Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти MKD-CIRT одржа серија бесплатни вебинари за сајбер-безбедност
Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти MKD-CIRT ги организираше овие вебинари за да им помогне на поединците и организациите да ја спознаат потребата и важноста на сајбер-безбедноста, овозможувајќи размена на практични искуства и споделување на совети за најдобра заштита.
Сајбер-безбедноста никогаш не била поважна. Од почетокот на пандемијата со корона вирусот во март минатата година кога поголемиот број организации ширум светот се одлучија да ги напуштат своите канцелариии и да работат од дома, ризиците за сајбер-напади значително се зголемија. Споделувањето на чувствителни информации преку Интернет е поголемо од кога и да е, а со самото тоа неопходна е соодветна сајбер-заштита.
Со цел да ги запознае поединците и организациите со потенцијалните ризици и да им помогне подобро да се заштитат, Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти MKD-CIRT со поддршка на DCAF – Geneva Centre for Security Sector Governance, организираше серија бесплатни вебинари за сајбер-безбедност. Беа одржани вкупно 4 вебинари, со повеќе од 400 учесници, на кои беа разработени различни теми од областа:
Вебинар 1 „Безбедна комуникација по е-пошта“
Опфати објаснувања и презентации за повеќе прашања од областа: како да се спречат 81% од фишинг-напади, како да се овозможи DMARC, SPF и DKIM, кои се вообичаените грешки при конфигурација на е-пошта и многу повеќе.
Вебинар 2 „Безбедност на веб-апликации”
На овој вебинар разработи теми како што се: важноста на вклучувањето на безбедносните контроли и мерки во веб-страниците и апликациите, сајбер-напади поврзани со веб-страници, ризици и предности на самостојно хостирање и поставување веб-сајтови на клауд и други теми.
Вебинар 3 „Фишинг-напади и како да се заштитите”
Дел од темите на овој вебинар беа: што се фишинг-напади и како се користат, како криминалците ги користат овие напади поврзани со пандемијата, како се користи е-пошта, социјални мрежи и пораки за извршување на овие напади, кои сè видови на фишинг постојат итн.
Вебинар 4 „Најдобри практики за сајбер-безбедност”
Се споделија искуства за најдобри практики за компјутерска безбедност за дома, предизвици при безбедно поврзување со корпоративни ресурси од приватни уреди на јавни интернет мрежи, користење на корпоративни уреди дома…
Како предавачи на вебинарите учествуваа г-дин Владан Бабиќ и г-дин Душан Вигњевиќ кои се докажани експерти во областа на сајбер-безбедност.
Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти MKD-CIRT ги организираше овие вебинари за да им помогне на поединците и организациите да ја спознаат потребата и важноста на сајбер-безбедноста, овозможувајќи размена на практични искуства и споделување на совети за најдобра заштита.