За два дена вакцинирани 453 медицински лица од ковид-центрите
Откако ќе заврши вакцинирањето на вработените во ковид центрите ќе се почне со имунизација на граѓаните над 70 години.
453 здравствени работници кои работат во ковид центрите се вакцинирале во изминатите два дена. Откако ќе заврши вакцинирањето на вработените во ковид центрите ќе се почне со имунизација на граѓаните над 70 години.
Тече и пријавувањето на веб страницата vakcinacija.mk, како и преку матичен лекар за сите граѓани над 70-годишна. Досега на веб страницата 58.500 граѓани изразиле желба за вакцинација, а преку матичен лекар 32.917 граѓани над 70-годишна возраст.
Во тек е имунизација со вакцината од производителот „Фајзер“, а кон крајот на месецот во нашата земја се очекува да стигне и вакцината на кинескиот производител „Синофарм“, од каде во директни преговори се купени 200.000 вакцини против ковид-19.
„Имунизацијата на медицинските работници се одвива непречено и со полн капацитет во модуларната болница на Инфективната клиника во Скопје, каде се поставени 6 вакцинални позиции, се работи во две смени од 8 до 20 часот, од понеделник до сабота“, соопшти Министерството за здравство.
Македонија преку КОВАКС механизмот има обезбедено 833.000 дози вакцини, а правата испорака во март ќе биде со вакцината на „АстраЗенека“. Од оваа вакцина за Северна Македонија се предвидени помеѓу 103.200 и 175.200 дози, од кои околу 35% треба да пристигнат во првиот, а останатите во вториот квартал од годината. Во правата испорака на Ковакс механизмот за вакцини „Фајзер“ вклучени се само 18 земји, а не се вклучени земјите кои почнале сопствени програми за вакцинација против ковид-19.