ЕУ не е лек за корупцијата
Многумина веруваат дека ЕУ претставува „лек“ за поуспешна борба против корупцијата и криминалот, идеализирајќи го прашањето на ниво на моќна политичка сила која однадвор ќе притисне за да се најде решение за проблемот на раширеното и длабоко вкоренето коруптивно однесување кое го труе и гуши општествениот развој.
Македонија дефинитивно се вбројува во земјите кои не успеваат да воспостават систем на поефикасна контрола на корупцијата, а што суштински ги поткопува напорите за зацврснување на демократските вредности и процеси. Годишните извештаи на „Транспаренси интернешнал“ доаѓаат само како силна потврда на таквата општа перцепција за злоупотребата на службената положба и остварување приватна добивка.
Моралниот колапс на општествената стварност се разлева врз пајажината од испреплетени ситни секојдневни подмитувања и плаќање на услугите за да се „заврши работа“, па се до приграбување неверојатни стотици илјади, па дури и милиони евра. Од такви енормни суми, во една сиромашна земја како Македонија, огромното мнозинство граѓани одблесокот најчесто можат да го видат само во куферчињата со снопови банкноти со кои се маткаат криминални ликови во турските тв-сапуници.
Многумина веруваат дека ЕУ претставува „лек“ за поуспешна борба против корупцијата и криминалот, идеализирајќи го прашањето на ниво на моќна политичка сила која однадвор ќе притисне за да се најде решение за проблемот на раширеното и длабоко вкоренето коруптивно однесување кое го труе и гуши општествениот развој.
Но и реалноста во ЕУ покажува знаци на сериозен дисбаланс. Иако дел од ЕУ-членките, посебно скандинавските земји, како дел од најдобрите земји на глобално ниво, со години наназад се на врвот на ранг-листите на индексот на корупција, не е мал бројот и на земји-членки во кои корупцијата претставува сериозен проблем, како, на пример во Унгарија, Романија, Грција и Бугарија.
Јавното обвинителство на Бугарија, која се смета за најкорумпирана ЕУ-членка, и Европската агенција за борба против корупцијата, ОЛАФ, неодамна потпишаа договор за соработка, со цел да се интензивира борбата против злоупотребата на средствата од европските фондови. Уште од зачленувањето во 2007 година Бугарија е постојано под специјален мониторинг од Страна на Европската комисија, што се однесува до владеењето на правото и борбата против корупцијата и организираниот криминал. Резултатите се сè уште далеку од задоволителни. Премиерот Бојко Борисов го смета тоа за понижувачки однос од страна на Брисел кон Бугарија, иако и самиот повеќепати досега беше споменуван во контекстот на сомнителни коруптивни скандали.
По неколку месеци Европската комисија ќе започне да ги распределува новите, свежи милијарди евра од гигантскиот корона-фонд за обнова. Но никој моментно не е сигурен како ќе заврши таа операција, поради што многумина во Брисел се нервозни. Угледот на ЕУ е на тенок мраз.
Парите ќе бидат поделни со надеж дека ќе им помогнат на земјите кои се најмногу погодени од пандемијата. Но досегашната практика покажува дека контролата на европските пари завршува во дупки без дно. Корупциските шеми се совршено разработени. Се проценува дека Унгарија, на пример, од новиот фонд за обнова ќе добие средства во висина од пет проценти од БДП-то на земјата. Хрватска, која исто така има крупни проблеми со корупцијата, се очекува да добие чекмеџе со евра од околу 20 проценти од хрватско БДП, а проценката за Грција е околу 17 проценти.
Овие баснословни суми, се разбира, нема да се делат како новогодишни пакетчиња. Постојат смерници и критериуми кои треба да се следат. Принципот во основа е дека земјите-членки имаат можност меѓусебно да ги контролираат поднесените молби и да повлечат „ кочница во нужда“, ако се чини дека нешто е погрешно.
Борбата за принципите на демократијата и владеењето на правото во ЕУ е далеку од завршена и успешна приказна, но нешто сепак се случува. За првпат, со помош на новиот „ЕУ-закон за заштита на буџетот на Унијата“, европските пари ќе може да бидат стопирани во земји каде што политичари вршат притисок и ги управуваат судовите и обвинителствата.
Не е сосема нелогично тврдењето дека луѓетo, наместо на демократските права и слободи, им придаваат поголема важност на принципите какви што се владеење на правото и правната држава, компетентноста на јавниот сектор и администрацијата, како и на сузбивањето и контролата на корупцијата – кога ја оценуваат легитимноста на својата влада, имајќи предвид дека исчезнуваат неверојтано многу пари.
Од корона-милијардите на гигантскиот колач на ЕУ ќе се офајдат и земјите-кандидатки, вклучувајќи ја и Македонија. Ќе капне понекоја „трошка“. Но тоа е сепак сосема доволно за да се раздвижат хедонистичките духови и инсталираните корупциски шеми.
Во крајна линија, нивото на едуцираност во оваа област и свеста меѓу македонските граѓани околу штетноста на корупцијата всушност ги потхранува апетитите да се посегне кон пари кои од чесна работа ни на сон не може да се заработат.
Но на најширок план меѓу обичните луѓе, од кои добар дел го преживуваат денот можеби со 100 или 200 денари, и понатаму ќе се релативизира ова деструктивно зло кое со децении наназад ги уништува перспективите на нивниот живот, и на иднината нивните деца. Како што обично кој било во Македонија, без каков било знак на двоумење, може попатно да ви рече: Во ред е, тој е минстер, или е директор, кога ќе земе ако не сега кога е на позиција, ама да има барем мерка, да остави нешто и за народот.
Таквите поразителни сфаќања тешко се менуваат. Сè додека е така, и извештаите на „Транспаренси интернешанал“ нема да се доживуваат како некакво посебно шокантно четиво. Партиските фаворизирања и непотистичките и пријателски шеми во јавниот сектор и во бизнисот, ќе продолжат да исфрлаат нови кадри кои, според принципот „сега му е мајката“, ќе ја чекаат – својата шанса.
А едно такво „одбрано друштво“ и нема баш посебна потреба од ЕУ.