Околу 50.000 Косовци се испречија меѓу Села и Заев – Алијанса притиска, власта отфрла условувања

Решавањето на ова прашање е значајно и за Владата како потреба на граѓаните, а секако дополнително е значајно што и најголемата албанска опозициска партија бара начин на решавање на оваа проблематика. Тоа никако не се доведува како услов за коалиција. Ние со партијата Алијанса за Албанците немаме никакви разговори за владина коалиција, вели висок функционер од Владата.

14,835

Законот за државјанство можеби нема да отвори пат Зијадин Села да стане владин партнер, но има шанси премиерот Зоран Заев да го засили тенкото парламентарно мнозинство и за клучни закони да ја обезбеди поддршката и од Алијансата за Албанците. Оваа варијанта стана актуелна по јавната понуда на Села до Заев, Алијансата да биде дел од власта ако мнозинството даде пас за законот за државјанство. И од власта и од албанската опозиција тврдат дека средба помеѓу Заев и Села за проширување на Владата немало, но и двете страни не ја исклучуваат можноста од некаква соработка ако се најдат на иста страна за спорниот закон.

Села во интервју за гостиварска ТВ Глоби не негирал дека Алијанса може да стане дел од Владата, но како услов го поставил законот за државјанство.






– Како изборно ветување рековме дека законот за државјанство ќе се донесе во првите 100 дена. Ова се однесува на комбинациите ако Алијасата за Албанците стане дел од мнозинството. Без законот за државјанство не може да се случи Алијанса да биде дел од Владата – изјавил Села.

Од Алијансата за Плусинфо потврдуваат дека еден од условите да станат дел од владата е тој закон. Но додаваат дека Села изјавата ја дал повеќе како порака дека тој проблем треба да се реши.

– Заев сака стабилно мнозинство. Алијанса за Албанците повеќе е заинтересирана за техничка или за широка владина коалиција која ќе ги затвори спорните прашања како законот за државјанство, недоразбирањата со Бугарија, по што ќе ја подготви земјата за предвремени парламентарни избори – велат за Плусинфо од Алијанса за Албанците.

Од Алијансата велат дека за нив е неприфатливо од старт да се одбие предлогот за државјанство, како што направила Владата испраќајќи до Собранието негативно мислење за законот.

Од партијата на Села велат дека се подготвени преку амандмани предложени од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ да го подобрат нивниот предлог закон со поквалитетни решенија, но дека е важно Собранието да отвори дебата за законот.

Висок владин функционер за Плусинфо вели дека се заинтересирани за таа категорија граѓани да добијат државјанства, но дека за тоа мора да имаат документ, а не преку изјави на сведоци. Од власта негираат дека со Алијансата се водат какви било разговори за владина коалиција.

– Ние сакаме да го решиме проблемот со нашите граѓани кои живеат со години овде и се со цели семејства, но на начин како што е правно исправен и барем со некој документ заради правна поткрепа на одлуките на институциите кои издаваат документи за државјанство. Но вака, преку сведоци навистина е неприфатливо затоа што тоа е субјективно и неиздржано. Секој може да најде сведок и да каже тоа што му е потребно да се каже. Решавањето на ова прашање е значајно и за Владата како потреба на граѓаните, а секако дополнително е значајно што и најголемата албанска опозициска партија бара начин на решавање на оваа проблематика. Тоа никако не се доведува како услов за коалиција. Ние со партијата Алијанса за Албанците немаме никакви разговори за владина коалиција – вели висок функционер од Владата.

Алијасата пред еден месец предложи до Собранието закон за државјанство со кој според нивна пресметка, државјанства треба да добијат околу 50.000 граѓани, пред сѐ, Косовци. Иако во Собранието помина потребата од таков закон, Министерството за внатрешни работи, односно Владата испрати до Собранието негативно мислење за законот, по што не продолжи расправата.

За Владата и за македонските парламентарни партии е неприфатливо државјаните од поранешните југословенски републики и покраини, кои до независноста на 8 септември 1991 година живееле во Македонија, да можат да добијат македонско државјанство само со изјави од сведоци, без да бидат приложени документи како доказ, или, пак, изјава на само едно лице што во тој период било жител или сѐ уште живее во местото во кое живеел барателот, како и за да добие државјанство лицето треба да владее еден од службените јазици во Македонија, односно албанскиот јазик.

Како форма на притисок до власта Алијанса и Алтернатива неодамна ја промовираа кампањата и платформа „Државјанство“ преку која сите граѓани, без разлика на етничката припадност, ќе имаат можност да го претстават својот проблем за добивање државјанство.

Поврзани содржини