Митко Панов: Бугарија нема ништо со Свети Кирил и Методиј, владетелите им биле пагани во тоа време

Реактуализирањето на Кирил и Методиј кај православните земји, настапува во 19 век во услови на судир помеѓу Грција и Бугарија за територијата и историското наследство на Македонија, во кој директно се инволвира Русија како предводник на пан-словенството и креатор на проектот за Голема Бугарија, вели професорот Митко Панов во интервју за МКД.

17,071

Точно е дека Бугарија нема никаква релација со Свети Кирил и Свети Методиј, чијашто иницијална дејност во создавањето на азбуката и нејзиното ширење во Европа се поврзува со Македонија, а потоа и со Моравија и Панонија. Во тоа време, Бугарија нема никакви релации ниту со Кирил и Методиј, ниту со Македонија, особено што бугарските владетели биле пагани до 864 година, кога биле покрстени од Византија. Ова во интервју за порталот МКД го вели Митко Панов, редовен професор на Институтот за национална историја.

– Треба да се нагласи фактот дека современите византиски извори не споменуваат ништо околу мисиите на светите браќа, поради што словенските житија се главниот извор преку кој се реконструира нивната дејност. Житијата, пак, составени од Климент и учениците на светите Кирил и Методиј, без исклучок ги користат термините „словенски“ или „наш“ народ и јазик. Многу подоцна, охридските архиепископи Теофилакт (кон кр. на XI-поч. на XII век) и Димитрија Хоматијан (поч. на XIII век) составуваат житија за св. Климент Охридски и преку Климент посредно ги споменуваат Кирил и Методиј и значењето на нивната дејност. Треба да се има предвид дека наративот на овие охридски архиепископи бил подреден на византиската идеолошка програма, како и на административно-црковната терминологија што била конструирана од Василиј II по ликвидирањето на Самуиловата држава во 1018 година. Тоа што тие недвосмислено го констатирале е дека Климент го придружувал Методиј уште од најрана возраст во Македонија, во Моравија и Панонија, и дека тој, како и Наум, подоцна истапил како непосреден и доследен продолжувач на традициите на светите Кирил и Методиј. Идеолошката концепција и терминолошка конструкција на Византија подоцна ја копирале владетелите на Второто бугарско царство, кои во функција на легитимирање на претензиите кон територијата на Охридската архиепископија, настојуваат да ги присвојат култовите поврзани со Македонија, меѓу кои св. Кирил и Методиј, св. Димитрија, со тенденција да ги „бугаризираат“ – вели Панов.






По османлиските освојувања, додава тој, Кирил и Методиј се подлежни на заборавот во Османлиска Бугарија, но нивните култови, вклучително и на св. Климент и Наум Охридски, несомнено продолжуваат да се почитуваат во Македонија.

– Реактуализирањето на Кирил и Методиј кај православните земји, настапува во 19 век во услови на судир помеѓу Грција и Бугарија за територијата и историското наследство на Македонија, во кој директно се инволвира Русија како предводник на пан-словенството и креатор на проектот за Голема Бугарија. Оттаму произлегува и национализирањето и „бугаризацијата“ на дотогаш заборавените во Османлиска Бугарија – св. Кирил и Методиј, св. Климент и Наум Охридски, па и цар Самуил – што било подредено од политичките мотиви за обезбедување историско оправдување на територијалните претензии кон Македонија. Нешто на што сме сведоци и денес! Во современите констелации, судирот помеѓу Бугарија и Русија во контекст на традициите на св. Кирил и Методиј, во последно време беше повеќе од евидентен. Тој беше отворено демонстриран со бугарските реакции на изјавата на рускиот претседател Владимир Путин, кој на средбата со тогашниот македонски претседател, Ѓорѓе Иванов, посочи дека словенската азбука дошла во Русија од „македонските земји“. Судирот кулминираше годинава, со изложбата организирана од Русија по повод празнувањето на 24 мај во Софија, со што Москва ја демонстрираше својата директна врска со словенската азбука. Поради тоа, Бугарија побрза политички да го редефинира историскиот контекст за да демонстрира дека таа била исклучиво заслужна за создавањето на словенската азбука и писменост и за нивното ширење во Европа и Русија – објаснува професорот.

Тој додава дека разбирливи се „комплексите“ од Русија, што го констатираат и самите бугарски политичари, а кои датираат од 19 век и имаат врска со директното руско инволвирање во подарувањето на државноста на Бугарија, како и во конструирањето на бугарскиот национален наратив.

– Но во обид да ѝ парира на Русија, а воедно да ја обезбеди својата верзија на историското толкување, а која би ја наметнала при договорената и историски дефинирана (преку комисијата) заедничка прослава со Р Македонија, Бугарија ги заборави Чешка и Словачка! Бугарските политичари не согледаа дека со последните политички ревизии на историскиот контекст, тие всушност самите ја дистанцираа Бугарија од св. Кирил и Методиј, што ги вклучува и нивните традиции, а кои доследно ги продолжил св. Климент во рамките на Охридската книжевна школа. Независно од намерата политички да ги „бугаризираат“ – вели Панов.

Поврзани содржини