Со „Агендата – Европа дома“, Владата ќе ги применува европските стандарди и вредности

Заменик-претседателот на Владата, Никола Димитров пред јавноста ја претстави „Агендата – Европа дома“, што според него е клучен документ кој ќе биде водич низ реформите што се пред нас во 2020 година.

552

Денеска премиерот Зоран Заев и заменик-претседателот на Владата Никола Димитров ја преставија „Агендата – Европа дома“, која беше усвоена на денешата седница, а на прес-конференција присуствуваат и вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски и министрите за правда и за финансии Бојан Маричиќ и Фатмир Бесими.

Премиерот Заев истакна дека на денешната седница на владата е усвоен докментот за „Агендата – Европа дома“, кој бил подготвен од заменик-претседателот на Владата, Никола Димитров со тимот од Секретаријатот за европски прашања и во консултација со повеќе ресорни министерства.






– Станува збор за Агенда на Владата, како и другите институции, Собранието, правосудните органи, ДИК, ДКСК и други агенции и комисии. Тие во соработка со владата ќе ги завршат преостанатите активности за целосна европејизација на системот и на нивната работа, според стандардите на ЕУ, како наши одредници – вели премиерот Заев.

Тој вели дека во „Агендата – Европа дома“ се преточени принципите и заложбите поставени како приоритет во владината „Акција 21“, со која е потврдена одлучноста за имплементација на европските стандарди и вредности во секој сегмент во општеството.

– „Европа дома“ е своевиден роковник со утвредни активности и носители на тие активности кои во точно одреден рок треба да ги завршат своите обврски за да ги унапредиме институциите и системот. Преку тоа граѓаните ќе добијат подобри услуги и подобар живот и уште еднаш да докажеме земјата го заслужува местото во ЕУ и природно припаѓа во европското семејство на народи – вели Заев.

Договорот е подготвен врз основа на обврските кои Македонија ги има преземено во рамките на заедничките тела меѓу Македонија и ЕУ, а кои произлегуваат од спогодбата за стабилизација и асоцијација и препораките на Европската комисија.

– Низ реализација на овие европски реформи ќе ги исполниме препораките од Советот на Европа, Венецијанската комисија, ГРЕКО, извештаите и препораките од групата високи експерти од комисии и од други меѓународни извештаи – потенцира премиерот.

За секоја приоритетна област се прецизни цели и активности, надлежни институции за спроведување на активностите и рокови за нивна реализација. За докмуентот се консултирани граѓаниските огранизации кои работат во областа на европските интеграции, како и со делегацијата на ЕУ во Македонија.

Заменик-претседателот на Владата, Никола Димитров пред јавноста ја претстави „Агендата – Европа дома“, што според него е клучен документ кој ќе биде водич низ реформите што се пред нас во 2020 година.

– Покрај сите препораки и извештаи, изготвивме обемен план со конкретни цели и активности во најважните реформски области, конкретни активности и рокови за нивно исполнување. Зборуваме буквално за патоказ што ќе треба да го следат сите надлежни институции, спроведувајќи реформски чекори СЕП ќе ги мониторира и турка, а за динамиката на исполнување или застој редовно ќе информираме. Создадовме план за вистински да ги поместиме нештата изработен заедно со надлежните министерства, кои ќе бидат впрегнати во исполнувањето на овие задачи – рече Димитров.

Тој посочи целта на овој документ не е да ги замени веќе постоечките стратегии, акциски документи и самата програма за работа на владата, туку тој е целосно комплементарен и ги отсликува реформските заложби. Но тоа што овој документ треба да го овозможи е мапирање на клучните чекори и нивно будно следење, заедно со притисок за исполнување на дадените рокови.

– Документот што го имаме дава јасна слика, не само на сите задачи што се поставени во нашиот реформски план и што имаме обврска да ги исполниме, туку и точно делегира надлежности и одговорност. Имајќи ја предвид новата структура на методологијата за пристапување кон ЕУ, согласно групирање на поглавјата, документот се фокусира на кластерот темели или основи што ја диктира насоката на преговори – објасни заменик-премиерот.

