До кога ќе плаќаме за Аминта-Ленинова, Ленинова-Аминта…?
МВР појаснува дека не е потребна промена на личен документ, ако се менува име на улица, но граѓаните го тврдат спротивното, зашто како што велат, нив животот им се менува.
Граѓаните негодуваат поради најавата за промена на имињата на улиците во Скопје. Тие велат дека секоја гарнитура на власт се обидува да промени имиња на улици, но на некои промените се реализираат при секоја промена на власта. Тоа, како што велат, им предизвикува непотребни трошоци за промена на личните документи и докажувањето на сопственоста на становите, ако имаат потреба да извадат имотен лист или слично. Од МВР велат дека граѓаните немаат обврска при секоја промена на името на улицата да ги менуваат личните документи. Тоа можат да го направат по истекот на важењето на документот.
Град Скопје објави регистар на имиња на 571 личности, градови, места и историски личности според кои ќе се именуваат улиците, плоштадите и парковите во главниот град.
Но покрај новите имиња, градските власти најавија и враќање на старите на дел од скопските улици. Аминта Трети пак да биде Ленинова, Јордан Мијалков во Железничка, Филип Втори во Стив Наумов. Тафталиџе повторно ќе ја има улицата Мексичка, а Борис Сарафов пак ќе стане 4 Јули.
Оваа информација ги вознемири скопјани кои велат дека партиите си играат од имињата на улиците, а тие треба да платат за промена на адресата на живеење.
– Никој не нѐ прашува дали сакаме да се изложуваме на трошоци со вадење лични документи, нови имотни листови и слични документи кои се бараат за сѐ и сешто. Велат ќе ја менуваме адресата тогаш кога ќе ги вадиме новите документи. Е добро, а дали некој нѐ прашува како сакам да се вика улицата на која живеам? Секој нов мандат на градоначалник ете ти ново име. Ленинова, Аминта, Аминта Ленинова си играат со имињата, а ние не знаеме на која улица живееме. Таман се навикнавме на едно, ставиле друго. Веќе и не размислувам на која адреса живеам. Ама Водовод, ЕВН, Телеком, А1, даночници и сите други, нека се снаоѓаат и нека ме бараат ако сакаат да им платам – вели жител од улицата Аминта трети која е на списокот за менување на името.
Искуството на друг граѓанин кое го сподели на Фејсбук е слично.
– Знаете ли дека на многумина може да им се случи, и сигурен сум дека на голем број граѓани им истекува сега важноста на документите, или пак да се мажат, женат, разведуваат и да треба да менуваат адреса, и сѐ си е тоа ок, ама доаѓа моментот, кога на таа адреса ќе треба да се регистрира извесната личност и од домаќинот полицијата ќе бара документи од општина за сопственост и за катастарски промени на улицата, што секое домаќинство ќе го чини плус одредена сума пари, која на годишно ниво собрана не изгледа баш мала, а сето тоа поради ваквото менување на улици на секои 5-10 години. Јас имам исто искуство, додека менував лична карта улицата ја преименуваа со друго име, ајде по катастари, по општини, барање за докажување на сопственост, не знам што за улицата и тоа мораше татко ми да го бара како сопственик на куќата, земјиштето, после тоа брат ми возачка дозвола да вади, а личната карта му е на старта улица, ајде и за него. И така во круг. Знаете ли колку пари инкасираат општини, катастри и слични иституции, од ваквите институционални хирови… – коментира на Фејсбук скопјанец.
Од Министерството за внатрешни работи за Плусинфо рекоа:
– Доколку се врши промена на имињата на улиците и булеварите во Скопје согласно Законот за лична карта и Законот за патни исправи не е потребно да се менуваат личните карти и патните исправи.
Но членот 8 од Законот за лични карти вели дека при промена на адресата на станот на живеалиштето, граѓанинот е должен да поднесе барање за замена на личната карта со нова. Барање за замена на личната карта се поднесува најдоцна во рок од 30 дена пред истекот на рокот на важењето на личната карта. Додека членот 15 од истиот закон вели дека ако граѓанинот не поднесе барање за замена на лична карта ќе се казни со една шестина до една половина од плата.
Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов денеска рече дека ниту една улица во Скопје во моментов не е преименувана.
– Ова е процес во кој сите сме вклучени и согласно таквите реакции ќе одат именувањата – изјави денеска градначалникот Петре Шилегов по реакциите во јавноста за новите предлози за преименувања на дел од улиците во главниот град.
Шилегов посочи дека процесот е започнат уште во 2019 година и оти нормално е да се јават реакции, но дека за разлика од порано, сега граѓаните се вклучени во овој процес, се слушаат нивните размислувања и сугестии и согласно тоа ќе се вршат преименувањата. Според него, се работи за комунално прашање, кое не треба да се политизира.
– Не е „Ленинова“ во чест на Владимир Илич. „Ленинова“ е „Ленинова“ за скопјани. Ако тоа не можете да го разберете, не можете да размислувате да бидете дел од Скопје во оваа смисла во која зборувам. „Железничка“ е „Железничка“ за скопјани. Таков тип на евидентни порано насилно скршени преименувани улици и скршена волја на граѓаните, едноставно мораме да ја корегираме. За тоа впрочем разговарав и со граѓаните во кампањата 2017 и тоа е едно од ветувањата што ги кажав – рече Шилегов по денешната заедничка прес-конференција со премиерот Зоран Заев за претстојната реконструкција на Кејот 13 Ноември.
За премиерот Заев, најважно е Советот како надлежна институција да ги слуша мислењата на граѓаните.
– Важно е Советот како директно одговорен и биран од граѓаните на Град Скопје или во општините, да постапува онака како што граѓаните укажуваат – додаде Заев.