РЕК Битола ја финализира набавката на сопствена опрема за ископ на јаглен

Новата механизација ќе има пониски трошоци на ископ за 30 отсто.

683

РЕК „Битола“ вчера склучи договор со неколку економски оператори за набавка на сопствена опрема за ископ на јаглен за непречено производство на електрична енергија. Вкупната вредност на инвестицијата е 1,080 милијарди денари или 17,55 милиони евра, а од објавените 47 парчиња механизација се набавуваат 36, а за останатите веднаш ќе се објави нов оглас, информира директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски на прес-конференција во влада.

Ковачевски рече дека со новата механизација ќе има пониски трошоци на ископ за 30 отсто и дека годинава ќе се набави и циклична механизација за ископите во РЕК „Битола“, за чија набавка се предвидени 26 милиони евра.






– Производството на електрична енергија со што помала емисија на гасови е долгорочна цел на која ние работиме сега и веднаш и вложуваме преку сите наши проекти. Енергетската трансформација кај нас е веќе почната преку проектот „Осломеј“ и неговата трансформација од капацитет кој има производство на јаглен во капацитет кој ќе произведува електрична енергија од Сонце. Изградбата на првата од трите фотонапонски електрани е веќе почната, а останатите се во тендерска процедура. Целиот нов капацитет ќе има инсталирана моќност од 120 мегавати, што е еквивалент на сегашното производство на РЕК „Осломеј“ – рече Ковачевски.

Тој додаде дека се предвидува и во РЕК „Битола“ во следните неколку години да се изградат фотонапонски електрани со инсталирана моќност од најмалку 160 мегавати и когенеративна електрана во рамите на комбинатот со моќ од 250 до 400 мегавати.

Во зеленото сценарио од Стратегијата за енергетика, за која на прес-конференцијата зборуваше премиерот Зоран Заев е превдидено  до 2026 година да биде заменет првиот блок од РЕК „Битола“, кој работи на јаглен со фотонапонска електрана.

– До 2026 година РЕК „Битола“ ќе го исклучи првиот блок за да го заемени со когенеративна гасна електрана со моќност од 250 мегавати за производство на електрична енергија и за топлификација на Битола. Другите два блока ќе се модернизираат до 2023 година со темелна реконструкција на електростатските филтри, а до 2026 година со целосна десулфуризација и декарбонизација со што ќе им се продолжи векот на траење и ќе им се подобри еколошката прифатливост за да ги задоволат европските стандарди – рече Заев.

Тој рече дека енергетската транзиција на земјава која се одвива има за цел земјата да се ослободи од  фосилнитре енергенси и да се пренасочи  кој Сонцето, ветерот, водата и природниот гас.

Покрај замената на горивото во РЕК Битола, како приоритен проекти за годинава премиерот ја наведе изградбата на хидроелектраната „Чебрен“ за чија изградба кон крајот на минатата година се појавија неколку заинтересирани инвеститори.

Тој нагласи дека во последните три години интензивно се инвестира во гасификацијата на земјата, се планираат и се инвестираат фотоволтаични централи на приватно и државно земјиште и ќе се создава фонд за енергетска ефикасност за реализација на проекти пред се во јавниот сектор.

Поврзани содржини