Според Димитров реформите се нивни прв приоритет, а се поврзани со изборните реформи, правосудството, борбата против криминалот и корупцијата, основните човекови права, реформите во медиумската сфера, економското владеење и реформата на јавната администрација. Дополнително документот вклучува и реформи за животната средина и климатските промени, бидејќи политиките во оваа област се едни од најважните за квалитетот на животот на сите граѓани.

– Ова се полиња во кои како што гледате имаме доста работа. Токму затоа беше неопходен ваков план со јасни задачи и рокови за сите вклучени – рече Димитров.

Рече и дека СЕП и Владата се подготвени да ги разбијат митовите дека стратегии и планови се прават само тогаш кога се сака да се избега од вистинска работа и оти целта е да се обезбеди фокус и отчетност во реформските чекори, со цел конкретни резултати.

Димитров ги презентираше клучните чекори во областите што ги спомена и што ќе бидат главен фокус, во однос на правосудството во насока на создавање клима и услови за унапредување на владеењето на правото, преку целосно спроведување на веќе донесената законска рамка и со јакнење на човечките и техничките капацитети на судовите, јавните обвинителства, истражните центри, како и во Академијата за судии и јавни обвинители.

Борбата против корупција, посочи Димитров, е важна повеќе од било кога и сите институции од судската, законодавната и извршната власт мора да дадат свој придонес во искоренувањето на овој проблем.

– Токму затоа, целта на мерките во оваа област е да се овозможи систем за евиденција на предмети од висок профил на корупција, подобрување на соработката меѓу ДКСК и Владата, а под координација на колегата вицепремиерот Николовски да се овозможи целосно спроведување на препораките на Комисијата од страна на надлежните институции. Дополнително, се предвидува зајакнато спроведување и активно следење на мерките за зачувување на статусот на Охрид како град на УНЕСКО – додаде тој.

Во однос на медиумските реформи, како што рече вицепремиерот, нивна цел е  да ги овозможат сите услови за јакнење на професионалноста и независноста на јавниот радиодифузен сервис и Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги, а процесот на целосно усогласување на домашно со европското законодавство ќе придонесе кон модернизација на медиумскиот сектор, како и континуирана заштита на новинарите.

За Димитров, реформата на јавна администрација останува една од клучните заложби на Владата и во овој дел ќе се продолжи посветено со процесот на реорганизација и оптимизација на државните институции и фокус на начелата на транспарентност, системот на професионални заслуги и обезбедување на соодветна и правична застапеност на етничките заедници.

– Силно ќе заложиме за унапредување на законодавниот процес, проценка на влијание на регулативата и консултациите со јавноста. Ќе продолжиме со дигитализација на процесите оти само така може да создадеме побрзи, поедноставни и поефикасни услуги за сите граѓани и бизниси – рече Димитров.

Рече и дека иако сме во финална фаза на подготовка на Националната програма за усвојување на правото на Европската Унија за периодот 2021-2025, Агендата Европа дома издвојува и мерки кои се дел од поглавјeто животната средина и климатските промени.

– Реформскиот процес, процесот на европеизација, е долг. Всушност, тој никогаш не запира, бидејќи секогаш ќе се стремиме кон подобро, прифаќајќи ги напредокот и развојот на европското законодавство, на вредностите, на технологијата. Затоа, никогаш нема да се откажеме од нашиот пат, од европеизацијата, од владеењето на правото и бескомпромисната борба против корупција, од почитување и заштита на демократските принципи и основни човекови права, од силна економија, од слободни медиуми. За да успееме на овој пат, мора да сме добро организирани, и координирани и да се осигуриме дека одговорноста ја чувствуваме сите, исто како што сите учесници во една штафета се подеднакво одговорни палката да стаса до целта – истакна Димитров.

Посочи дека СЕП, како главен мотор на процесот на европеизација ќе пристапи кон ревизија на механизмот за управување и координација на пристапните преговори, заради негово усогласување со Новата методологија за преговори на ЕУ.

– Ова значи дека ќе ги ревидираме структурите за преговори, грижејќи се за соодветна координација и инклузивност на процесот, за сите општествени чинители и фактори да си го најдат своето место, за да бидеме спремни во моментот кога стартот ќе биде најавен. И за СЕП има домашни задачи во Европа дома – заклучи вицепремиерот за европски прашања Димитров

Поврзани содржини