Протестен марш пред МВР и Обвинителството: „Јавна соба“ е кривично дело
Бараме од Јавното обвинителство неодложно и темелно да го расчисти случајот „Јавна соба“, кој претставува кривично дело во кое голем број жени се жртви на родово засновано насилство, бараме соодветни казни за администраторите на групите, како и сите членови кои праќале и се уште праќаат фотографии и пишуваат лични податоци на девојки и жени, бараме и инсистираме сексуалното вознемирување преку интернет посебно да се регулира и во Кривичниот законик, араме соодветна грижа за жртвите од надлежните институции, велат од Платформата за родова еднаквост.
Платформата за родова еднаквост организира протестен марш, на кој ќе бидат соопштени барањата до институциите за темелно расчистување на случајот „Јавна соба“ и за сеопфатен пристап во справувањето на државата со родово базираното насилство, кое во разни форми е широко распространето и вкоренето во нашето општество.
Маршот ќе се одржи утре со почеток во 14.30 часот пред Министерството за внатрешни работи, преку булеварот Јордан Мијалков, Кочо Рацин, Кејот Димитар Влахов и ќе заврши пред Основното јавно обвинителство.
– И на двете локации ќе се обратиме до јавноста и институциите, а ги охрабруваме и жртвите на „Јавна соба“, доколку се подготвени, да ја искористат оваа шанса за да проговорат и побараат правда. Сметаме дека целосното разрешување на овој случај е шанса за институциите да покажат дека и во пракса се залагаат за женските права и безбедноста на жените во онлајн и физичкиот простор. Затоа, бараме од Јавното обвинителство неодложно и темелно да го расчисти случајот „Јавна соба“, кој претставува кривично дело во кое голем број жени се жртви на родово засновано насилство, бараме соодветни казни за администраторите на групите, како и сите членови кои праќале и се уште праќаат фотографии и пишуваат лични податоци на девојки и жени, бараме и инсистираме сексуалното вознемирување преку интернет посебно да се регулира и во Кривичниот законик, араме соодветна грижа за жртвите од надлежните институции – велат од Платформата за родова еднаквост.
На маршот ќе се почитуваат сите здравствени протоколи за превенција од ковид-19.