Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој вечерва беше во обиколка на неколку пункта за да види како се спроведува полицискиот час, порача дека оваа рестриктивна мерка мора во целост да се спроведе и оти нема да има отстапки за никого. Апелираше до сите граѓани да ја почитуваат забраната за движење, а за оние кои нема да ја почитуваат мерката, најави прекршочни и кривични санкции.
– Оваа е мерка која никој не ја посакува, но е неопходна ако сакаме да го прекинеме ланецот на ширење на вирусот и токму заради тоа мораме сите да се придржуваме кон неа. Очекувам, како што започнавме оваа вечер, преку почитување на оваа мерка за забрана за движење, заеднички да допринесеме во наредните 14 дена да имаме намалување на ширењето на вирусот, стабилизација на состојбата и зачувување на здравствениот систем. Убеден сум дека заедно ќе ја добиеме и оваа битка против ковид-19 – изјави Спасовски.
Информираше дека сите полициски службеници се на терен согласно плановите за реализација на одлуката за полициски час.