ВМРО-ДПМНЕ токми амандмани за пописот – СДСМ ќе ги прифаќа, ама не сите
Опозицијата претходно излезе со забелешки за предложеното законско решение за пописот. Дијаметрално спротивни позиции меѓу власта и опозицијата се за тоа кој треба да го организира и спроведе пописот.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поднесува, а владеачката СДСМ ќе ги прифаќа само конструктивните амандмани за пописот кој треба да се оддржи во април 2021 година. Но, допрва преку собраниска расправа ќе се види дали пописот ќе добие виза и од опозицијата откако вчера ВМРО-ДПМНЕ во Собранието ја бојкотираше првата фаза од законот, а претседателот на државата Стево Пендаровски, во годишното обраќање пред пратениците апелираше власта да ги прифати конструктивните забелешки од опозицијата за пописот.
Во спротивно, стравувањата се дека е можно најважната статистичка операција за државата да биде бојкотирана од опозицијата.
За предлог-законот за попис за кој подолго време постојат дијаметрално спротивставени ставови меѓу власта и опозицијата, според Пендаровски, проблемот е што пописот не се перцепира како статистичка, туку, како класична политичка операција. Тој апелира до власта да ги вгради во текстот сите највисоки статистички стандарди на Еуростат и сите конструктивни предлози на опозицијата за да се добијат валидни резултати чија кредибилност нема никој да ја оспорува.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески, за Плусинфо вели дека се подготвени да ги прифатат конструктивните забелешки.
– Како и до сега што сме правеле со сите закони, така и за овој, поврзан со пописот ќе ги прифатиме забелешките кои што се конструктивни и кои се во насока на подобрување на текстот на законот. Ги очекуваме забелешките на опозицијата ставени на хартија за да ги разгледаме и да разговараме за нив. Оваа тема отворена е подолг период и крајно време е да се даде законска можност за спроведување на пописот, бидејќи резултатите од него се важни за водење на сите политики, образовна, социјална, земјоделска, политиката за рамномерен регионален развој и друго – вели Митрески.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ќе достават суштински амандмани согласно препораките на Еуростат и ОН. Но засега не ја откриваат содржината на амандманите, а со самото тоа, не е познато ни дали тие ќе бидат прифатливи за опозицијата.
ВМРО-ДПМНЕ претходно излезе со забелешки за предложеното законско решение за пописот. Дијаметрално спротивни позиции меѓу власта и опозицијата се за тоа кој треба да го организира и спроведе пописот. Според предлог-законот, пописот ќе го спроведе Државниот завод за статистика, додека барањето на опозицијата е да биде формирана и Пописна комисија составена од експерти која ќе врши супервизија на пописот. Од опозицијата најавуваат дека имаат 23 точки на забелешки, кои според нив се издржани и треба да бидат вградени во законот.
Дали претходните забелешки за пописот на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат преточени во амандмани на предлог-законот за попис ќе биде појасно наскоро. ВМРО-ДПМНЕ бараше со законот да се дефинира и што е резидентно население според дефинициите на ЕУ и на Еуростат. Во законот да се стави кој за кого може да даде податоци. Да се дефинира до кое колено може некој да попише времено отсутен член од семејството. По кои документи ќе се попишува, односно дали ќе биде по пасош, лична карта, извод на раѓање.
Претстојниот попис може да го искомплицира и предлогот на Алијансата за Албанците за измени на Законот за државјанство, со кој се бара поедноставување на процедурата за добивање државјанство, односно со кој ќе се овозможи на околу 70.000 Косовци кои живеат во Македонија да добијат државјанство, а за кој предлог Алијанса не крие дека е во контекст на претстојниот попис.
Последениот попис спроведен во Македонија по нејзиното осамостојување беше во 2002 година. Во 2011 година државата почна со попишување на населението, но процесот беше прекинат поради несогласувања меѓу тогашните коалициски партнери во Владата – ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.