи кои влијаат на зголемување на трошоците на животот на граѓаните има кај маслото за јадење од 14 отсто за една година, а само за еден месец за 2,5 отсто.

Според статистика, за еден месец јануари – февруари прехранбените производи поскапеле за 0,4 отсто. За една година февруари 2020 февруари 2021 година храната поскапела за 2,1 отсто. Поскапело и овошјето и зеленчукот, шеќерот, џемот, медот, чоколадите и другите кондиторски производи, како и месото, рибата, млечните производи, алкохолот, кафето…

Производителите на маслото за јадење велат дека растот на цената бил неизбежен, бидејќи цените на светските берзи во последниве шест месеци двојно се зголемени, а тие мора да ја следат таа цена.

Од друга страна, пак, производителите на леб и бели печива засега не најавуваат зголемување на цените на производите.

– Не е време за зголемување на цената на лебот и на другите производи и покрај тоа што нашите трошоци за производство во некои делови се зголемени и за 70 отсто. За понатаму не знам како ќе биде, но познато е дека и во нашето производство на пченица имаме зголемени трошоци што го прави неконкурентно на пазарот. Според она што засега го имаме како пресметка, дури може и да не се исплати да произведувате сопствена пченица туку да увезувате – вели Александар Миловски раководител на секторот финансии продажба и маркетинг во „Фурна Диме“.

И мелничарите велат дека брашното нема да поскапе во наредниот период иако трошоците за производство се високи и тие работат со загуба.

– Нема зголемување на цената на брашното, напротив може да се случи намалување на неговата цена. Голема е конкуренцијата на цената на увезеното брашно од соседството. Од друга страна влезните трошоци растат почнувајќи од пченицата како основен репроматеријал, што прават мелниците да не можат да опстанат. Со години работиме под минимум, односно со загуби. Дел од мелниците затворија и со право бидејќи нема услови за опстанок на оваа индустрија – вели Тодор Ѓорѓиевски, извршен директор на мелницата „Кадино“.

Компаниите од месната индустрија најавија драстични поскапувања на цените на сувомесните производи ако за еден месец не им се одобри увоз на редовно одобруваните количини на замрзнато свинско месо.

Од Министерството за економија велат дека нема услови за ново замрзнување на цените на основните прехранбени производи, бидејќи за тоа нема законски услови.

– Според членот 29 од Законот за трговија се дава можност да се донесе одлука за определување на највисока цена на одделни производи на трговијата на големо и трговијата на мало во следните случаи: природни и други непогоди во државата, кога настанале или би можеле да настанат сериозни пореметувања во трговијата, пореметувања во снабдувањето на населението или пореметувања во други области кои го загрозуваат животот и здравјето на граѓаните; сериозни пореметувања на домашниот пазар поради недостаток на стоки неопходно потребни за производството, преработката и за животот и здравјето на граѓаните; нарушување на домашниот пазар заради злоупотреба во прометот на одделни производи и стоки, воена состојба или непосредна закана за независноста и интегритетот на државата и потреби за осигурување на производите, суровините и репродукциониот матеијал што се од посебно стратешко значење за одбраната – појаснуваат од Министерството за економија.

Со прогласување на пандемијата од СЗО на 11 март 2020 година, Владата донесе одлуки со кои се определија највисоките цени во трговијата на големо и трговијата на мало на: леб, сол, шеќер, зејтин, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, тестенини, лекови, лична заштитна опрема, средства за лична хигиена и дезинфекциски средства.

– Целта беше да се заштити од злоупотреба моменталната состојба на пазарот со драстично покачување на цените и да се заштитат потрошувачите во услови на зголемена побарувачка на пазарот за овие производи. Вакви мерки преточени во одлуки според правилата на Светската трговска организација (СТО) може да важат одреден, односно краток временски период, време потребно да се стабилизира состојбата на пазарот – додаваат од Министерството за економија.

Мерката прво важеше до 30 април 2020, а потоа се продолжи до завршувањето на траењето на вонредната состојба до 22 јуни 2020.

Поврзани содржини