Предметот Историја полека заминува во историјата

Предметот историја се изучуваше два пати неделно во шесто одделение, а општество со нула пати неделно. Значи, за овие два предмета ние неделно сме имале вкупно два часа, а сега, откако ќе ги интегрираат, повторно ќе имаме два часа. Тоа значи дека содржината на лекциите по историја се намалува, предупредува професорот по историја Мире Младеновски.

1,042

Се трудам, ама не можам да ја разберам целта на интегрирањето на два наставни предмета во еден. Со таквиот чекор не гледам можност дека нешто може да се подобри во образованието, туку, напротив, може само да се искомплицираат работите. Ова за Плусинфо го вели професорот по историја, Мире Младеновски, откако Владата вчера ја усвои новата концепција преку која од септември ќе се спојат наставните предмети историја и општество.

– Не треба многу ум за да се сфати дека секогаш добиваш помалку ако две нешта ги споиш во едно. Ако сакаат да интегрираат наставни предмети, тоа може да води само кон помалку, а не кон повеќе. Помеѓу колегите постои оправдан страв за губење работни места, а од друга страна, пак, никој јасно не кажува како технички ќе се изведат новите реформи. А никој ништо не кажува, оти никој ништо не знае. Единственото што е јасно е дека ќе се судрат со големи технички проблеми. Тие немаат ни претстава, ниту визија за тоа како изгледа нашиот образовен систем. Како прво, не можеш да правиш проекција според тоа што го гледаш во Скопје. Има неверојатно комплицирани средини, планински села, а имаме и професори кои предаваат во 5 училишта во неделата. Најпрво планираа да ги спојат предметите историја и географија, но се откажаа откако им укажавме дека тие два предмета не можат да бидат еден предмет. А сега одеднаш им текна да ги спојат предметите историја и општество, со тоа што ќе ја намалуваат историјата. И тука постои една проста математичка операција: Предметот историја се изучуваше два пати неделно во шесто одделение, а општество со нула пати неделно. Значи, за овие два предмета ние неделно сме имале вкупно два часа, а сега, откако ќе ги интегрираат, повторно ќе имаме два часа. Тоа значи дека содржината на лекциите по историја се намалува – објаснува Младеновски.






Кога јас одам на пазар, најпрво правам список со продуктите што треба да ги купам, а дури потоа правам пресметка колку пари ќе ми бидат потребни. Не е логично прво да правам пресметка, а потоа да запишувам што треба да купам.

Мире Младеновски Професор по историја

Тој вели сè уште не е распишан Конкурс за програма, а тоа значи дека никој нема претстава како ќе изгледаат тие програми.

– Интересно е тоа што никој нема претстава како ќе изгледа програмата, а имаат претстава колку пари ќе им бидат потребни за такво нешто. Тргнале од наопаку. Кога јас одам на пазар, најпрво правам список со продуктите што треба да ги купам, а дури потоа правам пресметка колку пари ќе ми бидат потребни. Не е логично прво да правам пресметка, а потоа да запишувам што треба да купам. Но, тоа што тие го замислиле да чини е неверојатни 22 милиони евра кои треба да се трошат на нешто што не вклучува материјални набавки. Многу ме интересира како ќе ги потрошат тие пари на нешто за коешто немаат план, туку само идеја. Прво, ние сме единствената држава во Европа каде што се интегрираат наставни предмети. Второ, ниту една меѓународна организација којашто се занимава со образование не сугерира интегрирање предмети. Зошто ние измислуваме топла вода? Ние сме последните во светот коишто имаат право да се обидат да измислуваат топла вода. Ние ги имаме најслабите ученици во Европа, на секое скалило сме последни. Ние можеме само да послужиме како пример за тоа како не треба, а не како треба – вели професорот.

Но, и покрај низата други реакции во јавноста, Владата вчера се пофали дека ја усвоила концепцијата. Ваквиот потег предизвика забелешки од повеќе образовни институции, организации и училишта. Голем дел од професорите не кријат дека стравуваат за своите работни места и предупредуваат за неподготвеност и за недоволна едукација на образовниот кадар за интегрирањето на предметите.

„Концепцијата е во најдобар интерес на децата и во насока на создавање едуцирани и одговорни граѓани, воспитувани во духот на граѓанските и демократските вредности на општеството, што е и основен постулат на Конвенцијата за правата на децата на ООН“, се вели во владиното соопштение.

Министерката за образование Мила Царовска делумно ги посочи новите измени.

– Имаше неколку забелешки кои се дискутираа во јавноста, тоа беше наставниот предмет историја или научната дисциплина што е интегрирана и таа останува интегрирана до шесто одделение. Во шесто одделение во насловот на самата група предмети одиме со историја и општество, до шесто одделение со општество. Согласно Законот за употреба на јазиците од четврто одделение наставните јазици се воведуваат како изборни за граѓаните. Исто така имавме дискусија околу употребата на албанскиот јазик дали да биде изборен или да биде како трет изборен јазик или, пак, да оди со странски јазици. Останавме на изборен предмет од шесто одделение како што е во наставниот план и исто така на почетокот имаше иницијатива да биде прво и шесто, за директно да влезе во предметна, но отидовме со прво и четврто. Во суштина ги опфаќаме во одделенска настава, го правиме влезот на концепцијата за да има повеќе време за шесто одделение за наставните програми што веќе се интегрираат – објасни Царовска.

Реакција пристигна и од Филозофскиот факултет од каде што велат дека предметот историја мора да остане како посебен предмет. Деканот на овој факултет, Ратко Дуев, за Телма изјави дека ставот на Филозофскиот факултет е против интеграцијата на предметите.

Гласни се критиките и на синдикалците. Од Независниот синдикат за образование и наука обвинуваат дека голем број просветни работници не биле воопшто консултирани за новите реформи.

– Најголемите забелешки се насочени кон спојувањето на наставните предмети и за многу голем дел од просветните работници сè уште не е јасно зошто се спојуваат повеќе предмети во еден – велат синдикалците.

Поврзани содржини