Реалност

Каде живееме ние? Верувајте ми, ја пишувам колумнава и се вртам околу себе, нема покрив којшто датира од 60-те, 70-те години од минатиот век, а којшто не е покриен со азбестни плочи.

2,349

Јасно е дека отсекогаш од исклучително значење ми биле темите кои се поврзани со општествените и политичките динамики, а особено со оние аспекти на нашето секојдневие кои се важни за вистинската демократизација и емнаципација на општетсвото.

Токму затоа би сакал да споделам неколку работи што ме вознемируваат, а кои секако, по разни основи, се штетни за нашата заедница и за заедничкото добро.






Би почнал со АЗБЕСТОТ. Азбестот е неметал кој во втората половина на минатиот век на големо се користеше како репроматеријал со убави карактеристики, најмногу во градежништвото и во инсталираните подземни инфраструктурни зафати какви што се водоводот, канализацијата и друго. После дведецениско користење со длабоки анализи на хемискиот состав на овој неметал се дојде до заклучок дека е многу опасен за човечкиот живот, и само една честичка од него може да биде кобна за секој човек со нарушен имунитет.

Најразвиените земји во светот како САД, Канада и земјите членки на ЕУ, расчистија со овој опасен инсталиран убиец во нашето опкружување со тоа што масовно го отстранија од градбите, покривите, водоводот и канализацијата, односно ја отстранија секоја можност човекот да дојде во допир со него – со својот невидлив и долготраен убиец. Отстранувањето, манипулирањето, транспортирањето и депонирањето на овој отпад е сериозен и скап проект. Скап е од причина што овој отпад мора да биде изваден, транспортиран и складиран на место каде што ќе нема допир со вода и воздух. Предлог на геодетите е овој производ да биде вратен во рудниците од каде е и ископан, меѓутоа со зголемени мерки на безбедност.

Каде живееме ние? Верувајте ми, ја пишувам колумнава и се вртам околу себе, нема покрив којшто датира од 60-те, 70-те години од минатиот век, а којшто не е покриен со азбестни плочи. Ова е тоа што го гледам, а тоа што не можам да го видам со голо око и е вградено во сите градежни објекти е уште поголема опасност.

Градскиот водовод, уште во времето на мојот мандат како градоначалник на Град Скопје, имаше инсталирано 90 километри водоводна мрежа од азбестни цевки. Како градоначалник ја зголемив цената на водата, со цел да се обезбедат средства за реконструкција на водоводот во Скопје со акцент на вадење на азбестните цевки. Во мојот мандат успеав да заменам 10 километри азбестни цевки со поцинкувани метални цевки кои се многу благопријатни во транспортот на водата. Од тогаш, па сѐ до денес, моите наследници не направија ништо за да се справат со овој тивок убиец на човековото здравје.

Ова беше само едно мало резиме за тоа каков воздух дишеме, каква ни е водата што ја консумираме и каква ни е почвата од која се храниме. Нашата еколошка свест, особено во високите политички структури кои се задолжени за менаџирање на современите еколошки стандарди е скандалозно контаминирана, корумпирана и без трошка специјалистичко знаење ниту пак волја.

Почитувани мои, сите набројани сегменти се длабоко компромитирани во нашето секојдневие.

Последиците допрва ќе ги почувствуваме.

Може уште многу да пишувам на оваа тема, меѓутоа ќе ми дозволите да се навратам на втората тема која ме измачува, а тоа се македонско-бугарските односи.

Ниту од далеку не сум човек кој сака да ги разгорува негативните чувства кон нашите соседи. Меѓутоа сакам да го искажам и мојот став.

Актуелната Влада која вчера направи 100 дена од нејзиното формирање, нема легитимитет да преговара за историјата, јазикот, културата и нашата посебност како Македонци. Зошто го велам ова? Прво во предизборната кампања не беше споменато дека до овој степен на понизност ќе се разговара за нас Македонците.

Од мене таков мандат не добиле, а претпоставувам дека и од многумина, таков мандат не постои. Остварувањето на политички поени не смее да биде по цена на нашиот идентитет, јазик, култура. Ниту една Влада нема право да преговара за националниот идентитет како на пазар. Неопходен е консензус за утврдување на црвените линии од сите партии етаблирани во Република Македонија, ама и поддржани од нас граѓаните на оваа држава кои се идентификуваме со оваа етничка припадност. Епилогот после направените глупости во преговорите со Бугарија е следниов: Нашите преговарачи нѐ понижија до степен на неподносливост! Зошто? За да ги убедиме дека треба да ни дозволат да ги почнеме преговорите со Европската унија ?

Почитувани, отпочнувањето на преговорите со ЕУ не значи по автоматизам и влегување во Европската Унија. Вака нестокмени, без достоинство, понизни и корумпирани, никој нема да нѐ сака, ниту почитува. Затоа мора да научиме дека за некои работи воопшто не треба да се преговара. Ако моите соседи Бугари сè уште живеат со сопствената историја како главна алатка со којашто треба да нѐ „дисциплинираат“, тогаш заклучувам дека многу грешат и, за жал, можеби по трет пат ќе ги скршат забите од Македонија.

Токму затоа инсистирам, како што наведов и погоре, неопходен е консензус за утврдување на црвените линии во натамошните преговори. Еве, тоа нека биде новогодишен подарок од нашите политички елити, за кои сметам дека е крајно време да го почувствуваат сопствениот народ и да дејствуваат во негов интерес.

Третата работа, е товарот кој многу ми тежи, а тоа е прашањето за стечајот на Еуростандард банка. Навидум, ова ќе ви се чини само како личен товар, но тој ги надминува границите на личното бидејќи низ овој проблем се огледуваат и општите состојби во државата.

Ќе споменам само две работи, исчезнатите пари од ЕСБ се тука во Македонија. Дали ќе имаме снага и сила и желба да дознаеме каде завршиле? Ова е тест, почитувани читатели, за Владата која треба да докаже дека сме правна држава и дека владеењето на правото важи за сите нас, граѓаните во оваа држава.

Во високо развиените земји, сите институции на државата се ставени во заштита на капиталот, стекнат на чесен начин и поединецот како основна клетка на секое општество. Овие институции се функционални и затоа не можеме да прочитаме или дознаеме за високо организиран криминал во овие земји, додека кај нас во годишните извештаи на ЕУ, ОРГАНИЗИРАНИОТ КРИМИНАЛ веќе 18 години секогаш е на највисоката позиција како девијантна појава со која мораме да се справиме.! Се справивме? Не! Старите велат „кучињата лаат, караванот си врви“.

Дојдов до заклучок дека сите институции во државата наместо да го штитат капиталот и поединецот, тие ги штитат партиските интереси и интересите на поединци кои припаѓаат на одредени кланови и клиентелистички групи.

Почитувани, време е да се разбудиме. Сето ова ни се случува пред очи, а ние молчиме. До кога?

Поврзани содржини