Ставиш образ под ноге и молиш за своју земљу

4,336

Сарказмот на балканските политичари вознемирува. Зад него се крие стариот регионален натпревар за влијание врз Македонија. Кога  толку ја сакате Бугарија зошто чекавте 2020 за да и полетате во прегратки, прашува високиот политичар од Србија, Ивица Дачиќ. Не знае дека имаше идеи тоа да го сториме и порано, кога Милошевиќ ја направи Југославија парам-парче а Дачиќ денес ја брани од нас.

На конференцијата за Југославија организирана од ЕЗ, на која Македонија се залагаше за преуредување на односите во федерацијата на мирен начин, словенечкиот министер за надворешни работи Димитриј Рупел ми постави едно реторичко прашање: Зошто не одите со Бугарија? И додава: Таму не е лошо, бев скоро во посета. Информиран уште тогаш за нашата заедничка историја, тој, всушност, предложи да го свртиме тркалото на историјата наназад, бездруго свесен дека тоа би имало драматични последици врз нас и врз Балканот. Кој би бил интересот на Словенија за ваквото сценарио, се прашав. Одговорот беше лесен: да настане лом на јужните граници на федерацијата и да се олабави притисокот на ЈНА врз неговата република.






Но, таквата политика ќе беше целосно спротивна на интересите на Македонија чија специфична геополитичка положба и национална композиција налагаше внимателно и одлучно да го браниме сопстевениот интерес. За кого сте всушност вие? За Србија или за Словенија, прашува во пауза Рупел. За себе, велам. Она што ним им изгледаше како „нешто помеѓу“ всушност беше автентичната трета позиција на Македонија. Кога, неколку децении после овој разговор, претседателот на Словенија ја посети Македонија, на наводаџиско прашање на македонскиот новинар што мисли за поведеието на нашето раководство во деновите кога тие крвавеле против ЈНА, умниот Милан Кучан одговори дека тоа, на најдобар начин, ги бранело интересите на својата земја.

Зборот ми е дека и тогаш како и сега одговорни политичари се раководат од интересите на сопствената држава. Но, во моментот кога се афирмира начелото „секој за себе“ и се распадна федерацијата во крвави етнички војни, се распаднаа и сојузите од Југославија и се родија нови. На поранешниот српскиот минстер за надворешни работи Дачиќ, се сеќавам, му беше тешко да разбере и како тоа помеѓу Србите и Албанците, македонската политика се определува за вториве. Па така што експлозијата што ја предизвика Милошевиќ ја запревме на границите на нашата земја менувајќи ја во мултиетничка со полна рамноправност на сите етнички заедници. Така Албанците, нашите сограѓани,  ни станаа поважни од Србите, некогашните сограѓани.

И нашето отворање кон Бугарија мора да поаѓа од фактот дека сме две засебни држави кои имаат свои специфични државни интереси. Далдисани по историските теми не треба да заборавиме дека мирот и внатрешната кохезија меѓу граѓаните и етничките заедници се примарните прашања за нас. Стратешки државен интерес е и членството во ЕУ. Причини: безбедност, демократија, фундаментални слободи, владеење на правото…

Не им е лесно на македонските политичари. Тридецениската голгота која ја минавме со грчкото вето ги научи дека без оглед на прокламираните европски принципи никој во Брисел не може да им помогне ако самите не си помогнат. Зошто Заев вака „недостоинствено“ го брани нашиот државен интерес? Искуството ме учи дека има моменти кога загрижени политичари знаат да кажат дека врне и кога ги плукаат. Чукајќи на вратите на големите сили во одбарана на државниот интерес, го среќавам министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина на некој аеродром. Како иде, прашувам. Ево, вели Харис Силајџиќ, ставиш образ под ноге и молиш за своју земљу. Си помислив: навистина, вака никогаш не сум молел ниту ќе молам за себе лично.

Поврзани содржини