Кому му е потребен Камчев во притвор?
Се прашувам по кој правен основ тајната полиција АНБ се бави со осомничени за криминал?! И кој наредил приведување на Камчев без да има барање на ЈО?!, напиша професорот Калајџиев на Фејсбук.
Приведувањето на бизнисменот Јордан Камчев и одлуката да му се определи 30-дневен притвор се проследени со низа контроверзи, за кои медиумите попладнево (недела, 14 март) пишуваат анализи и полемики.
Првата контроверза потекнува од ноторната вистина дека утрово Камчев бил уапсен од полициските алфи кај „Александар Палас”, по што во полицискиот записник е запишано дека е лишен од слобода поради кривичното дело „изборни нерегуларности” од член 158 од Кривичниот законик.
Подоцна, во дел од медиумите (порталот Фронтлајн, на пример), можеше да се прочита дека целата работа во врска со „изборните нерегуларности” ја измислил уредникот на Плусинфо Бранко Героски, за да ги нападне медиумите и да го заштити Камчев.
Сепак, професионалните медиуми, како порталот 360 степени, на пример, увидоа дека во случајот е сторена крупна грешка, при што некој, случајно или намерно, го заменил членот 158 од Законот за кривична постапка, кој зборува за притворот, со членот 158 од КЗ, кој ги инкриминира изборните нерегуларности.
Судот одлучувал врз основа на службена белешка на Агенцијата за национална безбедност (АМБ), која наводно проценила дека Камчев се подготвува за бегство во Бугарија.
Според сознанијата на Плусинфо, таа информација е неточна. Камчев го проширувал ковид-центарот во Клиничката болница „Аџибадем Систина” и договарал вработување на 17 лица нов медицински персонал. Овие, но и други активности на притворениот, покажуваат дека немал намера да бега.
Камчев е во притвор поради службена белешка на разузнавачката служба напишана на една страница. Правен експерт за ова вели:
– Ова е како да сме се вратиле во 1946 година, кога со една дојава на ОЗНА луѓето завршуваа зад решетки.
И професорот Гордан Калајџиев го оспорува постапувањето на АНБ.
– Се прашувам по кој правен основ тајната полиција АНБ се бави со осомничени за криминал?! И кој наредил приведување на Камчев без да има барање на ЈО?! – напиша Калајџиев на Фејсбук.
Дел од медиумите притворот за Камчев го сметаат за обид на власта за дефокусирање на јавноста од актуелните скандали, а некои и како одмаздничка акција на алтуелната власт кон Камчев. Тие нагласуваат дека во судот не се презентирани конкретни сознанија за обид на Камчев за бегство и дека на бизнисмениот му е определен притвор врз основа на претпоставки на разузнавачи, што е крајно невообичаено, а според професорот Калајџиев, не е легално.
Порталот Нетпрес, на пример, шпекулира дека апсењето на Камчев е последица на личниот анимузитет на премиерот Зоран Заев кон бизнисменот. Порталот потсетува на една аудио-снимка објавена лани на социјалните мрежи, во која премиерот вели дека СЈО ќе „направи многу штета”, а тој лично се заканува на Камчев: „Мамето мамино ќе му го е…”
Конечно, се шпекулира и со фактот дека Камчев е фрлен во зандана пред неговото сведочење за аферата „Рекет 2″ за невладината организација „Меѓународен сојуз“. Според нашите сознанија, моќници од власта вршат силен притисок овој судски процес да биде окончан со ослободителни пресуди и така барем малку да се обели образот на поранешното СЈО и на неколку други ликови, чија вмешаност во аферата сериозно го оштетија имиџот на оваа власт.